Во пресрет на семинарите идната седмица сакам да ви дадам некои напатствија како да направите добра power point презентација. Искрено се надевам дека нешто од ова ќе го примените во вашите презентации.
Презентирањето е процес на пренос на информации и притоа треба да внимавате на сите детали и да имате добар контакт со публиката. При презентирањето треба да знаете на која целна публика и се обраќате (во училиште, на клиника, на институт, презентирање на семинарски труд, научен труд, приказ на проект, итн.). Презентацијата е помош за предавачот, а не негова замена. Слајдот треба да ги нагласи битните елементи од предавањето и да укаже на тоа што предавачот го зборува. Слајдот треба да е кус, директен и да вклучува само клучни зборови. За да може вашата презентација да биде прикажана на екран или ѕид, текстовите и сликите треба да бидат во рамка од 95% од слајдот.
Структурата на презентација треба да изгледа вака:
Прв слајд: од кој универзитет, факултет, институт доаѓате, наслов на темата, датум и каков тип на случување е тоа, кој е предавачот.
Втор слајд: основна порака за да привлечете што поголемо внимание.
Трет слајд: преглед на презентацијата (содржина на пример).
Останати слајдови: на врвот наслов на секој слајд и важни елементи кои треба да се потсетник за предавачот. Сите слајдови треба да се нумерирани.
Последен слајд: контакт информации (телефон, електронска пошта, веб страница, Фејсбук адреса, блог, Твитер и сл.).
Треба да се придржувате до формата на слајдовите. Наслови, поднаслови и логоа треба да се појавуваат на исто место на сите слајдови. Маргините, фонтовите и боите треба да се во склад со графиконите кои секогаш треба да се наоѓаат на исто место во секој слајд.
Конкретно времетраењето за презентација на семинарските трудови ќе изнесува 10 минути што значи дека треба да имате помеѓу 10 и 15 слајдови.
Не смее да има пренатрпаност на слајдовите со многу текст. Не треба да има вишок на информации. Понекогаш графиконите и сликите можат да се префрлат на други слајдови.
Фонтовите треба да бидат читливи и доволно големи. За основен текст големина најмалку 24, за поднаслови 32, а за наслови 36, 40, или поголеми. Препорачани фонтови се: Times New Roman, Arial, Tahoma, Verdana во МК поддршка за кирилица. Фонтот треба да биде стандардизиран низ целата презентација. Италик не користете бидејќи е тешко за читање. Потцртување се прави само за хиперлинкови. Користете друга боја или болдирање ако сакате нешто да потенцирате. Курзив се користи за цитати, да нагласи одредено мислење или идеи, за наслови на книги, или на списанија. Треба да изберете прикладни, контрастни бои кои треба да се складни со позадината и да не биде прешарено. Користете иста позадина за секој слајд, не експериментирајте премногу. Менувањето на стилот на позадината го одвлекува вниманието. Не користете позадини во кои текстот ќе биде слабо читлив. Секогаш треба да се води сметка за контрастот на боите. При избор на боја водете сметка за просторијата и светлината во неа. Ако просторијата е темна, позадината може да биде темна со светли букви (прим. сино и жолто). Ако просторијата е светла, подобро да се користи светла позадина со темни букви. За графиконите, сликите и шемите бидете сигурни дека публиката може да ги прочита. Графиконот е визулено поприфатлив начин за претставување на броеви, отколку табела. Илустрациите користете ги кога ќе ви затребаат. Треба да се однесуваат на главната порака, на поентата на предавањето. Едноставните дијаграми се одлични за комуникација со публиката. Графиконите, сликите и анимациите придонесуваат за разбивање на монотонијата во предавањето. При изборот на анимација бидете внимателни да не се одвлече вниманието на слушателите од главната приказна на предавачот. Користете набројување со бројки кога има логични сукцесивни чекори.
Не ги користете медиумите да се сокриете позади компјутерот или проекторот. Медиумите треба да ја подобрат презентацијата, а не да бидат презентација сами по себе. Треба да направите проверка на расположливото време, да се проба предавањето во домашни услови. Предолгите презентации одтануваат недоискажани, а пак прекусите презентации оставаат повеќе време за прашања. Испратете ја презентацијата за проверка дали е се во ред со фонтовите, со кодеците, со други додатоци. Имајте секогаш резервен план, на пример ако користите интернет и тој не функционира. Воопшто не треба да сте нервозни и да имате трема. Понекогаш може да се уфрли досетка, тоа го привлекува вниманието и ја разбива монотонијата, но не смее да се претера. Првиот впечаток е најбитен, не се извинувајте однапред, почекајте да се стиша публиката и почнете со голема сигурност во себе. Изразувајте се разбирливо, бидете доволно гласни, движете се ако можете. Мора да дадете енергичност во предавањето, зашто ако ви е досадно вам, тогаш секако и на публиката ќе и биде досадно. Менувајте го тоналитетот, нагласувајте, а ако треба малку и бидете драматични. Имајте контакт со очи со целата публика, а не гледајте само во една точка. Комуцирајте и со публиката и со комисијата ако се работи за одбрана на дипломски, магистерски или докторски труд.
Во однос на семинарите идната седмица сакам да укажам на сите пријавени презентери дека вашите презентации треба да ми ги пратите најдоцна до понеделник 21.12.2015 година до 23 часот на мојата електронска пошта. Фајлот треба да биде именуван на следниот начин: име и презиме на презентерот-цртичка-наслов на семинарската-цртичка-кус наслов по кој предмет е семинарската работа.
Пример: Симона Трендафилова-Генетско советување-ХГ. Во продолжение уште напомени за добра презентација.
Во надеж дека малку ви помогнав во вашите презентации, срдечно ве поздравувам.
Предметен наставник
No comments:
Post a Comment