Thursday, March 21, 2013

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА ПО ПОВОД ОДРЖАНАТА ТРИБИНА ПОСВЕТЕНА НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА DOWN СИНДРОМОТ

Почитувани новинари и новинарки,
Бидејќи не не` удостоивте со вашето присуство на денешната трибина по повод светскиот ден за лица со Даун синдром, ви испраќаме соопштение до медимуите. Искрено се надеваме дека ќе ја објавите веста во вашите медиуми.

На 21.03.2013 година со почеток во 10 часот, во големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет – Скопје, се одржа трибина по повод светскиот ден на лицата со Down синдром. Темата носеше наслов: ,,Дали лицата со Down синдром се маргинализирани или вклучени во македонското општество“, а истата беше во организација на Македонско научно здружение за аутизам (МНЗА) од Скопје, Трисомија 21 од Загреб, Хрватска.
За тоа колку е актуелна оваа тема кај нас, говореше и фактот што на настанот присуствуваа над 300 посетители.
На присутните им се обрати продеканката проф. д-р Лена Дамовска, која ги поздрави присутните ѝ им посака топло добредојде, а како доказ дека и локалната самоуправа се грижи за лицата со Down синдром беше и присуството и обраќањето на Градоначалникот на Општина Центар г-дин Владимир Тодоровиќ. Во продолжение на програмата своја лична поезија рецитираше Александар Матовски – Цако кој е студент на Педагошкиот факултет ,,Св. Климент Охридски“ и автор на две поетски книги и воедно лице со Down синдром. За свои лични искуства како мајка и како претседател на здружението Трисомија 21 од Загреб, Хрватска зборуваше госпоѓа Хелена Меловник Зрињски. Таа е еден од организаторите на оваа трибина, но и мајка на дете со Down синдром. За употребата на Brain Gym методот кај лицата со Down синдром зборуваа Корељка Жепец и Хрвојка Вуковиќ од Загреб, Хрватска кои се дефектолози – рехабилитатори, додека со Коморбидитетот на Down синдром не запозна проф. д-р Елизабета Зисовска, педијатар – неонатолог од Скопје. Проф. д-р Дончо Донев, кој е редовен професор и раководител на Институтот за социјална медицина при Медицинскиот факултет, зборуваше на тема ,,Јавно – здравствени аспекти на Down синдром во Република Македонија“. На крајот од првиот дел следуваше дискусија и кратка пауза.
Денес на овој ден, свој хуман придонес даде и естрадниот уметник Елена Петреска која приреди прекрасна забава за присутните дечињата. Упатуваме јавна благодарност до неа за несебичното учество.
За здрави навики преку здрава храна зборуваше г-динот Живко Јаневски, претседател на невладината организација ,,Slowfood Св. Наум Охридски“. Своја power-point презентација имаше и Христијан Стојанов – Кико кој е осмо одделение и еден од првите корисници на услугите на Отворете ги прозорците – Центар за асистивна технологија, а вооедно и лице со Down синдром. За Поврзаноста на биохемиските нарушувања кај Down синдром и Аутизам зборуваше претседателот на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), а вооедно и еден од организаторите на трибината, проф. д-р Владимир Трајковски. Понатаму своја презентација имаше Росица Колева – специјален едукатор и логопед, посветена на условите за инклузија на лица со посебни образовни потреби во редовните училишта и сестра на
млад човек со Down синдром. За Окупационата терапија кај децата со Down синдром зборуваше г-дин Стојан Андонов – окупационен терапевт од психијатриската болница ,,Скопје“ – Скопје (одделение за окупациона терапија и рехабилитација).
Еден ангел ми препорача, за крај, да Ви пренесам: Моето лице можеби е различно, но чувствата ни се исти, и јас се гордеам со моите успеси, јас сум дојден тука, до тебе, за да научам да сакаш. Љубовта значи прифаќање и доаѓа од срцето. Сите ние имаме иста цел-да бидеме среќни, но тргнуваме од различен старт. Дозволите да чекориме заедно.
Им благодариме на државите коишто децата со Down синдром ги издигнале на вистинско рамниште во општеството, а посебно благодариме што Република Македонија вложува напори да го имплементира оваа прашање во државната регулатива на најсоодветен начин. Благодарност заслужуваат нашите покровители Филозофскиот факултет од Скопје, Т-Home Македонија, Краш комерц Скопје, Ротари клубот "Кирил и Методиј", Кроација рекордс Загреб.



                                                                                               Со почит,
21.03.2013                                                                        Македонско научно здружение за аутизам

No comments:

Post a Comment