Tuesday, June 25, 2013

Дипломска работа - Мануела Крчаноска

Драги колешки и колеги,
Пред малку имавме прилика да учествуваме во одбраната на дипломскиот труд на Мануела Крчаноска под наслов „Пристап до јавните библиотеки на лицата со инвалидност во Р. Македонија„. Беше тоа одлично одработен труд и прекрасна презентација како што доликува на студент на генерацијата (според мене и според многу други мои колешки и колеги). Се разбира колешката доби највисока оцена десет. Трудот ќе го пријавиме на некоја од регионалните конференции, а ќе го објавиме и во некое списание. Како и вообичаено трудот го споделувам со стручно научната јавност од Македонија и пошироко.
Менторот

Monday, June 24, 2013

15 ЕКТС поени - втор пат јуни 2013

Почитувани студентки и студенти,
Сакам да ве известам дека на 27 јуни (четврток) од 10 до 13 часот ќе можете да ги одбраните вашите задачи ако сакате да ги полагате испитите во августовско-септемвриската сесија. Ова е последен термин пред летните одмори и кој го пропушти тоа ќе биде негов проблем. Ве очекувам.
Предметен наставник

Wednesday, June 19, 2013

Студентска универзијада во Тузла

Драги студенти и студентки,
Пред малку добив известување од магистрантката Христина Митрева за студентска универзијада во Тузла. Имено, пред 2 години група студенти и постдипломци беа дел од таа манифестација и колку ми е мене познато одлично си поминаа. Универзијадата-студентско лето се органзиира на иницијатива на Унијата на студенти од Универзитетот во Тузла и ќе трае од 4 до 7 јули 2013 година и поканети се околу 200 студенти од факултети од Хрватска, Србија, Словенија, Македонија и БиХ. Доколку сакате повеќе информации клик на следниот линк.

Професорот (кој прв на овие простори организираше студентски дефектолошки семинар во 1999 и 2000 година)

Sunday, June 16, 2013

Студентски измами

Драги пријателки и пријатели,
Со голема доза на разочараност го пишувам овој пост, бидејќи треба да пишувам за криминогени активности на некои студенти. Некои студенти односот студент:професор го разбираат навистина како вистинска битка, како натпревар во кој професорите треба да бидат изиграни, измамени за да се стигне полесно до целта наречена диплома. Овој пост ви го најавив на ФБ пред една седмица и како и секогаш си останувам на зборот. Имено, за што се работи? Станува збор за случајот Марија Попова, студентка на нашиот институт која сакаше да ја измами комисијата за одбрана на дипломски труд, институтот и факултетот во целост и да пријави дипломски труд без притоа да има положено најмалку 4 испити од курикулумот. Истата таа студентка нема ниту еден положено испит кај мене и кај некои други колеги. Испитите ФФА, ХГ1 и МОИ1 ги положила комисиски, иако за неки од нив воопшто не се појавила на испит кај мене. Ја искористила слабоста на системот, некој ја наговорил дека полесно се проаѓа комисиски и навистина не знам како успеала да помине, кога многу добро ги знам нејзините студентски „квалитети„. Мртва ладна без да има положено ХГ2 и МОИ2 и уште најмалку 2 други испити кај други професори си пријавила дипломски испит, си направила дипломски труд и за големо чудо истиот го одбранила пред трочлена комисија од Институтот. Ќе речете како? Па поднела пријава која не била заверена во „Студентски прашања„, а комисијата едноставно не проверила дали има печат, а тоа се случува затоа што професорите не тргаат од премисата дека можеби некој студент сака да го изигра законот. Кога студенката дошла да си бара диплома, едноставно нема пријави во „Студентски прашања„, нема оцени во индекс, а студентката велела дека наводно го „изгубила„ индексот. Што мислите бре вие драги студенти и студентки дека ние професорите „пиеме нафта„, или сме дојдени од „друга планета„ па не гледаме што се прави и немаме своја компутерска и тефтерска евиденција? Откако комисијата ја открила измамата веднаш реагирала кај Деканот на ФЗФ, кој по одредено време го поништил дипломскиот испит (потег за поздравување). Потоа студентката без „срам ни перде„ се појавила повторно на некои комисиски испити, но процесот е стопиран по итна седница на Институтот на кој едногласно донесовме одлука за дисциплинска мерка испишување од факултет на дотичната студенка. На потег е повторно Деканатот. Во сите цивилизрани земји се знае каква е постапката а тоа би значело исписница од факултет и ставање на црна листа на сите универзитети од дотичната држава. Да не може никаде да дипломира. Искрено се надевам дека Деканатот ќе собере сили, нема да потпадне под разно-разни влијанија и ќе и даде исписница на студентката која не е ни достојна два пати да и го споменам името. Замислите драги мои, таа треба да биде дефектолог, да работи една од најхуманите професии на светот. Како ќе работи со лицата со попреченост ако вака и „сече умот„? Ова мора да пример за другите генерации дека факултетот не е „играчка„ дека студирањето на ФЗФ и УКИМ треба да биде чест и гордост за секој студент, а не место каде што би се измамиле професорите и системот. Вакви кадри ли ќе продуцираме?
Не дека ова е прв случај во нашата понова историја. Имало и порано поситни обиди за измама на пример да се дипломира без еден испит на починат професор во минатото, или да се отиде на комисики испит без 15 ЕКТС поени, но тие случаи биле минорни во однос на овој. Од некаде мора да се почне, за ова едноставно важи слоганот NO PASSARAN.
Професорот

Thursday, June 13, 2013

За 15 ЕКТС поени - јуни 2013

Почитувани студенти,
Сите вие кои немате освоено 15 ЕКТС поени по било кој предмет кај мене, ве поканувам утре петок (14.06.2013) од 11.00 до 13.00 часот да ја завршите таа обврска и да можете да полагате испити во август-септември. Ќе има само уште еден термин во јуни и тоа некој ден од 24 до 28 јуни.
Предметен наставник

Tuesday, June 11, 2013

Уште една успешна одбрана на магистерски труд за аутизам

Драги колешки и колеги,
Вчера на 10 јуни имаве прилика да присуствуваме на уште една успешна одбрана на магистерскиот труд под наслов: „Квалитетот на односот меѓу браќата и сестрите во семејствата кои имаат дете со аутизам„ од страна на Милена Илиќ Пешиќ, а под мое менторство. Други членови на комисијата беа: проф. д-р Ристо Петров и доц. д-р Огнен Спасовски. Кандидатката за 28 минути мошне умешно и со голема доза на стабилност го изнесе експозето, по што следеа прашања на кои прецизно и точно одговори. Уште еднаш моите искрени честитки до неа и да проследиме неколку слики од вчерашниот ден.
Менторот


Saturday, June 8, 2013

Термини за полагање испити за втор циклус студии - јуни 2013 обновено

Почитувани постдипломци,
Поради некои неработни денови како на пример 21.06. и поради зафатеност на колегите првичниот список објавен пред повеќе од 1 месец претрпи мали измени. Во прилог се термините за испитите во јунска сесија во кои сум испитувач или член на комисија.

  1. Медицинска рехабилитација на моторни нарушувања и Кинезитерапија  на 10.06.2013 во 10 часот.
  2. Аутизам на 11.06.2013 во 9.00 часот.
  3. Медицинска рехабилитација на моторни нарушувања и Кинезитерапија  на 17.06.2013 во 14 часот.
  4. Аутизам на 20.06.2013 во 9.00 часот. Поради службено отсуство на проф. Петров испитот се враќа понапред.
  5. Психомоторни развојни растројства и Ментално здравје 13.06.2013 и 19.06.2013 во 9.00 часот.
Ги молам сите кандидати што ќе ги полгаат овие прдмети да ми испратат електронска пошта со назнака кој испит во која декада сакаат да го полагаат.
Раководител на ННК

Thursday, June 6, 2013

Слободен пристап до списанија на SAGE до 30 јуни

Почитувани докторанди и магистранти,
Благодарение на издавачката куќа SAGE до 30 јуни имате пристап до многу трудови од областа специјална едукација. Доколку сте заинтересирани кликнете на линкот. Аирлија читање и симнување на трудови.
Раководител на ННК

Пишување оцени - втора декада

Драги студенти,
Сите вие кои положивте и го пропуштивте првиот рок, ве поканувам утре 07.06.2013 во периодот од 10.30 до 12.30 часот да земете оцена. Оцената се зема лично.
Предметен наставник

Резултати од испитите ХГ и ХГ1

Почитувани студенти,
Во прилог се резултатите од испитите Хумана генетика и Хумана генетика 1. Студентот Борче Петровски што полагаше Медицински основи на инвалидноста 2 освои само 26.5 поени, а му требаа 51 и со тоа не го положи испитот.
Предметен наставник

Wednesday, June 5, 2013

Интервју за Сител - 27.05.2013

Драги посетители,
Во понеделник на 27 мај беше пуштено моето интервју за утринската програма Сител телевизија. Интервјуто во два наврати го најавив на мојот ФБ профил во претходни термини, но поради уредувачкат политика не беше пуштено во тие денови. Се извинувам ако некого сум го дезинформирал. Иако интервјуто траеше најмалку 7 минути, новинарот се одлучил да пушти околу 4 минути. Не се мешам во уредувачката политика на телевизијата и затоа проследете го прилогот што отишол во етер тој ден.
Претседател на МНЗА


Резултати од испитот ФФА

Почитувани студенти,
Во прилог се резултатите од утринскиот испит по Физиологија со функционална анатомија. Честитки за положените, а две од студентките да се јават на устен испит за да го доположат испитот.
Предметен наставник

Резултати од испитите по генетика и физиологија

Почитувани студенти од Институтот за психологија,
Во прилог ви се резултатите од испитите по предметите Генетика и Физиологија кои се многу лоши. Како што гледаaт одредени поеднинци не паѓам под притисоци на урегенции и уште еднаш официјално ве замолувам да не ме бркате по разно-разни канали. Или треба да почнам да објавувам имиња на студенти кои бркаат ургенции, па да им дојде паметот на некои?
Предметен наставник

Monday, June 3, 2013

Пишување оцени прва декада

Почитувани студенти,
Сите вие кои положивте во прва декада испити кај мене и оние кои положија преку колоквиуми ХГ ве поканувам утре вторник 4 јуни во период од 12 до 14 часот. Доколку не можете да дојдете во тој термин не очајувајте нема да останете без оцена. Наредната недела ќе има повторно термин. Во други термини нема да пишувам оцени поради презафатеност и затоа ве молам не доаѓајте кога вие имате време. Оцена се зема лично, а не преку други колеги и колешки. Почитувајте ги термините кои ви ги давам. Тие што положиле преку колоквиум треба да донесат и пријава.
Предметен наставник