Saturday, March 30, 2013

Некои напомени за студентите за нареднава седмица

Почитувани студенти од прва година,
Чувствувам потреба да повторам и да укажам некои работи кои се однесуваат на наставата и семинарските наредната седмица.
Имено, во понеделник ќе се одржи осмото предавање по Хумана гентика на кое треба да присуствувате сите редовни студенти, без поделба во групи и тоа ќе важи до крајот на семестарот. Предавањето започнува во 08:00 часот. Во 11:45 започнува прва група вежби, а во 13:15 треба да дојде четврта група вежби наместо да дојде во вторник во 11:15 часот. Трета група ќе има вежби во вторник во 09:45 часот. На предавања ќе зборувам за пренатална дијагноза и конгенитални малформации, на вежби ќе стане збор за генски мапи и популациона генетика.
Во среда 3 април е последниот ден за предавање семинарски трудови и нив ќе ги примам во кабинет од 08:00 до 15:00 часот. Во понеделник и вторник не примам семинарски трудови. Семинарските покрај во печатена верзија, треба да се закачат на нашиот заедничи Google Drive во делот семинарски хумана генетика. Кој нема да се придржува на овие работи нема да му биде прегледана семинарската работа и нема да му биде бодувана.
Предметен наставник

Осмо предавање ХГ - 2013

Почитувани студенти од прва година,
Во понеделник на 1 април, на ден пред светскиот ден на аутизмот ново предавање по Хумана генетика. Теми ќе бидат пренатална дијагноза и конгенитални малформации. Во прилог неколку видеоклипови како поттик за предавањето.
Предметен наставник

Friday, March 29, 2013

Излезе од печат најновиот број на ДТП/JSER Вол.14., 1-2, 2013

Почитувани читатели,
Сакам да ве информирам дека денес 29 март 2013 година излезе од печат најновиот број на списанието Дефектолошка теорија и практика Вол.14., 1-2, 2013. Што ќе прочитате во него може да се види од предговорот кој ви го проследувам во целост.

Оваа година Институтот за дефектологија го прославува својот 20-годишен јубилеј. Двае­сет години трновит пат во насока на едукација на студентите за една од најхуманите нау­ки, а тоа, несомнено, е дефектологијата. Ова се години во кои се зацврстуваше позицијата на Институтот на мапата на институти на Филозофскиот факултет и на Универзитетот Св. Ки­рил и Методиј во Скопје за да прерасне во еден од највлијателните институти со силен им­пакт во регионални рамки. По тој повод планираме работно да го прославиме овој ју­би­леј со меѓународна конференција што ќе се одржи во хотел Метропол во Охрид од 17 до 19 ок­томври годинава. Повикот за пријавување на трудови е с¢ уште отворен и искрено ве по­ка­ну­вам активно да учествувате на оваа значајна конференција. Ваква е состојбата со пр­ви­от издвач на списанието и додека тој прогресивно го чекори својот пат во врвната наука, вто­ри­от издавач Сојузот на дефектолозите на Р. Македонија тоне во својата декаденција, од­би­ва по втор пат да си ги заврши материјалните обврски преземени со договор и со тоа ја доведува под знак прашање неговата улога како издавач. Во меѓувреме започнува со из­да­ва­ње на стручно списание Специјална едукација и рехабилитација, за што нашата ре­дак­ција искрено им честита, но со тоа врши паралелизам во издаваштвото и како втор издавач си ги затвора вра­тите во нашето списание. 
На ова место сакам да се заблагодарам на соработката на два члена на редакцијата кои во ми­на­тиот број ги завршија своите работни обврски во редакцијата: Ирена Итова и Хрис­ти­на Митрева. Во овој број нивните позиции ги зазедоа Славица Тодорова, преведувач од ан­глис­ки на македонски јазик и обратно, Александра Петковска-Анастасов, лектор по ан­глис­ки јазик и Ана Петковска, технички секретар на редакцијата. На сите нив им посакувам ус­пешна, плодна и долгогодишна работа во насока на подобрување на квалитетот на спи­са­нието.
Фактот што радува е тоа што во овој број се застапени доста интернационални автори од след­ните држави: Босна и Херцеговина, Иран, Кина, Кореjа, Нигерија, САД и Македонија.
Што ќе читаат читателите во овој број? Дефектолошката рубрика се состои од три тру­да кои се однесуваат на: стресот на родителитe на деца со пречки во развојот и нив­на­та поддршка; влијанието на работата на специјалните едукатори и рехабилитатори во редовните училишта на односот со врсниците меѓу учениците со задоцнет развој и пси­хо­социјалното влијание на оштетувањето на слухот на интерперсоналните односи на мла­ди­те со оштетен слух во Нигерија. Во втората рубрика може да се прочита еден ин­те­ресен труд под наслов: Развој на фината моторика и визуелно-моторната интеграција кај децата на предучилишна возраст. Во психолошката рубрика читателите ќе сретнат два труда за мерење на самопочитта кај глувите/наглувите студенти и за споредба на самоефикасноста и надежта меѓу учениците со тешкотии во учењето и учениците без теш­котии во учењето. Во новините од светот читателите ќе се запознаат со инклузија на децата со интелектуални и комбинирани пречки: приод на рехабилитацијата зас­но­ва­на во заедница во Индија.
Во рубриката Вести и информации поместени се корисни информации за неделата на от­во­рен пристап, за проектот од COST-ESSEA програмата, за соработката меѓу Ротари клубот од Скопје и МНЗА и најава за Четвртата меѓународна конференција што ќе се одржи во ок­томври, во Охрид. Во овој број има и апстракт од еден одбранет магистерски труд под нас­лов Бариери со кои се соочуваат младите лица со инвалидност во Република Ма­ке­до­ни­ја низ секојдневниот живот. Овој број завршува со редовните рубрики: Библиографија, Листа на рецензенти и Индекс на автори.


Со почит,
Главен и одговорен уредник



Wednesday, March 27, 2013

МНЗА на средба со Претседателот на Р. Македонија д-р Ѓорге Иванов

Почитувани колешки и колеги, драги пријатели,
Со големо задоволство сакам да ве информирам дека на светскиот ден на аутизмот 2 април (вторник) делегација на членови на Македонското научно здружение за аутизам и семејства кои имаат дете со аутизам ќе одиме на средба со Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.  

За овој проблем ништо не е сторено од страна на државата од ниту една досегашна Влада. Овој проблем во САД веќе има епидемиски размери и тоа се раѓа 1 новородено на 110 деца. Светската статистика говори за катадневно зголемување на бројот на овие лица
Ова е вообичаена практика на слични вакви здруженија со претседатели на држави од регионот. Со оваа средба планираме да ја подигнеме јавната свесност за аутизмот во РМ и би покажале дека оваа популација не е маргинализирана. Родителите би можеле да ги искажат своите проблеми и да се почувствуваат сигурни дека навистина некој во државата се грижи за нив. На средбата се очекува присуство на медиуми со цел запознавање на пошироката јавност за проблемот. Искрено се надеваме дека овој пат медиумите нема да ја игнорираат нашата покана.
Претседател на МНЗА

Tuesday, March 26, 2013

Повик за објавување трудови во ДТП вол. 14, број 3-4, 2013

Почитувани колешки и колеги,
Сакам да ве информирам дека нашето списание е индексирано во 83 бази на податоци. Веќе е отворен повикот за подготовка и објавување на нови трудови за следниот број на Дефектолошка теорија и практика Вол. 14, број 3-4 за 2013 година. Трудовите се поднесуваат на македонски и англиски јазик и не смеат да надминат 30.000 карактери ( за двете верзиии) А4 формат со маргини од 2 см од сите страни. Ве молиме чукајте го текстот со Times New Roman за македонски или во МК поддрпка и за англиски во EN поддршка. Трудовите задолжително се испраќаат во принтана и електронска верзија на адреса:
Редакциски одбор на ДТП
Институт за дефектологија, Филозофски факултет
Бул. Гоце Делчев 9А

1000 Скопје, Република Македонија
E-mail: jser@fzf.ukim.edu.mk
Сега е можно директно аплицирање на трудови преку нашата веб страница  http://jser.fzf.ukim.edu.mk
Краен рок за предавање на трудовите е 30.05.2013 година
Авторите кои нема да се придржуваат до крајниот рок или до упатствата нема да бидат објавувани.
Срдечни поздрави
Главен и одговорен уредник

Monday, March 25, 2013

Аудио материјал од емисијата за аутизам прв дел

Драги пријателки и пријатели,
Сакам да го споделам аудио материјалот од денешната емисија Панта реи која одеше на македонско радио-радио Скопје од 11:00 до 12:00 часот. Емисијата ја водеше господин Чедо Шопкиќ а се однесува на аутизмот. Интервјуто можете да го слушнете овде.
Претседател на МНЗА

Sunday, March 24, 2013

Интервју за аутизмот во Панта реи

Драги колешки и колеги,
Го оставаме светскиот ден на Down синдромот зад себе и се насочуваме кон светскиот ден на аутизмот, а тоа е втори април. По тој повод утре на 25.03.2013 и на 01.04.2013 во два дела-две емисии специјално интервју за „Панта реи„ заедно со господинот Чедо Шопкиќ од 11:00 до 12:00 на македонското радио-радио Скопје.
МНЗА успеаа и оваа година да издејствува „Воинот на коњ„ да биде обоен во сино, благодарение на разбирањето на општина Центар, а инаку за 2 април имаме и едно мало изненадување.
Претседател на МНЗА

Saturday, March 23, 2013

Седмо предавање ХГ - 25.03.2013

Почитувани студенти,
Во понеделник 25.03.2013 година продолжуваме со предавања во 8.00 часот и тоа со втора група. Видеоклиповите од материјалот што е предвиден за предавање можете да ги видите овде.
Предметен наставник

Friday, March 22, 2013

Поврзаност на биохемиските нарушувања кај Down синдром и аутизам

Почитувани колешки и колеги,
Сакам да го споделам моето предавање под наслов Поврзаност на биохемиските нарушувања кај Down синдром и аутизам, а одржано на трибината по повод светскиот ден на лицата со Down синдром - 21.03.2013 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Доколку сакате да ги видите сликите од настанот повелете отворете го следниот линк. Секако дека со отворен пристап ја споделувам со вас и мојата презентација во видео формат.
Претседател на МНЗА