Во 2006 година кога започна блогерајот во РМ напишав пост за Ерозија на високото образоавние. Се крена голема прашина кај тогашните власти во државата и раководството на ФЗФ. За жал не можам да го најдам тој пост во мојот компјутер. Потоа, на 2 април 2008 година ја направив втората верзија или продолжение на првиот пост, кој за среќа ви го проследувам интегрално во целост, без да заменам ниту запирка. Ова е само еден мал дел од тогашните мои размислувања за кои денес гледаме се формира цело движење. Прашања кои заслужуваат одговор: Зошто мора сите средношколци да упишуваат факултет? Зошто дозовливме хиперпродукција на магистри и доктори на науки? Зошто наставниците кои држеа до построги критериуми беа прогласувани за „баба роги„ од страна на системот? Зошто МОН и државата не се претплати на базите од Томсон Ројтерс, пред се` мислам на Web of Science? Зошто државата не направи инспекција на сите неправилности во високото образование и да ги казни сите оние кои намерно или ненамерно грешеле во постапката за избор во повисоко звање? Зошто државата не ги врати приемните испити и со тоа ја зголеми селекцијата на студентите? Зошто државата не го зголеми буџетот за образование и наука од сега проектираниот? Зошто државата не воведе проект за студиски посети на престижните топ 500 универзитети на наставниците и соработниците во времетраење од 1 до 3 месеци како што е случај со докторите? Зошто државата подолго време не финансира врвни македонски списанија и не ги поддржи во насока на добивање фактор на влијание, а бара од професорите да имаат трудови во врвни списанија? Зошто МОН издовојува минимални или никакви средства за финансирање на национални научни проекти? Зошто државата подолго време не дава финансиски средства за престој на конгрес или конференција во странство? Зошто државата ја загрозува автономијата на универзитетите? Илјада зашто, ниедно затоа... Отсекогаш сум бил за позитивни реформи и прогрес во образованието, а посебно во науката. Отсекогаш сум бил за построги критериуми, бидејќи прво сум строг кон себе, а потоа и кон другите. Но, ова што се прави е стихијно, бесполезно, недокажано со претходни студии и анализи и води кон тотален распад на системот. Да не должам многу, ви го проследувам текстот од пред повеќе од шест и пол години па проценете дали сум бил кратковид, иако имам диоптер над -1.0 Д :)
Почитувани,
Сакам со вас да споделам една болна вистина, а тоа е
дека последниве денови се прави вистинска ерозија на високото
образование на УКИМ и на ФЗФ. Сето ова заради промени во Законот за
Високо образование кој неодамна беше изгласан. Како човек кој сака
промени, но на подобро, а не на полошо, чувствувам морална потреба да
укажам на девијациите кои се случуваат во последно време. Факт е дека
подолго време образованието ни е во криза, но со ова што се прави сега
веројатно за некоја година ќе го допреме дното. Имено, не помина ни еден
циклус по ЕКТС, а веќе ни е наложено од Деканатот, а под притиоск на
новиот Закон да правиме нови курикулуми со кои треба нашите Институти,
т.е. факултетот да го сведеме на вечерно училиште. Не беше направена
посериозна евалуација на поминатото досега. Или тоа што се евалуираше
никој не го виде. Имено, нелојалната конкуренција од приватни
универзитети од типот на "Borat University" кои растат како печурки во
РМ, наместо да не освести, таа не фрла во поголема криза. Нашето водство
од страв да не има малку студенти во наредните уписни години прави
грешка во чекори со тоа што ни наложува да кратиме предмети, да
намалуваме вкупен фонд на часови и замислете максимален број на предмети
по семестар мора да биде 5, максимален број на часови дневно 5 часа, а
неделно 25 часа за да не се преоптеретат премногу идните студенти. Па
луѓе мои јас во средно МУЦ имав по 8 часа дневно, а најмалку 7. И зошто
се прави сето ова за да се биде поконкурентен на ФОН, на Европски
универзитет и за да има повеќе пари во касите на факултетите. Мојот
одговор е не за овие промени. За мене подобро на мојот институт да има
20 студенти кои се квалитетни и кои вредат со помалку пари во касата,
отколку 50 студенти од кои 30 студенти не знаат зошто се тука, дали
исполнуваат фрустрации на мама и тато за да земат диплома со која потоа
нема да знаат што ќе прават. Дискутираме тука околу новите предмети и
никој од колегите не вели дека сето ова нечини, дека не води кон пад на
квалитетот, дека ќе создаваме кадри кои недоволно ќе бидат едуцирани.
Замислете ми се нуди опција Хумана генетика 3+2 во еден семестар, а сега
е двосеместрален со 3+1. Каков е тој рез што треба да се направи за да
се задоволат апетитите на студентите и за да привлечат што повеќе на
УКИМ ? Никој не може да ме убеди дека сме на правиот пат. Со ова сме
далеку од Болоњската декларација, односно погрешно ја толкуваме.
Драги професори, колеги вие кои сте надлежни крајно
време е да го сфатите пропустот кој сакате да го направите со резот на
предмети и часови. Се понатаму историјата ќе го проценува, но мене
совеста ќе ми биде чиста дека не сум сакал да учествувам во нешто што е
против сите норми на вистинско високо образование. Што е поважно повеќе
студенти со повеќе пари во касата, или помалку одбрани и квалитетни
студенти ?
Сметам дека овој пост не е антиреклама на УКИМ и ФЗФ и
сметам дека и оваа година според уписите ФЗФ како најстара
високообразовна институција во РМ ќе го има истиот број на студенти,
бидејќи многу од студентите не се платежно способни да можат да одвојат
по 2000 евра годишно како што им бараат од приватните универзитети.
Сакам да ги успокојам колегите професори од нашиот факултет дека ќе
треба со жестока кампања по медиумите и средните училишта да ја остварат
целта за прием на што поголем број студенти. Но, притоа важен е и
квалитетот на тие студенти, а испишувањето од факултетот заради тоа што
некој студент сакал поинаку воопшто не ме загрижува. Па не можеме ние со
сила да ги задржиме оние кои се вработиле, кои влегле во брачни води па
не сакаат повеќе да студираат, оние на кои не им се студира, туку им се
шета, итн.
Раскажувачот
No comments:
Post a Comment