Пред малку од печатница ми го донесоа првиот примерок од мојата најнова книга Хумана генетика и физиологија наменета главно за студентите од Институтот за психологија со кои утре во 09:00 часот го имам првото предавање. Би сакал овде да го споделам предогвоорт кој го напишав неодамна.
ПРЕДГОВОР
По седум години пауза од пишување книги по раѓањето на мојата трета ќерка Изабела на која и ја посветувам оваа книга, решив да напишам едно дело, поточно скрипта и тоа прв пат за студентите од Институтот за психологија. Изминатиот период турбулентен на макро и микро ниво ме спречуваше да го сторам тоа и порано. Секогаш ме води желбата да оставам некаков мал траг зад себе и студентите да можат да учат од едно место компримирано на свој мајчин јазик. Пишувањето на труд кој ги обработува хуманата генетика и хуманата физиологија – две базични и тешки за учење медицински науки претставува вистински предизвик за секој автор. Тежината доаѓа и од таму што никаде во светот овие две науки не можете да ги најдете како споени заедно во еден труд. Но, колегите од Институтот за психологија решија да ги спојат предметите Генетика и Физиологија кои долги години без изборни предмети во еден заеднички задолжителен предмет. Без размислување го прифатив предизвикот и оваа скрипта сега стои пред вас за читање, за учење, за анализирање, за критикување. Во оваа пригода сакам да им заблагодарам на сите колеги и колешки од Институтот за психологија кои безрезервно ја подржаа идејата јас да бидам предметен наставник по истоимениот предмет Хумана генетика и физиологија.
Хуманата генетика и хуманата физиологија се дисциплини чиј предмет на набљудување и истражување е човекот. Хуманата генетика дава теоретска рамка за разбирање на биологијата на човековиот вид. Хуманата генетика е фундаментална и применета научна дисциплина. Таа ги испитува законите за пренос на наследните особини. Хуманата физиологија ја проучува функцијата на човечкиот организам. Познавањето на функцијата ни овозможува да разбереме како организмот реагира на одредена стимулација.
Скриптата е копозициски составена од 16 поглавја, а по секое поглавје следуваат прашања и задачи, кои ќе им помогнат на студентите подобро да се подготват за колоквиум и испит. На крајот од скриптата има богат речник на поими кои треба да ги дообјаснат нејасните работи.
Во пишувањето на скриптата беше користена соодветна домашна и странска литература, вметнати се голем број слики, табели и цртежи, со цел да им се овозможи на студентите подобро усвојување на предвидениот материјал. Скриптата по Хумана генетика и физиологија е наменета пред се` за употреба на студентите од прв и втор циклус на студии при Институтот за психологија, а може да послужи и како интересно четиво за студентите од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, како и за студентите од Медицинскиот факултет во Скопје. Покрај нив, психолозите и лекарите од општа практика можат опширно да се запознаат со основните принципи на овие две базични медицински науки. Со издавањето на оваа скрипта се покриваат сите предметни програмски содржини. Содржината на скриптата доследно ги следи критериумите на студирање според Болоњската декларација. Тенденцијата е оваа скрипта да прерасне во учебник, но затоа е потребно да помине малку време за да се види реакцијата на читателите студенти, чии што коментари ќе бидат добредојдени во насока на подобрување на квалитетот на учебникот.
На крајот од овој предговор сакам да изразам должна благодарност до оние кои на одреден начин го подржаа овој проект. Благодарност заслужува Ѓорѓи Поп - Ѓорѓиев кој учествуваше во финалното техничко уредување на оваа скрипта. Голема благодарност до тимот од „Студентски сервис" – Скопје за дизајнот на корицата и за добрата соработка при печатењето на моите трудови. Инаку вредно е да се напомене дека оваа скрипта е целосно финансирана со сопствени средства и затоа не должам никому благодарност. Огромна благодарност им должам на моите најблиски од семејството Трајковски за нивната морална поддршка во текот на целата кариера од диплмоирањето, па во целиот овој речиси четврт век.
Септември, 2018 година Авторот
No comments:
Post a Comment