Friday, October 5, 2018

Инцијатива против непотизмот на ФЗФ


Предмет: Иницијатива за поведување постапка за донесување интерна одлука против непотизмот на Филозофскиот факултет во Скопје

Почитуван Декане, вонр. проф. д-р Ратко Дуев,

На последната, XIII седница на Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет, одржана на 03.10.2018 година директно ме прозвавте да поведам иницијатива за поведување на постапка за борба против непотизмот, што и го чинам преку оваа мое барање. Сметам дека ваквата практика на ФЗФ треба да прекине и дека вие како деклариран демократ треба да се спротиставите на сите регресивни сили кои го рушат угледот на Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе нашироко во градот се зборува дека сме на второ место по непотизам во Македонија, веднаш зад Медицинскиот факултет во Скопје. Знам дека нема да Ви се допадне, но тоа е факт од кој не може да се избега. Имате историска можност овие коруптивни практики да ги прекинете во иднина и еднаш засекогаш да расчистиме со тие непотистички односи на нашиот факултет. Од некаде мора да се започне. Воопшто не е етично да се негуваат непотистички односи во најстарата високо образовна институција во Р. Македонија. 
Предлагам Филозофскиот факултет во Скопје да донесе интерна одлука за неможност на вработување на блиски роднини како по крвно сродство до најмалку трета генерација, така и на некрвно сродни роднини како на пример: сопруг/а, зет, балдеза, баџанак, сват и слично. Ваква практика веќе има востановено на Економскиот факултет во Скопје, а веројатно тоа е случај и на други високо образовни институции во државата. Колку ми е мене познато Вие сте вработен на факултетот без непотистички конекции и токму заради тоа треба да ја поддржите оваа моја иницијатива. Непотизмот е во основа коруптивно однесување, а ние нели не сакаме да бидеме корумпирани? Слабиот рејтинг на УКИМ на светските ранг листи меѓу другото се должи и на високиот процент на непотизам и корупција во високото образование. Сакаме да одиме напред или ќе стоиме во место? Еве да започнам од мене со позитивен пример: изјавувам под полна морална и материјална одговорност дека ниту еден мој близок роднина нема да помисли да се вработи, а не пак да Ви вршам притисок Вам или на било кој друг за негово вработување на факултетот додека сум јас вработен овде. Дали можете и вие да дадете ваква изјава? Дали имате сила и моќ да спроведете ваква одлука? Одлуката би требало да важи како за професорскиот, така и за административниот кадар. Има нешто што се вели академски интегритет, да видиме дали го поседуваат нашите колешки и колеги. 
Во надеж дека оваа моја иницијатива ќе биде разгледана од органите на факултетот и дека мнозинството ќе се изјасни позитивно, колегијално Ве поздравувам. 

Скопје, 05.10.2018                                                                     Проф. д-р Владимир Трајковски

No comments:

Post a Comment