Ве информирам дека првиот колоквиум по Хумана генетика ќе се полага на 31 март 2026 година во големиот амфитеатар на ФЗФ (А3) со почеток во 8:00 часот. Вие треба да сте најмалку 15-тина минути пред амфитеатарот. Ве замолувам до четврток 26.03.2026 година да ја пополните следната анкета во врска со тоа дали ќе го полагате колоквиумот. Колоквиумот се положува со знаење, а не со ургенции. Го задржувам правото на промена на терминот, заради учество на виша сила.
Јас мислам ви е јасно дека на универзитетот не постојат родителски средби. Навистина не можам да разберам зошто и покрај тоа пуштате ваши родители да ме бараат низ факултетот. Вие сте полнолетни граѓани на оваа држава и треба самите да барате консултации кај мене, а не да ги праќате вашите родители. Родителските средби завршија во средното образование. Тоа е понижувачки и за вас и за нив. Особено, во ден за испити НЕ примам никакви консултации. 1. Заради тоа што прегледувам тестови и сакам побрзо да ви дадам резултати и не сакам никој да ме вознемирува. 2. За да оневозможам евентуални ургенции. Консултации во денови кога имам испит нема ниту за вас. Најискрено ве замолувам да ги почитувате овие правила на игра.
Во овој семестар ќе се полагаат следните колоквиуми по моите предмети: Физиологија со функционална анатомија за студентите од ИСЕР и Хумана генетика и физиологија за студентите од ИП.
Хумана генетика и физиологија во среда 19.11.2025 (голем амфитеатар ФЗФ) со почеток во 8:00 часот. Право да полагаат имаат оние студенти кои имаат потпис и освоено 15 ЕКТС поени од настава и дополнителни активности.
Физиологија со функционална анатомија во четврток 20.11.2025 (голем амфитеатар ФЗФ) со почеток во 8:00 часот. Право да полагаат имаат оние студенти кои имаат потпис и освоено 15 ЕКТС поени од настава и дополнителни активности.
За неколку денови ќе има објавено анкета за полагање и вие мора да ја потполните ако сакате да полагате. Вие сте должни најмалку 15 минути пред почетокот на колоквиумите да бидете ПРЕД амфитеатарот. Го задржувам правото на промена на термините заради дејство на виша сила. За секој случај следете го блогот, особено утрото кога полагате или вечерта пред полагањето. Понесете си најмалку две сини пенкала кои пишуваат. Пишувајте читливо и НЕ бркајте ургенции. Знаете дека, ургенциите НЕ ме тангираат.
Почитуван декан на Филозофскиот факултет проф. д-р Оливер Бакрески, почитуван продекан проф. д-р Огнен Спасовски, ценети членови на МНЗА, драги гости, родители, деца со аутизам, студенти и пријатели на Македонското научно здружение за аутизам,
Дами и господа,
Денес сме овде заедно, обединети од нашата заедничка визија и посветеност, за да одбележиме значаен јубилеј – 25 години постоење на нашето здружение. Создадени на крајот на минатиот милениум, успешно чекориме во новиот милениум! Четврт век исполнет со напорна работа, несебична поддршка и трајни заложби за подобрување на животот на лицата со аутизам и нивните семејства.
Во текот на овие години, Македонското научно здружение за аутизам прерасна во силен сојузник на институциите, организациите и професионалците кои се борат за подобра инклузија, образование и поддршка за лицата со аутизам. Ние, членовите, изградивме заедница заснована на разбирање, почит и солидарност.
Почетоците беа скромни, но исполнети со голема решителност за успех. Еден мајски ден, заедно со професорите Спироски и Ајдински (за жал веќе покоен), ја инициравме идејата за основање на здружението. Наскоро ни се придружија доцентите Василевска и Копачев, а здружението официјално го регистриравме во тогашниот Основен суд 1 во Скопје. Основачкото собрание, кое се одржа на 22 мај 2000 година на Медицинскиот факултет, собра 15-тина колеги и колешки од Институтот за дефектологија и Институтот за имунобиологија и хумана генетика. Од тогаш па наваму, ова здружение растеше, се развиваше и надминуваше бројни предизвици, но секогаш остануваше доследно на својата мисија.
На овој свечен ден, 22 мај, сакам да упатам искрена благодарност до сите вас – членовите, поддржувачите, волонтерите – кои несебично го вложивте својот труд, знаење и љубов за да го направиме здружението она што е денес. Вашата посветеност и хуманост се најголемата инспирација за сите нас!
Во текот на овие 25 години, нашето здружение постигна бројни значајни достигнувања:Со цел да се подигне свеста и знаењето за аутизмот, нашето здружение организираше едукативни активности кои вклучуваа домашни и меѓународни експерти. Имено, бевме организатори или соорганизатори на 6 семинари и симпозиуми во земјата и странство, 5 меѓународни конференции кај нас и надвор од Македонија, организиравме три трибини за Даун синдром со колеги од Хрватска, десетина работилници, а во последните пет години организиравме околу 50 вебинари со светски експерти во областа на аутизмот, како и со наши професионалци. Остварени се студиски посети во Полска, Естонија, Холандија, Англија, Германија, Србија, Хрватска и други држави. МНЗА во моментот е соиздавач на списанието Journal of Health and Rehabilitation Sciences, чиј што издавач е Универзитетот Alma Mater Europaea од Словенија, а во минатото беше и соиздавач на други две списанија.
Долго време на факултетот или во приватните центри нудевме бесплатни дијагностички услуги и совети за третман на децата со аутизам и нивните семејства.
Залагајќи се за правата на децата со аутизам, успеавме да обезбедиме подобри услови за инклузивно образование во училиштата и редовните наставни програми.
МНЗА учествуваше во 20 научни истражувања и проекти главно меѓународни, кои придонесоа за подобро разбирање и поддршка на лицата со аутизам.
Во време на трите пандемиски години дававме онлајн поддршка преку советување, емотивна поддршка и информации за правата и услугите достапни за лицата со аутизам.
Редовно укажувавме за потребата од вработување на возрасните лица кај надлежните авторитети преку иницијативи кои помагаат на лицата со аутизам да најдат работа.
Залагајќи се за правата на децата со аутизам, успеавме да обезбедиме подобри услови за инклузивно образование во училиштата и редовните наставни програми.
Секој човек со аутизам е единствен, со свои способности, потреби и начини на изразување. Тие ни носат нови перспективи, збогатувајќи ја нашата заедница со нивната посебност, таленти и неисцрпна енергија.
Македонското научно здружение за аутизам има незаменлива улога во поддршката на оваа популација. Нашата посветеност, труд и љубов кон лицата со аутизам придонесоа за значајни промени во македонското општество.
Благодарение на МНЗА, многу семејства ја добиваат неопходната помош и поддршка. Здружението ја подигнува свеста за аутизмот, промовирајќи разбирање, прифаќање и емпатија. Преку едукација и истражувања, се подобруваат условите за живот на лицата со аутизам, помагајќи им да ги развијат своите потенцијали и да ја најдат својата улога во општеството.
Нашите активности не само што нудат директна поддршка на лицата со аутизам и нивните семејства, туку ја поттикнуваат заедницата да се обедини и да стане поинклузивна. Создаваме средини каде што разликите се слават, каде што секоја индивидуа е вреднувана и разбрана.
МНЗА е столб на надеж и промена, доказ дека љубовта, разбирањето и заедничката работа можат да го направат светот подобро место за сите. Нашата посветеност е од непроценливо значење за општеството, а нашиот труд покажува дека заедно можеме да изградиме инклузивна и поддржувачка средина.
Аутизмот е глобален предизвик, кој бара внимателност, емпатија и поддршка од сите нас. Но, преку посветеност, разбирање и заедничка акција, можеме да создадеме подобар и поправеден свет за лицата со аутизам и нивните семејства. Постојат значителни предизвици што ги носи оваа состојба, како што се:Рано дијагностицирање и интервенција: Во многу земји, дијагностицирањето на аутизмот доцни, што може да го ограничи пристапот до рана интервенција и поддршка. Сметаме дека овде направивме прогрес во однос на состојбата пред 2000 година.
Пристап до едукација: Образовните системи во многу земји не се адаптирани за потребите на децата со аутизам, што значи дека тие не добиваат квалитетна и инклузивна едукација. На ова поле авторитетите од нашата држава мора да работат уште многу.
Свест и разбирање: И покрај напорите за подигнување на свеста, постојат многу стереотипи и предрасуди за луѓето со аутизам. Ова може да доведе до социјална изолација и неразбирање.
Пристап до здравствена нега: Многу лица со аутизам и нивните семејства немаат пристап до неопходната здравствена и психолошка нега и поддршка.
Правна заштита: Во многу земји, лицата со аутизам немаат соодветна правна заштита и поддршка за нивните права и интереси.
Светската здравствена организација и други меѓународни организации активно работат на подигнување на свеста, подобрување на условите и промовирање на прифаќањето на лицата со аутизам во општеството.
Еден од значајните чекори во оваа мисија беше одлуката на Обединетите нации да го прогласат 2 април за Меѓународен ден за подигнување на свеста за аутизмот, поттикнувајќи глобално разбирање и поддршка. Македонското научно здружение за аутизам со гордост беше пионер во Македонија, чествувајќи го овој ден уште во 2011 година, само четири години по неговото официјално прогласување.
Во три наврати организиравме големи манифестации, а заедно со група родители имавме чест да бидеме примени од поранешниот Претседател на Републиката, д-р Ѓорге Иванов. Овие моменти беа важен сигнал дека аутизмот е прашање кое заслужува внимание, грижа и посветеност од целото општество.
Глобалната заедница мора да работи заедно, градејќи поинклузивно, поподдржувачко и поправедно општество за сите. Иако предизвиците се големи, секој чекор напред носи значајно подобрување во животот на милиони луѓе ширум светот.
Дозволете ми на крајот, со длабока почит и искрена благодарност, да им се заблагодарам на основачите и на сите членови—и минати и сегашни—кои со својата несебична посветеност го изградија ова здружение во она што е денес.
Особена благодарност упатувам до Филозофскиот факултет во Скопје, нашиот дом и силен поддржувач низ годините, како и до родителите и семејствата на лицата со аутизам во Македонија, кои веруваа во нас и продолжуваат да ја градат оваа заедница со својата доверба и поддршка.
Голема благодарност заслужуваат МЦМС, Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, кои во почетокот ни помогнаа со финансирање на значајни проекти, како и нашите партнери од земјите на ЕУ и Европската комисија, кои со својата поддршка го овозможија нашето активно учество во меѓународни проекти, каде и денес играме значајна улога.
Неизмерно сме благодарни на сите донатори и поддржувачи, чии имиња ќе бидат истакнати во делот за доделување на благодарници, како и на м-р Ирена Стојановска, Теа Петрушева, м-р Фики Гаспар, Весна Филиповска, м-р Розалија Бошковски, Стојан Андонов и на студентките од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, кои со својата ангажираност и посветеност го поддржаа организациски овој денешен свечен настан.
Оваа прослава не би била возможна без вас—без вашата посветеност, љубов и безусловна поддршка. Ви благодарам што сте дел од оваа приказна и што заедно продолжуваме да градиме подобро, поправедно и поинклузивно општество!
Нека оваа прослава ни биде потсетник дека нашата борба за подобар и поправеден свет за лицата со аутизам не застанува тука. Да продолжиме заедно да се залагаме за позитивни промени и да создадеме уште поголеми успеси во годините што доаѓаат!
Ве информирам дека првиот колоквиум по Хумана генетика ќе се полага на 1 април 2025 година во големиот амфитеатар на ФЗФ со почеток во 8:00 часот. Вие треба да сте најмалку 15-тина минути пред амфитеатарот. Ве замолувам до четврток 27.03.2025 година да ја пополните следната анкета во врска со тоа дали ќе го полагате колоквиумот. Колоквиумот се положува со знаење, а не со ургенции.
Сакам да ги споделам термините за првите колоквиуми по предметите Физиологија со функционална анатомија и Медицински основи на инвалидноста. Двата колоквиума ќе се полагаат во 8:00 часот на 14 ноември (четврток) во амфитеатар 3 на ФЗФ (попознат уште како голем амфитеатар). Потребно е да дојдете 15 минути претходно. Никакви доцнења не се дозволени!
Ги замолувам сите студенти што не се доволно подготвени да не се брукаат и да не доаѓаат туку-така да полагаат, бидејќи тоа го оптеретува моето време за прегледување. Досега не е познато дека некој студент/ка положиле на среќа. Прашањата можам да ви ги покажам на консултации по завршувањето на колоквиумот, ако ве интересираат, за тие студенти што нема да дојдат да полагаат. Го задржувам правото на промена на терминот заради учество на непосакувана „виша сила“.
Во овој семестар ќе се полагаат следните колоквиуми по моите предмети: Физиологија со функционална анатомија за студентите од ИСЕР и Хумана генетика и физиологија за студентите од ИП.
Физиологија со функционална анатомија во четврток 16.11.2023 (голем амфитеатар ФЗФ) со почеток во 8:00 часот.
Хумана генетика и физиологија во сабота 18.11.2023 (голем амфитеатар ФЗФ) со почеток во 8:30 часот. Право да полагаат имаат оние студенти кои редовно доаѓаат на настава во овој семестар и немаат повеќе од 2 минуси.
Вие сте должни најмалку 15 минути пред почетокот на колоквиумите да бидете пред амфитеатарот. Го задржувам правото на промена на термините заради дејство на виша сила. Понесете си најмалку две сини пенкала кои пишуваат. Пишувајте читливо и НЕ бркајте ургенции.
Најпрвин честит празник „Денот на македонската револуционерна борба“. Ја користам уште еднаш приликата да ги поканам на трибината „Заедницата над комерцијализацијата“ што ќе се одржи утре 24.10.2023 година во салата за седници на Филозофски факултет, УКИМ – Скопје. Соорганизатор е Македонското здружение на медицински уредници.
„Заедницата
над комерцијализацијата“ е темата за овогодинешната Меѓународна недела на
отворен пристап (23-29 октомври). Оваа тема охрабрува искрен разговор за тоа
кои пристапи за отворање стипендија им даваат приоритет на најдобрите интереси
на јавноста и академската заедница - а кои не.
Усвоена
од нејзините 193 земји-членки, Препораката на УНЕСКО за отворена наука ја
нагласува потребата да се даде приоритет на заедницата пред комерцијализацијата
во нејзините повици за спречување на „неправедна екстракција на профит од јавно
финансирани научни активности“ и поддршка за „некомерцијални издавачки модели и
колаборативни објавување модели без трошоци за обработка на написи“. Со
фокусирање на овие области, можеме да ја постигнеме првобитната визија наведена
кога првпат беше дефиниран отворениот пристап: „стара традиција и нова
технологија се споија за да овозможат јавно добро без преседан“.
Кога
комерцијалните интереси се приоритетни пред оние на заедниците на кои
истражувањето сака да им служи, се појавуваат многу загрижувачки прашања.
Неделата на отворен пристап дава можност за поединци да разговараат за прашања
кои се најрелевантни во нивниот локален контекст. Тие може да вклучуваат: Што
се губи кога сè помал број на корпорации го контролираат производството на
знаење наместо самите истражувачи? Која е цената на деловните модели кои
зацврстуваат екстремни нивоа на профит? Кога собирањето и употребата на лични
податоци почнува да ја поткопува академската слобода? Може ли
комерцијализацијата некогаш да функционира во поддршка на јавниот интерес? Кои
опции за користење на инфраструктурата контролирана од заедницата веќе постојат
што би можеле подобро да им служат на интересите на истражувачката заедница и
јавноста (како што се сервери за предпечатење, складишта и отворени платформи за
објавување)? Како можеме да го префрлиме стандардното кон користење на овие
опции за заедницата?
Избрана
од Советодавниот комитет на неделата за отворен пристап, овогодинешната тема
дава можност да се здружиме, да преземеме акција и да ја подигнеме свеста за
важноста на контролата на заедницата на системите за споделување знаење.
Неделата на отворен пристап 2023 година ќе се одржи од 23-ти до 29-ти октомври;
сепак, секој е охрабрен да биде домаќин на дискусии и да преземе акција секогаш
кога е најпогодно во текот на годината и да ги приспособи темата и активностите
на нивниот локален контекст.
Модератор на трибината ќе биде м-р Андреа Ивановска.
Котизација не се плаќа, а сите учесници кои ќе ја проследат целата трибина ќе добијат електронски сертификат.
Задолжително е пријавување на слушателите на Гугл формуларот
Сакам накусо да се осврнам на вчера завршената конференција со наслов „19-ти денови на применета психологија“ што се одржа на Филозофскиот факултет во Ниш, Србија на 29 и 30 септември 2023 година. За оваа конференција бев поканет прво како од претседателката на програмскиот одбор пред 7-8 месеци. Сериозно си ја сфатив работата. Кога зборевме со што да се вклучам, таа веднаш ја прифати понудата да водам поканета сесија за „Аутизам и ментално здравје“. Бев член на програмскиот одбор и одржав едно предавање и бев коавтор на колешките м-р Ирена Стојановска и м-р Елисавета Карастојанова. Доколку сте заинтересирани да ги видите нашите апстракти или било кои апстракти од другите учесници одете на следниот ЛИНК. Конференцијата за жал беше хибридна и имаше многу учесници кои не дојдоа со физичко присуство, туку се приклучуваа на ЗУМ. Сесијата која ја модерирав помина одлично со врвните имиња на проф. д-р Мохамад Газиудин, проф. д-р Ричард Милс, проф. д-р Блејк Хансен, д-р Паола Молтени и д-р Јасир Сиед, како и веќе споменатите колешки погоре. Сесијата ја следеа 10 учесници во училницата и 20 учесници преку ЗУМ, ниту голем број, ниту мал. Впечатоците од организаторите беа одлични, бидејќи сепак тоа им го крена рејтингот на конференцијата. Доколку некого го интересира атмосферата може да оди на АЛБУМОТ на ФБ.
Моето предавање со наслов „Ментално здравствени проблеми за време на КОВИД-19 пандемијата кај лицата со АСН“ можете да го најдете ОВДЕ.
Оној културно-забавниот дел им беше за чиста десетка на организаторите. Уште еднаш ми се докажа правилото дека повеќе сум ценет надвор, отколку дома. Нишките психолози ти даваат почести, учества во програмски одбор, 2 презентации, итн. Скопските психолози ти го одземаат предметот Хумана генетика и физиологија, заради строгост. Но, нејсе, да не испадне дека „плачам“, животот си тече понатаму...
Во прилог се термините за полагање испити по моите предмети од втор циклус на студии за зимската сесија:
Прва декада
25.01.2023 - АСН - 09:00 часот
25.01.2023 - Медицинска рехабилитација на моторни нарушувања - 11:00 часот
25.01.2023 - Генетски аспекти на лицата со инвалидност - 12:00 часот
Втора декада
03.02.2023 - АСН 09:00 часот
03.02.2023 - Медицинска рехабилитација на моторни нарушувања - 12:00 часот
03.02.2023 - Генетски аспекти на лицата со инвалидност - 13:00 часот
Испитите ќе се полагаат најверојатно усно во мојот кабинет. Го задржувам правото за промена на термините и начинот на полагање заради непредвидливи околности со Ковид-19 епидемијата или друго дејство на виша сила, а вие сте должни да го следите овој блог. Ве молам на е-пошта да ми јавите во која декада ќе полагате за да си го организирам времето. Среќно подготвување на испитите!
Семинарот по Хумана генетика и физиологија ќе се одржи во среда на 11.01.2023 година во електронската лабораторија со почеток во 09:00 часот. Присуството на семинарот е задолжително за сите студенти од актуелната прва година, без разлика дали презентираат тема или не презентираат. Присуството и отсуството ќе се верификуваат со плусови и минуси и ако тоа биде трет минус некому, тој/таа нема да добијат потпис. Потписи ќе давам веднаш по семинарот само за тие што заслужиле, т.е. имаат најмногу до два минуса. Никакви молби, жалби и притиосоци не прифаќам. Едноставно тие што имаат три минуси и повеќе нема да добијат потпис, немаат право да полагаат испит и ќе треба да го преслушаат предметот следната академска година. Задолжително носете со себе индекси и потпис давам само лично, не и на други блиски лица кои не се студенти на Филозофскиот факултет во Скопје.
Денес на полноќ истекува рокот за закачување на семинарските презентации во програмот Power Point. Загрижува фактот што некои студентки веќе се откажаа од разно разни причини кои за мене се неприфатливи. Ви реков пред еден месец дека не е сериозно да се пријавувате за семинарот, па потоа да се откажувате. Презентацијата на семинарскиот труд носи од 1 до 5 ЕКТС поени.
Се надевам дека добро се одморивте пранизциве и прославивте убаво. Нека ви донесе новата 2023 година многу студентски успеси. Сега е време да се вратиме на работа со полна пареа.
Вторите колоквиуми по предметите Хумана генетика и физиологија и Физиологија со функционална анатомија ќе се полагаат на 11.01.2023 (среда) во електронската лабораторија на Филозофскиот факултет во Скопје со почеток во 08:30 часот. Потребно е да се биде на местото на полагање најмалку 10-15 минути пред терминот. Ниту еден студент што доцни нема да го полага вториот колоквиум. Право на полагање имаат само оние што го положија првиот колоквиум и тоа 37 студенти од ИП и 4 студенти од ИСЕР. Тие што ќе го положат вториот колоквиум, ќе добијат и оцена по завршување на семинарите која ќе биде објавена на овој блог. Оцената може да се поништи веднаш ако не сте задоволни, но испитот ќе треба да се полага одново на цел материјал. Оцени за вас ќе пишувам кога ќе заврши првата декада во термин што ќе биде дополнително објавен на овој блог. Препишување, договарање и други недолични форми на полагање ќе бидат најстрого санкционирани. Го задржувам правото на промена на терминот заради присуство на „виша сила“.
Сакам да споделам некои извадоци од рецензиите на учебникот „Академско пишување и објавување“
Ракописот „Академско пишување и објавување“ е напишан на 207 страници во А4-формат со компјутерски обработен текст, со единечен проред 0 слики и 18 табели. Користената литература се состои од 130 библиографски единици. Има 9 прилози и Индекс на зборови. Содржината на ракописот се состои од: Предговор, 1. Академско пишување и објавување, 2. Пристап до научни информации, 3. Видови научни и стручни дела, 4. Структура на научен труд, 5. Анализа и интерпретација на резултати, 6. Докторска дисертација, 7. Јазик и стил на научно дело, 8. Документирање на научни трудови, 9. Пишување и објавување во списанија, 10. Научна етика, 11. Сциентометрија, 12. Улогата на метриката на ниво на труд во научното објавување, 13. Презентации на конференции и постери, 14. Литература, 15. Прилози, 16. Индекс на зборови. Предложениот ракопис под наслов „Академско пишување и обајвување“ од авторите проф. д-р Владимир Трајковски и проф. д-р Наташа Ангеловска Галеска е прво издание од оваа област, со содржина која е во согласност со наставните програми на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Според изложениот концепт, обемот, пристапот на обработка и презентацијата на материјата, како и посочената користена литература, овој ракопис се категоризира како учебник. Искрено се надевам дека овој ракопис, како иден учебник, освен што ќе биде од корист за студентите на Филозофскиот факултет во Скопје, истовремено ќе има исклучително значење за сите сегашни и идни генерации на истражувачи кои го избрале академското пишување и објавување како предмет на нивниот интерес.
Проф, д-р Мирко Спироски
Ракописот на учебникот Академско пишување и објавување од проф. д-р Владимир Трајковски и проф. д-р Наташа Ангелоска Галевска е посветен на еден мошне значаен сегмент од целокупноста на процесот на научноистражувачката работа – адекватното претставување на нејзините резултати и дострели во вид на пишани трудови или усни презентации со научен и стручен карактер. Поаѓајќи од основните карактеристики на академското пишување определени во првото поглавје од трудот – јасноста, концизноста, аргументираноста, објективноста, критичноста, непристрасноста, компаративниот и евалуацискиот карактер и насоченоста кон поширока научна публика – авторите на ракописот детално и систематски ги елаборираат клучните предуслови за обезбедувањето на споменатите карактеристики на академските трудови.
Дел од овие предуслови се однесуваат на самиот методолошки квалитет на истражувањата чии резултати тие ги соопштуваат. Оттаму, значаен сегмент од содржината на трудот (особено темите што се третираат во второто, четвртото и петтото поглавје) се однесува на определувањето на самиот поим на научниот факт и научната информација, на типовите документи и бази што се носители на овие видови информации, како и на важноста на употребата на соодветни начини и методи за доаѓање до објективни и соодветно верификувани научни знаења. Во овој поглед, особено значење е посветено на разработката на методолошките елементи на истражувањето чии резултати се презентираат во научниот труд и ја определуваат неговата структура: изложувањето на теориската рамка на истражувањето, дефинирањето на основните поими, проблемот, предметот, карактерот, целите и задачите на истражувањето, хипотезите, варијаблите на истражувањето, популацијата и примерокот врз кои тоа се спроведува, како и на изборот на соодветните методи, техники и инструменти на истражувањето.
Во овој ракопис е изложен опстоен, детално систематизиран, јасен и релевантен третман на принципите, правилата и стандардите на академското пишување и објавување, чие совладување претставува неопходен сегмент од подготовката за квалитетна академска дејност и научноистражувачка работа. Во неговото конципирање, очигледен е напорот на авторите да ги инкорпорираат сознанијата поврзани со следењето на најсовремените трендови во сферата на пишувањето и објавувањето на академските трудови, кон кои нудат не само информативен, туку и критичко-евалуативен пристап. Покрај презентирањето на базичните теориски аспекти на темите што ги третира, посебен белег на трудот претставува силно нагласената практично-контекстуална компонента. Имено, ракописот содржи голем број практични упатства насочени кон студентите како негови примарни корисници, кои треба да им помогнат во операционализирањето на изложените теориски сознанија. Исто така, со оглед на тоа што учебникот е првенствено наменет за студентите на Филозофскиот факултет како единица на УКИМ, во него на многу места се инкорпорирани релевантните нормативни и процедурални одредби поврзани со процесите на дипломирање, магистрирање и докторирање на нашиот универзитет. Сепак, со тоа не се намалува или ограничува теорискиот дострел на учебникот, туку, напротив, се зголемува неговата практична корисност за студентите на Филозофскиот факултет, а со својата општа концепција и вклучените содржини, тој останува релевантен и за сите други индивидуи заинтересирани да дознаат повеќе за принципите и техниките на академското пишување и објавување.
Почитувани колешки и колеги, драги студенти од сите три циклуси,
Со особена чест сакам да Ве известам дека денес, 27.12.2022 година излезе од печат долго очекуваниот учебник со наслов „Академско пишување и објавување“. Долг период во мене тлееше потребата да напишам вакво дело и да ја заокружам мојата издавачка дејност која ја започнав уште како секретар на редакцијата на списанието „Дефектолошка теорија и пратика во периодот 1998-2000 година. Потоа од 2004 до 2008 година бев заменик уредник, за да од ноември 2008 до септември 2017 година бидам и главен и одоговорен уредник на ДТП/JSER. Во меѓувреме бев и сум главен и одговорен уредни на Journal of ReAttach Therapy and Developmental Diversities (2018-2022), а од август годинава на Journal of Health and Rehabilitation Sciences. Со годините наназад се собираше искуство и материјали, за да во април 2021 година конечно решам да седнам и да почнам да го пишувам овој учебник. Тогаш и предложив на проф. д-р Наташа Ангелоска-Галевска од Инситутот за педагогија да биде коавтор. Бидејќи таа држи методолошки предмети, веднаш се согласи и одисејата започна. Поради некои здравствени проблеми речиси во текот на целата 2021 година не бев во можност да работам онака како што јас знам и умеам. Но, затоа, во оваа 2022 година запнав со полна пареа, подоцна се придружи и колешката и така во август го завршивме нашиот дел од работата. Потоа, следуваа редица процедури кои се неодминлив дел кога пишувате универзитетски учебник. Последните речиси две месеци учебникот се средуваше во печатницата, а тоа е прилично долг период. Но, нејсе, да не се жалам многу, важно е дека се „породи“ бебето. :)
Учебникот е посветен на сите студенти кои чувствуваат глад за науката.
Страниците на овој учебник првенствено се наменети за студентите од Филозофскиот факултет во Скопје и останатите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои го избрале предметот Академско пишување и објавување и другите сродни предмети во текот на нивните студии. Учебникот може да биде корисен и за многу поширока популација, односно за сите оние кои се заинтересирани да сознаат повеќе за принципите и техниките на академското пишување и објавување. Академското пишување и објавување е начин на комуникација што треба да е усвоен и практикуван од сите членови на академската заедница.
Во овој пост сакам да се заблагодарам на сите кои на некој начин придонесоа да биде испечатен и да изгледа вака како што изгледа.
Голема благодарност до благодарност до Филозофскиот факултет во Скопје, кој и во овие тешки финансиски времиња издвои средства за печатење на учебникот. Многу сме им благодарни на рецензентите проф. д-р Мирко Спироски и проф. д-р Ана Димишковска за навремената и конструктивна рецензија на книгата. Благодарност заслужува секако и научната фондација „Спироски“ за издвоените средства за лектурата на овој универзитетски учебник. Лектурата за три седмици одлично ја заврши лекторката Љубица Севдинска, долгогодишен лектор со која со задоволство соработувам. Корицата маестрално ја подготви психологот Андреа Ивановска, мој одличен соработник во последните четири години.
Учебникот се продава во Студентскиот сервис на Филозофски факултет по цена од 600 денари. За многу кусо време ќе биде достапен во сите Студентски сервиси при факултетите на УКИМ. Можно е да го има и во други книжарници, ако не претераат сопствениците со високите маржи. Заинтересираните индивидуи кои се надвор од Скопје, ќе можат да го нарачаат по пошта, но затоа ќе треба платат дополнително и за брза пошта.
Доколку чувстувате глад за науката или доколку познавате некој што му треба учебникот, подарете им го како исклучителен подарок за Нова година и Божиќ. Во продолжение на постот можете да ја видите предната корица и содржината на учебникот за да знаете дека „не купувате мачка во вреќа“. Ете си направив реклама, другото е на Вас... :)
Во прилог ви ги праќам термините за полагање на моите испити во јануарско-февруарската сесија 2023 година за студентите од прв циклус. Вие сте ДОЛЖНИ да запишете од задната страна на пријавата во која декада ќе полагате (прва или втора). Ќе има и анкета и ќе треба да ја пополните истата. Јас како предметен наставник го задржувам правото да го променам начинот и терминот заради присуство на виша сила или други фактори или повторно пламнување на пандемијата. Вие сте должни да го следите овој блог заради евентуални промени. Потребно е да се биде најмалку 15-тина минути пред терминот заради навремено сместување на студентите. Препишувањето и други форми на неакадемско однесување строго ќе бидат санкционирани. Пријавите и испитите пишувајте ги со читлив и разбирлив јазик.
Прва декада
23.01.2023 ХГФ и ФФА во Голем амфитеатар 08:00 часот
24.01.2023 ХГ и МОИ во Голем амфитеатар во 08:00 часот
Ве молам по не знам кој пат не ги праќајте вашите семинарски трудови на мојата е-пошта. Доколку не сте успеале да најдете решение за Мајкрософт Тимс и за Мудл ФЗФ платформите, соломонското решение е утре (четврток) да оставите печатени верзии во мојот поштенски фах во библиотеката на ИСЕР.
Разговарав со продеканката која одговорна за ова и еве ви го праќам упатството како да се регистрирате. Поинаку навистина не знам како да ви помогнам. Морате да се регистрирате па потоа да влезете во моите предмети. Побарајте помош од некој ваш близок ИТ и снајдете се.
Во врска со проблемите што се јавиле кај некои студенти за прикачување на семинарски труд, сакам да ве известам дека има алтернативно решение, а тоа е преку МУДЛ системот на ФЗФ. Кликнете на линкот и задолжително зачленете се во предметот ФФА или ХГФ, зависно од кој институт сте. Да ве потсетам дека семинарските се прикачуваат во програмот Ворд, а краен рок е 30.11.2022 година во 23:59 часот. Ова важи само за студентите што имаат проблем со Мајкрософт Тимс.
Свесен сум дека летово повеќе сте одморале, отколку што сте учеле. За таа цел решив да ви ја одложам првата декада за цела седмица и со тоа да ги зголемам шансите за ваше полагање. Исто така променета е и просторијата, бидејќи за тие датуми големиот амфитеатар не е слободен.
Прва декада
29.08.2022 ХГФ и ФФА во Амфитеатар 4 во 08:00 часот
30.08.2022 ХГ и МОИ во Амфитеатар 4 во 08:00 часот.
Го задржувам правото за промена на термините заради виша сила.
Најпрвин да ви ги честитам сите празници и да ви посакам успешна 2022 година. Како што ве информирав претходно, електорнските испити ќе се полагаат на Мудл платформата на ФЗФ, заради тоа што програмот Квалтрикс има прескапа претплата и едноставно договорот со нив ФЗФ не го продолжил за 2022 година. Доколку не сте се пријавиле во дотичниот предмет што го предавам јас, ќе ве замолам тоа да го сторите веднаш, особено студентите од ИП што ќе го полагаат вториот колоквиум по ХГФ во среда на 12.01.2022 година. Доколку имате технички проблеми, ве молам обратете се до ИТ лицето за контакт на ФЗФ на следната е-пошта: hristijan@fzf.ukim.edu.mk
Без да бидете член на моите предмети кои треба да ги полагате, не можете да пристапите кон тестот и тоа нема да биде мој проблем, туку лично ваш. Ви благодарам за разбирањето.