Showing posts with label конференција. Show all posts
Showing posts with label конференција. Show all posts

Thursday, August 6, 2026

Покана до студенти волонтери за завршна конференција на МНЗА

Почитувани студенти од ИСЕР,

Со особено задоволство ве поканувам дел од вас да се вклучите како волонтери во организацијата на завршната конференција на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), која ќе се реализира во рамките на проектот „Поддршка на децата со аутизам преку физичко образование“.

Конференцијата ќе се одржи на 26 август 2026 година во просториите на Филозофскиот факултет – Скопје, со почеток во 9:30 часот. За успешна реализација на настанот потребна е поддршка од 4–5 мотивирани студенти, кои би биле ангажирани во организациските активности во времетраење од приближно 6–7 часа во текот на денот.

Студентите кои се заинтересирани за волонтерско учество можат веднаш да ја изразат својата намера преку мојата службена електронска адреса, која ви е добро позната. При изборот ќе се применува принципот „прв пријавен – прв прифатен“, со предност на одговорни и ангажирани студенти заинтересирани за стекнување практично искуство.

На сите студенти кои ќе учествуваат во организацијата ќе им биде доделен сертификат за учество, кој претставува вредно дополнување на професионалното портфолио и може да придонесе во нивниот понатамошен академски и професионален развој.

Ви благодарам однапред за интересот, довербата и подготвеноста за активно учество во активности од значење за унапредување на инклузијата и поддршката на лицата со аутизам.

Со почит,

Претседател на МНЗА




Thursday, June 26, 2025

Аутистичен спектар на нарушување - религиозна инклузија

Почитувани колешки и колеги, драги родители на деца со АСН,

Третата светска конференција за религиозен дијалог и соработка се одржува деновиве од 23 до 27 јуни во Крушево во организација на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје. На таа конференција денес, 26 јуни ќе ја презентирам темата со наслов: Аутистичен спектар на нарушување - религиозна инклузија преку ЗУМ платформата. Поради тоа конференцијата е од меѓународен карактер, сите предавања и дискусии се на англиски јазик. Моето предавање би требало да се реализира некаде по 13:00 часот, но не може да се предвиди со точност. Доколку сте заинтересирани за темата, кликнете на погорниот ЗУМ линк, или на QR кодот од постерот.

За што ќе говорам?

Религиозната инклузија е важна работа. Верските заедници можат да бидат витални извори на припадност, идентитет и поддршка за лицата со АСН и нивните семејства. Бариерите постојат, но не се непремостливи: Сензорните, комуникативните и социјалните предизвици можат да се решат со разбирање и едноставни адаптации. Лицата со АСН имаат духовна длабочина. Многумина наоѓаат значење и поврзаност преку верата, ритуалот и теологијата. Инклузијата им користи на сите: Создавањето пријатни средини го подобрува духовниот живот на сите членови на религиозната заедница. Верските лидери и заедниците мора да ја преземат водечката улога во обуката, отворениот дијалог и почитувањето на невродиверзитетот кои се клучни за градење вистински инклузивни простори.


Овде можете да го гледате ВИДЕОТО од предавањето.

ретседател на МНЗА


Friday, June 13, 2025

Autism spectrum disorder and religious inclusion

Почитувани колешки и колеги,

Ова е насловот на трудот што требаше да го презентирам на престојната трета светска конференција за религиски дијалози и соработка со наслов: “Religion and the contemporary phase of globalization: possibilities and challenges”, што ќе се одржи во хотел Монтана во Крушево од 23 до 27 јуни 2025 година. Организатор е Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје. Зборникот на апстракти е веќе објавен, а уредници се проф. д-р Зоран Матески и м-р Ивана Гегоска и може да се симне од ОВДЕ. Им честитам за зборникот! Моето резиме се наоѓа на 55-тата страница.

За жал заради зголемен обем на приватни обврски, таа седмица, нема да можам да им се придружам, но ја користам оваа пригода да им посакам успешна и плодотворна конференција.

Авторот





Sunday, April 28, 2024

Презентации од конференцијата: 10 години од формирањето на МЗМУ

Почитувани колешки и колеги,

На 25 април 2024 година Македонското научно здружение на медицински уредници го прослави својот јубилеј 10 години од своето формирање. НАУЧНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО: НАУЧЕН И ПУБЛИЦИСТИЧКИ ИНТЕГРИТЕТ ВО БИОМЕДИЦИНАТА се одржа во МАНУ со 105 регистрирани учесници, плус 20 на платформата ЗУМ. Беа презентирани 15 трудови кои овде сакам да ги споделам во ПДФ формат и видео формат.

  1. Проф. д-р Валентин Мирчевски: Смислата и значењето на научното публицирање  PDF   Video
  2. Проф. д-р Ана Марушиќ: Предизвици за интегритетот на истражувањето   PDF   Video
  3. Проф. д-р Мирко Спироски: Научно издаваштво во Република Македонија анализирано со вештачка интелигенција   PDF   Video
  4. Проф. д-р Јадранка Стојановски: Поддршка на научната заедница во усвојување на практики за отворена наука   PDF   Video
  5. Проф. д-р Изет Машиќ: Библиометриски индекси - предности и недостатоци во практичната примена за научната валидност на авторите и нивните научни содржини   PDF
  6. Проф. д-р Дончо Донев: Организиран пристап за сузбивање на предаторските списанија и издаваштво   PDF   Video
  7. Проф. д-р Гордана Петрушевска: Плагијаризам и самоплагијаризам, фабрикување и фалсификување на резултати од истражување   PDF   VIdeo
  8. Проф. д-р Гоце Спасовски: Списанија со отворен пристап   PDF   Video
  9. Проф. д-р Флорина Поповска Перчиниќ: Етички стандарди во научното публикување - искуство на меѓународното научно списание „Македонски ветеринарен преглед“   PDF   Video
  10. Проф. д-р Азис Положани: Списание на Југоисточна Европа за одржлив развој (СЕЕЈСД) - научна платформа за одржлив развој на регионот Југоисточна Европа   PDF   Video 
  11. Милица Шевкушиќ: Поим за квалитет во списанијата со отворен пристап   PDF   Video
  12. Прим. д-р м-р сци. Илија Глигоров: Преглед на достапни електронски веб страници на здруженија на медицински уредници и портали на медицинско уредување   PDF   Video
  13. Ана Ѓорѓевиќ: Научен интегритет на Универзитетот во Белград -
    Хемиски факултет во контекст на одговорна процена на истражување   PDF   Video 
  14. Павло Коломиец: Научник од 21-от век - Социјални мрежи и апликации за научници   PDF   Video
  15. Проф. д-р Владимир Трајковски: Планот С - иднината на објавувањето во отворен пристап   PDF   Video
Претседател на научен одбор

Thursday, April 25, 2024

Јавна благодарност

Почитувани колешки и колеги,

Како што веќе објавив претходните денови, денес се реализираше конференцијата по повод 10 години од постоењето на Македонското здружение на медицинските уредници (МЗМУ) во МАНУ. На затворањето се заблагодарив на многу луѓе кои помогнаа во реализацијата на конференцијата. Моите 10 најблиски соработнички не ги кажав, но еве сега ја користам оваа пригода да им се заблагодарам јавно. Огромна благодарност на м-р Ирена Стојановска за заедничката подготовка на постери, водењето на конференцијата, техничката поддршка, фотографирањето и правењето на видеа во следните денови. Не помало благодарам заслужува и м-р Андреа Ивановска за заедничката подготовка на постери, визуелниот дизајн на постерите и сертифкатите, за испраќањето на сертификатите на учесниците без презентација на труд. Секако овде влегуваат и седумте студентки од прва година и едната апсолвентка. Од разбирливи причини не би им ги спомнувал нивните имиња, многу добро си знаат кои се. Тие несебично помогнаа во регистрацијата, помошта во кафе паузите и фотографирањето. Како што ветив тие ќе бидат наградени.

ВИ БЛАГОДАРАМ НА СИТЕ УШТЕ ЕДНАШ! (ретко пишувам со големи букви, тоа го правам кога сум или многу лут, или многу благодарен :) ).

Претседател на научен одбор

Tuesday, April 23, 2024

СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИТЕ

Предмет: 10 години од основањето на Македонското здружение на медицински уредници (МЗМУ)

Почитувани претставници на медиумите,

Имаме особена чест и задоволство да Ве информираме дека на 25 април (четврток) Македонското здружение на медицински уредници го прославува својот 10-ти роденден од своето постоење. Тоа е период кој не е ниту многу долг, но ниту многу кус. Сакаме да укажеме дека ова е прво вакво национално здружение во Југоисточна Европа. Годините наназад беа исполнети со многу премрежија на општествено политичката сцена во Македонија, војните во Украина и Газа, пандемијата со Ковид-19 и тоа се рефлектираше врз работењето на Здружението. Активностите беа исполнети со многу подеми и падови. Речиси со минимални финансиски средства, успеавме да реализираме многу од нашите цели и задачи.

Основна цел на Здружението е да се подобри квалитетот и нивото на медицинските списанија преку размена на информации и искуства за уредување и издавање на медицинските списанија и воспоставување на правила согласно меѓународните стандарди за научна и публицистичка етика и интегритет, како и континуирана размена на информации и едукација на уредниците и членовите на Уредувачкиот одбор на научните списанија, научниот подмладок и научната заедница во Македонија, во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, соодветните министерства, универзитети и факултети, професионални здруженија и комори, како и со релевантните меѓународни агенции и асоцијации.

Во сите овие години покажавме дека можеме да се носиме рамноправно со други вакви здруженија од ЕУ и светот, да бидеме лидери во Македонија за едукација и размена на информации за интегритетот и научната и публицистичка етика и превенција на измама во областа на биомедицината. Во сите овие 10 години, преку разни видови активности на Здружението, се трудевме да ја зголемиме свесноста за интегритетот во академското пишување и објавување. Организиравме четири едукативни работилници од кои три за млади научници од биомедицинските и сродни науки. Во периодот зад нас, исто така, два пати ја одбележавме „Меѓународната недела на рецензирањето“ што се одржува во месец септември и имавме четири настани по повод „Меѓународната недела за отворен пристап“ што се одбележува секоја година во месец октомври на светско ниво.

Годинава, решивме токму на денот на основањето 25 април, да ја крунисаме нашата самопрегорна работа со организирање на НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО: НАУЧЕН И ПУБЛИЦИСТИЧКИ ИНТЕГРИТЕТ ВО БИОМЕДИЦИНАТА. Конференцијата ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите со почеток во 8:30 часот (регистрација на учесниците). На конференцијата ќе бидат презентирани 15 трудови од кои шест на поканети предавачи од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Украина и девет трудови од македонски автори. За оние кои нема да можат да дојдат лично, обезбедена е ЗУМ конференциска врска. За конференцијата постои голем интерес од домашната стручна и научна јавност и досега се пријавени 146 учесници. Очекуваме дека оваа конференција ќе има одглас и значајно влијание во доменот на академското публицирање во Македонија, во регионот и пошироко.

МЗМУ мошне често е присутно со популарни објави на социјалните медиуми со што сакаме да споделуваме информации за подигнување на свесноста и едукација за научната и публицистичка етика на сите заинтересирани страни во нашата заедница и пошироко.

Искрено се надеваме дека вие како медиуми ќе помогнете во покривање на овој настан преку објавување на содржини, слики, или видео прилози на вашите електронски, печатени и ТВ медиуми.

Ние, членовите на МЗМУ ќе продолжиме да споделуваме релевантни информации и да едуцираме млади кадри, да креираме нови проекти и да објавуваме научни трудови, во насока на подобрување на академскиот интегритет и дигнитет.





Скопје                                                                                     Со почит,

24.04.2024                                                                                Генерален секретар на МЗМУ

 

 

 

                                                                                               

 

                                          












Monday, October 30, 2023

Завршна онлајн конференција од проектот: „Вклучување преку социјални вештини за ученици со аутизам и интелектуална попреченост“

Почитувани колешки и колеги, драги родители на деца со АСН и ИП,

Имам особена чест да ве поканам на завршната онлајн конференција од Еразмус плус проектот: „Вклучување преку социјални вештини за ученици со аутизам и интелектуална попреченост“ што ќе се одржи преку платформата ЗУМ на 06.11.2023 година со почеток во 17:00 часот. Во последните две години МНЗА, заедно со раководителот на проектот ОУ „Милоје Павловиќ“ од Белград и ФАСПЕР од Белград, Србија направи корисни материјали за наставниците и асистентите кои работат во редвониот образовен систем. Пријавувањето е задолжително на следниот ЛИНК. Само со оставање на точни податоци и точна е-пошта ќе можете да го добиете ЗУМ линкот. Во прилог е програмата на настанот. Го очекуваме вашето присуство и вашиот придонес на самата конференција.

Претседател на МНЗА,

Модератор на конференцијата




Sunday, October 1, 2023

Осврт на конференцијата на психолозите од Ниш

Драги и колешки и колеги,

Сакам накусо да се осврнам на вчера завршената конференција со наслов „19-ти денови на применета психологија“ што се одржа на Филозофскиот факултет во Ниш, Србија на 29 и 30 септември 2023 година. За оваа конференција бев поканет прво како од претседателката на програмскиот одбор пред 7-8 месеци. Сериозно си ја сфатив работата. Кога зборевме со што да се вклучам, таа веднаш ја прифати понудата да водам поканета сесија за „Аутизам и ментално здравје“. Бев член на програмскиот одбор и одржав едно предавање и бев коавтор на колешките м-р Ирена Стојановска и м-р Елисавета Карастојанова. Доколку сте заинтересирани да ги видите нашите апстракти или било кои апстракти од другите учесници одете на следниот ЛИНК. Конференцијата за жал беше хибридна и имаше многу учесници кои не дојдоа со физичко присуство, туку се приклучуваа на ЗУМ. Сесијата која ја модерирав помина одлично со врвните имиња на проф. д-р Мохамад Газиудин, проф. д-р Ричард Милс, проф. д-р Блејк Хансен, д-р Паола Молтени и д-р Јасир Сиед, како и веќе споменатите колешки погоре. Сесијата ја следеа 10 учесници во училницата и 20 учесници преку ЗУМ, ниту голем број, ниту мал. Впечатоците од организаторите беа одлични, бидејќи сепак тоа им го крена рејтингот на конференцијата. Доколку некого го интересира атмосферата може да оди на АЛБУМОТ на ФБ.

Моето предавање со наслов „Ментално здравствени проблеми за време на КОВИД-19 пандемијата кај лицата со АСН“ можете да го најдете ОВДЕ.

На 30.09.2023 ги претставив 14 месечните постигнувања на списанието Journal of Health and Rehabilitation Sciences. Ако ве интересираат слајдовите кликнете на ЛИНКОТ.

Оној културно-забавниот дел им беше за чиста десетка на организаторите. Уште еднаш ми се докажа правилото дека повеќе сум ценет надвор, отколку дома. Нишките психолози ти даваат почести, учества во програмски одбор, 2 презентации, итн. Скопските психолози ти го одземаат предметот Хумана генетика и физиологија, заради строгост. Но, нејсе, да не испадне дека „плачам“, животот си тече понатаму...

Претседател на МНЗА

Главен и одговорен уредник на ЈХРС

Sunday, March 19, 2023

Видео записи од конференцијата "It's about people"

Почитувани колешки и колеги,

За оние кои не успеале да ги следат моите предавања во живо од конференцијата на Алма Матер Еуропеа, што се одржа од 10 до 17 март во Марибор, Словенија а и за да си ги имам видеозаписите на едно место го приготвив овој пост.

Промоцијата на списанието Journal of Health and Rehabilitation Sciences се одржа во студиото на БК ТВ од Марибор на 11.03.2023 и видеото може да се погледне ОВДЕ.

Сесиите за истражувања за аутизмот под број 26 и 27 се одржаа во студиото на БК ТВ од Марибор на 13.03.2023 година и видеото може да се погледне ОВДЕ.

Округлата маса за аутизмот во курикулумите под број 28 со проф. д-р Дигби Тантам (ВБ), проф. д-р Фред Волкмар (САД), проф. д-р Тревор Парментер (Австралија), проф. д-р Никола Мартин (ВБ), доц. д-р Паола Молтени (Италија) и вонр. проф. Јаков Аусберг (Шведска) се одржаа во студиото на БК ТВ од Марибор на 13.03.2023 година и видеото може да се погледне ОВДЕ.

Модератор и предавач на сесиите

Thursday, March 9, 2023

За конференцијата на АМЕУ во Словенија

Почитувани колешки и колеги, драги студенти,

Деновиве објавував информации на моите социјални медиуми во врска со 11-тата научна конференција "Its about people" во организација на универзитетот Алма Матер Еуропеа од Марибор. Конференцијата започнува утре 10.03. и ќе трае до 17.03.2023 година. Организаторот ми направи чест да учестувавам во две сесии и тоа како предавач и модератор. Конференцијата секако дека се состои од повеќе различни сесии од општествените, хуманистичките како и здравствените науки, но јас ќе се задржам на оние две во кои сум инволвиран. Целосната програма можете да ја видите ОВДЕ.

Во сабота на 11 март со почеток во 16:00 часот ќе можете да го следите моето предавање со наслов: JOURNAL OF HEALTH AND REHABILITATION SCIENCES: EXISTENCE OF A SCIENTIFIC JOURNAL IN A SMALL COUNTRY каде ќе направам промоција на списанието ЈХРС. Оваа сесија ќе ја води доц. д-р Полонка Пангрчич од АМЕУ. Доколку имате слободно време приклучете се на следниот ЗУМ линк.

Во понеделник на 13 март со почеток во 10:00 часот започнуваат три последователни сесии посветени на аутизмот. Сесиите ќе ги модерира мојата маленкост, а покрај тоа ќе имам и кусо излагање на тема: „Аутизмот во курикулумот на универзитетите во Југоисточна Европа“. На сесиите ќе има практичари од Словенија, Македонија, Србија, а секако и научни работници и професори од САД, Велика Британија, Австралија, Шведска, Италија кои успеав да ги обезбедам за оваа реномирана конференција. Овде ќе може да се приклучите на конференцијата преку ЗУМ.

Инаку, покровотил на конференцијата е Претседателката на Словенија г-ѓата Наташа Пирц Мусар, предавање ќе одржи популарниот економист и политички аналитичар Џефри Сакс од Универзитот во Колумбија, САД, Клаус Мајнцер, претседателот на Европската академија на науки и уметности и многу други значајни гости.

Да напоменам предавањата не се задолжителни, но и грев е да се пропуштат... :)

Со почит,

Претседател на МНЗА
Главен и одговорен уредник на ЈХРС

Tuesday, January 17, 2023

Отворен повик за трудови од областа на аутизмот на конференција во Словенија

Почитувани колешки и колеги,

Имам особена чест да ве поканам на конференцијата: "It's About People 2023 Social and Technological Development in Service of Security and Dignity The 11th Annual Conference of Europe’s Sciences and Arts Leaders and Scholars" што ќе се одржи на Алма Матер Еуропеа универзитетот во Марибор, Словенија од 10 – 17 март 2023 година. Имено денес бев назначен за модератор на сесијата „Аутизам и ментално здравје“, и имам можност да канам предавачи од Македонија и од регијата. Ги поканувам сите магистранти, докторанди кои одбраниле теза на нашиот институт или кои се актуелни постдипломци а имаат тема во врска со аутизмот да се пријават и така да дадат свој придонес кон истата. Сесијата ќе се реализира онлајн, а на крајот од сесијата ќе има панел дискусија на тема „Потребата од едукација за аутизам на универзитетите“. На таа форум дискусија ќе учествуваат светски експерти за аутизам. Датум за оваа сесија е  13 март. Ве молам сите кои сте заинтересирани да ми пратите структуриран наслов на тема со апстракт на англиски јазик до 250 зборови, најдоцна до 1 февруари до 23:59 минути. Тоа би значело дека имате доволно време од 2 седмици да пријавите апстракт, а потоа и да подготвите презентација на англиски јазик. Во прилог ви праќам трудови од Словенија кои што се влезени веќе во програмата. Повеќе информации за конференцијата на ЛИНКОТ.

A Model of Support and Help In The Field of Autism For Employers In Slovenia
Jana Ponikvar, CEO; Ksenija Bratuš Albreht, Head of Employment Rehabilitation, Šentprima Institute For Rehabilitation and Education

National Research On Autism Prevalence In Slovenia
Barbara Žnidarko, Teacher of Special and Rehabilitation Pedagogy; Janja Kranjc, Educational
Psychologist; Patricija Lovišček, Director, Zveza za avtizem Slovenije

Review of Educators’ Needs For Additional Knowledge About Autism In Slovenia
Irena Marinič, Special and Rehabilitation Pedagogue, Osnovna šola Kozara Nova Gorica,
Slovenia

Knowledge of Autism Spectrum Disorders In Emergency Services
Urška Mikuž; Marta Macedoni Lukšič, Assistant Professor, Inštitut za avtizem Ljubljana,
Slovenia; Jernej Vidmar, Assistant Professor, University of Ljubljana, M.D., UKC Maribor, Klinika
za pediatrijo, Enota za otroško in mladostniško psihiatrijo

Relationship Between Special Interests and Orientation To Happiness In Adults With
Autism Spectrum Disorder
Aleš Zavrl, Teacher, Zavod za gluhe in naglušne Ljubljana

Во надеж дека многу скоро ќе добијам апстракти, срдечно ве поздравувам.

Претсдател на МНЗА

Friday, December 23, 2022

Линк за конференцијата во Индија

Почитувани колешки и колеги, драги студенти

Пред неколку месеци преку Фејсбук ви соопштив дека МНЗА е соорганизатор на конференција во Индија со наслов: “Mental Health and Well-being in Post Covid Scenario: A Global perspective”. Онлајн сесијата ќе се одржи токму денес со почеток во 10:00 часот по македонско време. Мојата маленкост ќе има покането предавање со наслов: „Mental Health Issues During The COVID-19 Pandemic In Persons With Autism Spectrum Disorder“ околу 10:30 часот. Ги поканувам сите заинтересирани кои се слободни во тоа време да го проследат предавањето и конференцијата воопшто на следниот ЛИНК.


Претседател на МНЗА

Saturday, May 14, 2022

Конференција по повод 75 години Институт за Педагогија во Македонија

Почитувани,

Од 16 до 18 мај 2022 година во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид ќе се одржи меѓународна научна конференција: „75 години Институт за педагогија - воспитно-образовни предизвици и перспективи“. На покана на организаторите, прифатив да учествувам со трудот: „Поддршка на учениците со аутистичен спектар на нарушување во образовниот процес“. Зборникот на апстракти е веќе објавен електронски на веб страницата на ФЗФ и мојот апстракт може да се цитира како:

    Trajkovski V. Supporting pupils with autism spectrum disorder in educational settings. Book of Abstracts International scientific conference: „75th Aniversary of Institute of Pedagogy – Educational Challenges and Future Prospects“. Ohrid, 16-18 May 2022; 92-93.

Решив да го споделам апстрактот со македонската јавност.

Trajkovski Vladimir

      Institute of Special Education and Rehabilitation, Faculty of Philosophy, “Ss. Cyril and Methodius” University, Skopje, Macedonia

 SUPPORTING PUPILS WITH AUTISM SPECTRUM DISORDER IN EDUCATIONAL SETTINGS



Introduction: autism spectrum disorder (ASD) is a developmental disorder, which affects the way a person communicates with and relates to other people and the world around them. About 1.55% of the general pupil body receive additional supports because they have been diagnosed with an ASD. The focus is on the needs of pupils with ASD and how they can be supported to achieve their potential. ASD is a spectrum condition, so some pupils with ASD require little support in school and are relatively independent in their learning.

The aim of the study is to shown kind of interventions, which can be effective for some pupils with ASD.

Results: there are numerous different approaches such as: antecedent-based interventions, behavioral packages, cognitive behavioral intervention, comprehensive pre-school or early interventions/programmes, discrete trial teaching, early intensive behavioral interventions, exercise, extinction, functional behaviour assessment, functional communication training, joint attention, language training, modelling, multi-component socials interventions, naturalistic intervention or naturalistic teaching strategies, parent-implemented interventions, Picture Exchange Communication System, pivotal response training, schedules, social narratives, social skills training, social communication training, technology-aided instruction and intervention, visual support, structured play groups, and many others.

Conclusions: classrooms are social environments that rely heavily on being able to interact, socialize and communicate with others effectively. The challenges that pupils with ASD face with regards to communication skills and socializing can intensify their feelings of stress, anxiety and depression. This can lead to a decrease in academic performance. Working with any of these methods can improve outcomes they can achieve.

Key words: autism spectrum disorder, pupils, support, school, classroom


На организаторите и сите учесниви им посакувам успешна конференција.

Еден од авторите

Tuesday, April 5, 2022

Поканет предавач на конференција во Блед, Словенија

Почитувани посетители,

Ми причинува особено задоволство да ви соопштам дека во петок на 8 април со почеток во 9:00 часот ќе имам гостинско предавање на конференција на колегите и колешките од ДоРеМи центарот од Блед. Имено, на покана на директорката Нуша Пибер, на која и благодарам во оваа пригода, ќе ја презнтирам темата: „Аутизам и музикотерапија“. Бев поканет да одам лично, но Ковид-19, војната во Украина, лошото време и многу други фактори ме спречија во таа реализација. Мојата презентација ќе се одвива преку ЗУМ програмата. Котизацијата на собриот за тие со физичко присуство изнесува скромни 25 евра. Јас успеав да издејствувам за моите постдипломци кои работат тема под мое менторство, за дипломците, или за членовите на МНЗА да можат да го следат само моето предавање бесплатно. Доколку има заинтересирани, нека ми пишат е-пошта да им го пратам линкот. Во продолжение неколку информации за конференцијата низ слики.

Претседател на МНЗА










Sunday, December 15, 2019

Неколку напомени и аргументи за втората #ReAttach конференција

Почитувани колешки и колеги, драги студенти и ценети родители,

Би сакал да ви дадам неколку напомени во врска со втората #ReAttach конференција што ќе се одржи во хотел Арка, Скопје, Македонија за помалку од 5,5 месеци. Организатори на конференцијата се Stichting ReAttach Therapy International и Македонско научно здружение за аутизам. Раната регистрација и крајниот рок за пријавување на апстракти завршува на 31.12.2019 година. По тој датум ќе може да се регистрирате само како пасивен учесник и за поголема котизација. Би сакал да истакнам дека ниту еден учесник нема да може да присуствува гратис, како што тоа било можеби порано случај на некои други конференции. Најниската котизација (без 2 ручека и свечена вечера) до 31.12.2019 година изнесува 20 евра, а доколку сакате да ги имате двата ручека во хотел Арка ќе треба да доплатите уште 18 евра. Доколку сакате да бидете учесник и на свечената вечера (ресторанот дополнително ќе се одреди) ќе треба да доплатите уште 25 евра, или вкупната котизација за членови на МНЗА, студенти, магистранти, докторанди и родители изнесува 63 евра. Предност на оваа конференција е што вие сами си ги бирате приоритетите. Има дури регистрација само за еден ден, доколку не можете да присуствувате на двата дена. Би сакал да напоменам дека ниту еден учесник нема да може да руча или вечера доколку ја нема платено котизацијата. За сите учесници од Македонија лично обезбедив попуст и ќе треба да се обратат на следната е-пошта за да бараат код за попуст при регистраицијата на веб страницата. Кога ќе се обратите на таа е-пошта задолжително да ја објасните вашата конекција со МНЗА.
На конференцијата доаѓаат најмалку десетина врвни имиња од областа на риатач третманот, аутистичниот спектар на нарушувања, невроразвојните нарушувања од САД, Холандија, Ирска, Италија, Израел, Индија и други држави. Сите тие доаѓаат без материјална надомест од љубов кон науката, желбата да го пренесат своето знаење на стручњаците и родителите во Македонија и од почит кон МНЗА. Затоа и се воведени овие котизации за да можат да се покријат трошоците за пат и престој во хотелот со 5 ѕвезди. Сите што добро ме познаваат знаат дека досега се` што сум организирал од семинари, конгреси, конференции било гратис, но овој пат ќе мора да платат минимална котизација ако сакаат да слушаат нешто што досега не слушнале од оваа област. Сите учесници активни и пасивни ќе добијат сертификат за учество.
Во хотел Арка има на располагање 41 соба од кои во моментот се веќе резервирани и платени 35 соби. Сите учесници од Македонија и регијата кои нема да можат да најдат соба во хотелот ги упатуваме на околните хотели или нека се обратат до организаторот.
За родителите на деца со АСН има уште една ексклузивна можност а тоа е да можат да се консултираат со врвните експерти кои ќе нудат бесплатни консултативни услуги во Гаспар центарот во Козле на 31 мај 2020 година (недела). Бројот на прегледи е ограничен на 20-25, затоа родителите што ќе се регистрираат на конференцијата ќе имаат предност за обезбедување на термин. Пријавувањето за прегледи се врши на оваа е-пошта.
Бројот на посетители во големата сала на хотел Арка е ограничен на 150. Досега веќе има регистрирано 80-тина гости. Затоа, побрзајте со пријавувањето. По исполнувањето на 150 учесници, нема да биде примен ниту еден посетител. Сите дополнителни прашања кои ги имате може да ги поставите на горенаведените е-пошти.

Со почит,
Претседател на МНЗА


Saturday, December 7, 2019

Последен повик за апстракти за ReAttach конференцијата во Скопје

Почитувани колешки и колеги, драги студенти и драги родители,

Ја користам оваа прилика да го упатам последниот повик за поднесување на апстркати за ReAttach конференцијата што ќе се одржи во Скопје на 29 и 30 мај 2020 година. Крајниот рок за поднесување на апстракти е 31.12.2019 година. Организатори на конференцијата се ReAttach Foundation од Холандија и Македонско научно здружение за аутизам од Македонија. Секако дека е можно и пасивно учество без труд, а ова особено се однесува на родителите на децата со аутизам и други невроразвојни нарушувања, како и на студентите од ИСЕР и Институтот за психологија. За членовите на МНЗА, родителите, студентите е обезбеден попуст на котизацијата и треба само да испратат барање за добивање на код за попуст на следната е-пошта reattachfoundation@gmail.com. На конференцијата ќе присуствуваат врвни имиња од областа од калибарот на проф. д-р Мануел Казанова и проф. д-р Мохамед Газиудин од САД, проф. д-р Мајкл Фицџералд од Ирска, проф. д-р Донатела Марацити и д-р Кармело Рици од Италија, проф. д-р Александар Полетаев и проф. д-р Дмитри Бутко од Русија, д-р Хана Алоним од Израел и многу други гости од Холандија, Германија, Индија, Индонезија, итн. Прелиминарната програма која секако ќе претрпи уште ажурирања ќе можете да ја видите овде.
Тоа што би сакал посебно да го истакнам е дека на 31 мај 2020 година еминентните гости од странство ќе прават бесплатни прегледи и ќе даваат совети во ГАСПАР центарот во Козле. Предност во правењето на листата на родители ќе имаат оние кои ќе земат учество на конференцијата. Ги замолувам сите заитнересирани родители да го пријават своето учество на следната пошта president@mssa.org.mk. Би сакал да напоменам дека бројот на учесници на конференција, како и бројот на прегледи е строго ограничен и затоа пријавувајте се на време за да не ја пропуштите оваа прилика. Повеќе од 22 години сум во областа на специјалната едукација и рехабилитација и не се сеќавам дека имало повисоки и позначајни гости од оваа област во Македонија.

Претседател на МНЗА



Wednesday, November 6, 2019

Повлекување од конференцијата АЛОС 2019 во БГ

Драги читатели,
Вчерашната објава на ФБ за повлекување од конференцијата АЛОС 2019 во БГ предизвика многу реакции затоа должен сум ви дополнителни објаснувања. Имено пред неколку месеци бев замолен од една колешка со која се знаеме 18 години да бидам дел од програмскиот одбор на нивната конференција и да бидам пленарен предавач. Прифатив без многу размислување иако агендата оваа година ми е пренабиена. Ајде во име на старото познанство, си реков, нека оди на моја глава. Во почетокот на нивната веб страница стоеше покрај моето име, името Македонија, за да по извесно време во октомври месец забележам дека стои пежоративниот назив „Северна". Не знам колку долго стоело така, бидејќи не им го следев сајтот секој ден. Кога забележав, веднаш реагирав да се тргне тоа име и на мое изненадување по извесен малку подолг период навистина беше тргнато. Вчера сосема случајно влегов на официјалната веб страница и видов дека повторно е вратен навредливиот назив. Навистина не ми е јасно како некој со кој си бил во иста заедница до 1991 година, како некој кој ти се прави братски народ може да ја злоупотребува твојата мака и во исто време добрина. Веднаш реагирав вчера бидејќи веќе ми беше несериознио менувањето во повеќе наврати и објаснив дека доколку остане така подготвен сум да се повлечам, бидејќи националното достоинство и честа ми се пред некои други работи. За моја голема жал, ми беше одговорено дека официјалната политика на северниот сосед го препознава новото име и дека нашата Влада веќе го користи и дека колешката не можела ништо да стори. Во прв наврат го откажав моето учество од конференцијата, за да утрово решам да се повлечам и од програмскиот одбор и да го повлечам мојот труд од зборникот на трудови. Друг избор едноставно немав. Во прдолжение ви ја проследувам е-поштата која и ја упатив утрово на заменик директорката и до директорот (во cc) на високата школа од БГ. За жал до овој момент моето име се` уште стои до пежоративниот назив на нашата држава Македонија.

Почитувана колешке,
Со должна почит кон вас како личност, како што ве известив вчера во нашата онлајн комуникација јас нема да учествувам на вашата конференција заради непочитување на моето право за самоопределување и непочитување на моето национално достоинство со користењето на називот „Северна" пред името на мојата држава Македонија. Вие како приватна установа не сте обврзани да го користите тој назив кој нашата квислиншка Влада го донесе без да има цензус на народниот референдум одржан на 30.09.2018 година во Скопје. Македонскиот народ нема никогаш да го прифати тоа пежоративно име. Името на мојата држава е Македонија. Со резигнација и индигнација ги отфрлам вашите обвинувања за непрофесионалност, бидејќи многу добро знаете каков професионалец сум и тоа најмалку во два наврати: кога ви помогнав околу вашиот докторат и кога организирав конференција во Охрид 2003 година на која вие лично присуствувавте. Доколку вашата висока школа не го почитува моето национално достоинство и чувство за самодетерминација, зошто пак јас би ја почитувала истата и би ви дошол на конференцијата за да ви направам чест? Инаку за илустрација, неодамна се вратив од конференција во Будва во организација на Педагошкиот завод во Црна Гора и Сојузот на дефектолози на Црна Гора. Таму бев член на програмскиот одбор и без никаков проблем бев претставен како член од Македонија. Не гледам во што и зашто вие сте нешто „подобри" од колегите во Црна Гора.
Затоа, најучтиво ве замолувам да го избришете моето име во програмскиот одбор на следниот линк (и во СР и во АНГ верзија двојазично), воопшто да не ме ставате во програмата и во зборникот кој се надевам дека не се отпечатени. Секој има право на избор каде ќе учествува и со кого ќе се дружи, па така и јас. Прво почит на човекови права, на национално достоинство, па после наука и све останато...
Искрено се надевам дека ќе ги испочитувате овие мои барања. Ви посакувам успешна организација на конференцијата.
Колегијален поздрав од Скопје, Македонија,

Tuesday, July 2, 2019

I-ва меѓународна конференција „Образованието и современото општество" ќе се одржи во Будва

Почитувани колешки и колеги,
Како член на научниот одбор имам осоебна чест да ве поканам на I-та меѓународна конференција „Образованието и современото општество" што ќе се одржи во Будва од 18 до 20 октомври 2019 година. На конференцијата планирам да презентирам два труда од областа на аутизмот и тоа еден самостоен и еден коавторски со помладите колешки. Им благодарам на организаторите за поканата да бидам дел од оваа значајна конференција за колегите од Црна Гора и пошироко од екс југословенските простори. Во прилог темите, условите, датумите, пријавувањето и други контактни информации.




Член на научниот одбор