Showing posts with label јубилеј. Show all posts
Showing posts with label јубилеј. Show all posts

Monday, May 26, 2025

Говор на претседателот на МНЗА по повод 25 години МНЗА

Почитуван декан на Филозофскиот факултет проф. д-р Оливер Бакрески, почитуван продекан проф. д-р Огнен Спасовски, ценети членови на МНЗА, драги гости, родители, деца со аутизам, студенти и пријатели на Македонското научно здружение за аутизам,

Дами и господа,

Денес сме овде заедно, обединети од нашата заедничка визија и посветеност, за да одбележиме значаен јубилеј – 25 години постоење на нашето здружение. Создадени на крајот на минатиот милениум, успешно чекориме во новиот милениум! Четврт век исполнет со напорна работа, несебична поддршка и трајни заложби за подобрување на животот на лицата со аутизам и нивните семејства.

Во текот на овие години, Македонското научно здружение за аутизам прерасна во силен сојузник на институциите, организациите и професионалците кои се борат за подобра инклузија, образование и поддршка за лицата со аутизам. Ние, членовите, изградивме заедница заснована на разбирање, почит и солидарност.

Почетоците беа скромни, но исполнети со голема решителност за успех. Еден мајски ден, заедно со професорите Спироски и Ајдински (за жал веќе покоен), ја инициравме идејата за основање на здружението. Наскоро ни се придружија доцентите Василевска и Копачев, а здружението официјално го регистриравме во тогашниот Основен суд 1 во Скопје. Основачкото собрание, кое се одржа на 22 мај 2000 година на Медицинскиот факултет, собра 15-тина колеги и колешки од Институтот за дефектологија и Институтот за имунобиологија и хумана генетика. Од тогаш па наваму, ова здружение растеше, се развиваше и надминуваше бројни предизвици, но секогаш остануваше доследно на својата мисија.

На овој свечен ден, 22 мај, сакам да упатам искрена благодарност до сите вас – членовите, поддржувачите, волонтерите – кои несебично го вложивте својот труд, знаење и љубов за да го направиме здружението она што е денес. Вашата посветеност и хуманост се најголемата инспирација за сите нас!

Во текот на овие 25 години, нашето здружение постигна бројни значајни достигнувања:Со цел да се подигне свеста и знаењето за аутизмот, нашето здружение организираше едукативни активности кои вклучуваа домашни и меѓународни експерти. Имено, бевме организатори или соорганизатори на 6 семинари и симпозиуми во земјата и странство, 5 меѓународни конференции кај нас и надвор од Македонија, организиравме три трибини за Даун синдром со колеги од Хрватска, десетина работилници, а во последните пет години организиравме околу 50 вебинари со светски експерти во областа на аутизмот, како и со наши професионалци. Остварени се студиски посети во Полска, Естонија, Холандија, Англија, Германија, Србија, Хрватска и други држави. МНЗА во моментот е соиздавач на списанието Journal of Health and Rehabilitation Sciences, чиј што издавач е Универзитетот Alma Mater Europaea од Словенија, а во минатото беше и соиздавач на други две списанија.
Долго време на факултетот или во приватните центри нудевме бесплатни дијагностички услуги и совети за третман на децата со аутизам и нивните семејства.
Залагајќи се за правата на децата со аутизам, успеавме да обезбедиме подобри услови за инклузивно образование во училиштата и редовните наставни програми.
МНЗА учествуваше во 20 научни истражувања и проекти главно меѓународни, кои придонесоа за подобро разбирање и поддршка на лицата со аутизам.
Во време на трите пандемиски години дававме онлајн поддршка преку советување, емотивна поддршка и информации за правата и услугите достапни за лицата со аутизам.
Редовно укажувавме за потребата од вработување на возрасните лица кај надлежните авторитети преку иницијативи кои помагаат на лицата со аутизам да најдат работа.
Залагајќи се за правата на децата со аутизам, успеавме да обезбедиме подобри услови за инклузивно образование во училиштата и редовните наставни програми.

Секој човек со аутизам е единствен, со свои способности, потреби и начини на изразување. Тие ни носат нови перспективи, збогатувајќи ја нашата заедница со нивната посебност, таленти и неисцрпна енергија.

Македонското научно здружение за аутизам има незаменлива улога во поддршката на оваа популација. Нашата посветеност, труд и љубов кон лицата со аутизам придонесоа за значајни промени во македонското општество.

Благодарение на МНЗА, многу семејства ја добиваат неопходната помош и поддршка. Здружението ја подигнува свеста за аутизмот, промовирајќи разбирање, прифаќање и емпатија. Преку едукација и истражувања, се подобруваат условите за живот на лицата со аутизам, помагајќи им да ги развијат своите потенцијали и да ја најдат својата улога во општеството.

Нашите активности не само што нудат директна поддршка на лицата со аутизам и нивните семејства, туку ја поттикнуваат заедницата да се обедини и да стане поинклузивна. Создаваме средини каде што разликите се слават, каде што секоја индивидуа е вреднувана и разбрана.

МНЗА е столб на надеж и промена, доказ дека љубовта, разбирањето и заедничката работа можат да го направат светот подобро место за сите. Нашата посветеност е од непроценливо значење за општеството, а нашиот труд покажува дека заедно можеме да изградиме инклузивна и поддржувачка средина.

Аутизмот е глобален предизвик, кој бара внимателност, емпатија и поддршка од сите нас. Но, преку посветеност, разбирање и заедничка акција, можеме да создадеме подобар и поправеден свет за лицата со аутизам и нивните семејства. Постојат значителни предизвици што ги носи оваа состојба, како што се:Рано дијагностицирање и интервенција: Во многу земји, дијагностицирањето на аутизмот доцни, што може да го ограничи пристапот до рана интервенција и поддршка. Сметаме дека овде направивме прогрес во однос на состојбата пред 2000 година.
Пристап до едукација: Образовните системи во многу земји не се адаптирани за потребите на децата со аутизам, што значи дека тие не добиваат квалитетна и инклузивна едукација. На ова поле авторитетите од нашата држава мора да работат уште многу.
Свест и разбирање: И покрај напорите за подигнување на свеста, постојат многу стереотипи и предрасуди за луѓето со аутизам. Ова може да доведе до социјална изолација и неразбирање.
Пристап до здравствена нега: Многу лица со аутизам и нивните семејства немаат пристап до неопходната здравствена и психолошка нега и поддршка.
Правна заштита: Во многу земји, лицата со аутизам немаат соодветна правна заштита и поддршка за нивните права и интереси.

Светската здравствена организација и други меѓународни организации активно работат на подигнување на свеста, подобрување на условите и промовирање на прифаќањето на лицата со аутизам во општеството.

Еден од значајните чекори во оваа мисија беше одлуката на Обединетите нации да го прогласат 2 април за Меѓународен ден за подигнување на свеста за аутизмот, поттикнувајќи глобално разбирање и поддршка. Македонското научно здружение за аутизам со гордост беше пионер во Македонија, чествувајќи го овој ден уште во 2011 година, само четири години по неговото официјално прогласување.

Во три наврати организиравме големи манифестации, а заедно со група родители имавме чест да бидеме примени од поранешниот Претседател на Републиката, д-р Ѓорге Иванов. Овие моменти беа важен сигнал дека аутизмот е прашање кое заслужува внимание, грижа и посветеност од целото општество.

Глобалната заедница мора да работи заедно, градејќи поинклузивно, поподдржувачко и поправедно општество за сите. Иако предизвиците се големи, секој чекор напред носи значајно подобрување во животот на милиони луѓе ширум светот.

Дозволете ми на крајот, со длабока почит и искрена благодарност, да им се заблагодарам на основачите и на сите членови—и минати и сегашни—кои со својата несебична посветеност го изградија ова здружение во она што е денес.

Особена благодарност упатувам до Филозофскиот факултет во Скопје, нашиот дом и силен поддржувач низ годините, како и до родителите и семејствата на лицата со аутизам во Македонија, кои веруваа во нас и продолжуваат да ја градат оваа заедница со својата доверба и поддршка.

Голема благодарност заслужуваат МЦМС, Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, кои во почетокот ни помогнаа со финансирање на значајни проекти, како и нашите партнери од земјите на ЕУ и Европската комисија, кои со својата поддршка го овозможија нашето активно учество во меѓународни проекти, каде и денес играме значајна улога.

Неизмерно сме благодарни на сите донатори и поддржувачи, чии имиња ќе бидат истакнати во делот за доделување на благодарници, како и на м-р Ирена Стојановска, Теа Петрушева, м-р Фики Гаспар, Весна Филиповска, м-р Розалија Бошковски, Стојан Андонов и на студентките од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, кои со својата ангажираност и посветеност го поддржаа организациски овој денешен свечен настан.

Оваа прослава не би била возможна без вас—без вашата посветеност, љубов и безусловна поддршка. Ви благодарам што сте дел од оваа приказна и што заедно продолжуваме да градиме подобро, поправедно и поинклузивно општество!

Нека оваа прослава ни биде потсетник дека нашата борба за подобар и поправеден свет за лицата со аутизам не застанува тука. Да продолжиме заедно да се залагаме за позитивни промени и да создадеме уште поголеми успеси во годините што доаѓаат!



Скопје                                                                                             Со почит,

22.05.2025                                                                                       Претседател на МНЗА

                                                                                                         Проф. д-р Владимир Трајковски

Tuesday, April 23, 2024

СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИТЕ

Предмет: 10 години од основањето на Македонското здружение на медицински уредници (МЗМУ)

Почитувани претставници на медиумите,

Имаме особена чест и задоволство да Ве информираме дека на 25 април (четврток) Македонското здружение на медицински уредници го прославува својот 10-ти роденден од своето постоење. Тоа е период кој не е ниту многу долг, но ниту многу кус. Сакаме да укажеме дека ова е прво вакво национално здружение во Југоисточна Европа. Годините наназад беа исполнети со многу премрежија на општествено политичката сцена во Македонија, војните во Украина и Газа, пандемијата со Ковид-19 и тоа се рефлектираше врз работењето на Здружението. Активностите беа исполнети со многу подеми и падови. Речиси со минимални финансиски средства, успеавме да реализираме многу од нашите цели и задачи.

Основна цел на Здружението е да се подобри квалитетот и нивото на медицинските списанија преку размена на информации и искуства за уредување и издавање на медицинските списанија и воспоставување на правила согласно меѓународните стандарди за научна и публицистичка етика и интегритет, како и континуирана размена на информации и едукација на уредниците и членовите на Уредувачкиот одбор на научните списанија, научниот подмладок и научната заедница во Македонија, во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, соодветните министерства, универзитети и факултети, професионални здруженија и комори, како и со релевантните меѓународни агенции и асоцијации.

Во сите овие години покажавме дека можеме да се носиме рамноправно со други вакви здруженија од ЕУ и светот, да бидеме лидери во Македонија за едукација и размена на информации за интегритетот и научната и публицистичка етика и превенција на измама во областа на биомедицината. Во сите овие 10 години, преку разни видови активности на Здружението, се трудевме да ја зголемиме свесноста за интегритетот во академското пишување и објавување. Организиравме четири едукативни работилници од кои три за млади научници од биомедицинските и сродни науки. Во периодот зад нас, исто така, два пати ја одбележавме „Меѓународната недела на рецензирањето“ што се одржува во месец септември и имавме четири настани по повод „Меѓународната недела за отворен пристап“ што се одбележува секоја година во месец октомври на светско ниво.

Годинава, решивме токму на денот на основањето 25 април, да ја крунисаме нашата самопрегорна работа со организирање на НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО: НАУЧЕН И ПУБЛИЦИСТИЧКИ ИНТЕГРИТЕТ ВО БИОМЕДИЦИНАТА. Конференцијата ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите со почеток во 8:30 часот (регистрација на учесниците). На конференцијата ќе бидат презентирани 15 трудови од кои шест на поканети предавачи од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Украина и девет трудови од македонски автори. За оние кои нема да можат да дојдат лично, обезбедена е ЗУМ конференциска врска. За конференцијата постои голем интерес од домашната стручна и научна јавност и досега се пријавени 146 учесници. Очекуваме дека оваа конференција ќе има одглас и значајно влијание во доменот на академското публицирање во Македонија, во регионот и пошироко.

МЗМУ мошне често е присутно со популарни објави на социјалните медиуми со што сакаме да споделуваме информации за подигнување на свесноста и едукација за научната и публицистичка етика на сите заинтересирани страни во нашата заедница и пошироко.

Искрено се надеваме дека вие како медиуми ќе помогнете во покривање на овој настан преку објавување на содржини, слики, или видео прилози на вашите електронски, печатени и ТВ медиуми.

Ние, членовите на МЗМУ ќе продолжиме да споделуваме релевантни информации и да едуцираме млади кадри, да креираме нови проекти и да објавуваме научни трудови, во насока на подобрување на академскиот интегритет и дигнитет.





Скопје                                                                                     Со почит,

24.04.2024                                                                                Генерален секретар на МЗМУ

 

 

 

                                                                                               

 

                                          












Friday, May 22, 2020

Честитка од претседателот до членовите на МНЗА по повод 20 години од основањето

Почитувани членови на МНЗА,

Со особена гордост и задоволство сакам да ви го честитам јубилејот 20 години МНЗА. Некои од вас се покусо во здружението, други пак подолго, а трети од самото основање. Сите вие имате некаков придонес во брендот наречен МНЗА. Изминатите години се соочувавме со многу тешкотии, понекогаш имавме и блокади во работењето, но никогаш не се откажавме од желбата да помогнеме на децата и лицата со аутистичен спектар на нарушувања и нивните семејства. Секогаш водилка ни беше искуствата да ги преточиме во наука, да напишеме труд повеќе, да одработиме коректно во меѓународните проекти и да се носиме рамноправно со сите странски партнери кои доаѓаа од многу побогати и поразвиени европски земји. Организиравме стручни и научни собири, анимиравме голема популација на граѓани, секогаш ги вклучувавме студентите (македонската иднина) во нашите активности. Се обидувавме да ги сензитивизираме надлежните авторитети во државата за овој горлив проблем, иако морам да признаам дека оваа задача најтешко ја реализиравме заради слабиот интерес кај нив да се фатат во костец со решавање на проблемите кои ги имаат семејствата на децата со АСН. Секако, повеќе беа миговите исполнети со радост и задоволство од постигнатите резултати во нашите дејствија. Сите наши активности се обидовме да ги прикажеме во триминутно видео кое технички го подготви студентката Андреа Ивановска од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Предлагам видеото да го погледнете на следниот ЛИНК.
Како што добро знаете јубилејот 20 години постоење на МНЗА требаше да го прославиме со голема конференција што требаше да се одржи од 29-31 мај во хотелот Арка, а во заедничка организација со нашите партнери „Фондацијата за риатач терапија“ од Холандија, но пандемијата со болеста Ковид-19 не` спречи во тие намери. Требаше да имаме преку 150 гости од земјата и од 20-тина европски држави, азиски држави и САД. Заради тоа преминавме на интернет кампања за да можеме достојно да го чествуваме овој јубилеј. Имено, кампањата секојдневно се спроведува на блогот на МНЗА, на официјалните Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм профили на здружението.
Ние, членовите на МНЗА треба да продолжиме да работиме на откривање нови случаи со аутизам во РМ, да креираме нови проекти, да пишуваме научни трудови, да помагаме на родителите и секако на децата и лицата со АСН, во насока на подобрување на квалитетот на живеење на овие семејства. Пред нас имаме многу пат за доодување и со заеднички сили можеме да се избориме за подобра утрешнина на оваа категорија граѓани во Македонија.
Примете ги моите најискрени честитки и желби за добро здравје во периодот кој престои, а нема да биде нималку лесен од здравствен аспект.
Со должна почит,
Претседател на МНЗА