Showing posts with label претседател на МНЗА. Show all posts
Showing posts with label претседател на МНЗА. Show all posts

Wednesday, May 22, 2024

Кон трибината за аутизам во Охрид

Почитувани колешки и колеги,

Како што веќе објавив во саботата на 18 мај МНЗА беше соорганизатор на трибината: Аутизмот во Македонија „лет во место“ или прогрес, што се одржа во Општина Охрид. Салата во Општината беше исполнета до последното место. Главен организатор беше колешката дефектолог од Охрид - Александра Сабрас Апостолова, која од организациски аспект добро си ја заврши задачата. Сакам да и упатам благодарност за интересот да организраме ваков настан по втор пат во Охрид во последните 8 години. Собирот со пригодни зборови го поздрави Заменик Градоначлникот на Охрид г-дин Перчо Божиновски. На трибината присуствуваа родители на деца со АСН, специјални едукатори и рехабилитатори, доктори по медицина, психолози, наставници главно од Охрид, но имаше гости и од Струга, Битола и Кичево. На крајот имаше плодна расправа. Би сакал да останат овде на едно место сите видео презентации.






Инаку денес е 24-от роденден на МНЗА, па нека ни е честит на сите членови!





Со почит,
Претседател на МНЗА

 








Tuesday, August 18, 2020

Гостување на македонско радио - радио 2 на 12.08.2020

 Почитувани читатели,

Имам задоволство да го споделам со вас моето гостување во македонското радио - радио 2 по повод промоцијата на Прирачникот за поддршка на социјални вештини и позитивно родителство кај лица со состојби од аутистичен спектар. Засега македонското радио е единствениот електронски медиум кој направи интервју со еден од авторите со цел запознавање на македонската јавност. Јавно им благодариме поради тоа. Интервјуто можете да го слушнете на следниот линк. Инаку засега други осум печатени медиуми и портали ја споделија оваа информација на нивните страници. Прирачникот ќе продолжиме да го промовираме во наредниот период со цел да стигне до повеќе корисници. Им благодариме на сите инволвирани страни.

Претседател на МНЗА


Friday, May 22, 2020

Честитка од претседателот до членовите на МНЗА по повод 20 години од основањето

Почитувани членови на МНЗА,

Со особена гордост и задоволство сакам да ви го честитам јубилејот 20 години МНЗА. Некои од вас се покусо во здружението, други пак подолго, а трети од самото основање. Сите вие имате некаков придонес во брендот наречен МНЗА. Изминатите години се соочувавме со многу тешкотии, понекогаш имавме и блокади во работењето, но никогаш не се откажавме од желбата да помогнеме на децата и лицата со аутистичен спектар на нарушувања и нивните семејства. Секогаш водилка ни беше искуствата да ги преточиме во наука, да напишеме труд повеќе, да одработиме коректно во меѓународните проекти и да се носиме рамноправно со сите странски партнери кои доаѓаа од многу побогати и поразвиени европски земји. Организиравме стручни и научни собири, анимиравме голема популација на граѓани, секогаш ги вклучувавме студентите (македонската иднина) во нашите активности. Се обидувавме да ги сензитивизираме надлежните авторитети во државата за овој горлив проблем, иако морам да признаам дека оваа задача најтешко ја реализиравме заради слабиот интерес кај нив да се фатат во костец со решавање на проблемите кои ги имаат семејствата на децата со АСН. Секако, повеќе беа миговите исполнети со радост и задоволство од постигнатите резултати во нашите дејствија. Сите наши активности се обидовме да ги прикажеме во триминутно видео кое технички го подготви студентката Андреа Ивановска од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Предлагам видеото да го погледнете на следниот ЛИНК.
Како што добро знаете јубилејот 20 години постоење на МНЗА требаше да го прославиме со голема конференција што требаше да се одржи од 29-31 мај во хотелот Арка, а во заедничка организација со нашите партнери „Фондацијата за риатач терапија“ од Холандија, но пандемијата со болеста Ковид-19 не` спречи во тие намери. Требаше да имаме преку 150 гости од земјата и од 20-тина европски држави, азиски држави и САД. Заради тоа преминавме на интернет кампања за да можеме достојно да го чествуваме овој јубилеј. Имено, кампањата секојдневно се спроведува на блогот на МНЗА, на официјалните Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм профили на здружението.
Ние, членовите на МНЗА треба да продолжиме да работиме на откривање нови случаи со аутизам во РМ, да креираме нови проекти, да пишуваме научни трудови, да помагаме на родителите и секако на децата и лицата со АСН, во насока на подобрување на квалитетот на живеење на овие семејства. Пред нас имаме многу пат за доодување и со заеднички сили можеме да се избориме за подобра утрешнина на оваа категорија граѓани во Македонија.
Примете ги моите најискрени честитки и желби за добро здравје во периодот кој престои, а нема да биде нималку лесен од здравствен аспект.
Со должна почит,
Претседател на МНЗА