Friday, May 22, 2020

Честитка од претседателот до членовите на МНЗА по повод 20 години од основањето

Почитувани членови на МНЗА,

Со особена гордост и задоволство сакам да ви го честитам јубилејот 20 години МНЗА. Некои од вас се покусо во здружението, други пак подолго, а трети од самото основање. Сите вие имате некаков придонес во брендот наречен МНЗА. Изминатите години се соочувавме со многу тешкотии, понекогаш имавме и блокади во работењето, но никогаш не се откажавме од желбата да помогнеме на децата и лицата со аутистичен спектар на нарушувања и нивните семејства. Секогаш водилка ни беше искуствата да ги преточиме во наука, да напишеме труд повеќе, да одработиме коректно во меѓународните проекти и да се носиме рамноправно со сите странски партнери кои доаѓаа од многу побогати и поразвиени европски земји. Организиравме стручни и научни собири, анимиравме голема популација на граѓани, секогаш ги вклучувавме студентите (македонската иднина) во нашите активности. Се обидувавме да ги сензитивизираме надлежните авторитети во државата за овој горлив проблем, иако морам да признаам дека оваа задача најтешко ја реализиравме заради слабиот интерес кај нив да се фатат во костец со решавање на проблемите кои ги имаат семејствата на децата со АСН. Секако, повеќе беа миговите исполнети со радост и задоволство од постигнатите резултати во нашите дејствија. Сите наши активности се обидовме да ги прикажеме во триминутно видео кое технички го подготви студентката Андреа Ивановска од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Предлагам видеото да го погледнете на следниот ЛИНК.
Како што добро знаете јубилејот 20 години постоење на МНЗА требаше да го прославиме со голема конференција што требаше да се одржи од 29-31 мај во хотелот Арка, а во заедничка организација со нашите партнери „Фондацијата за риатач терапија“ од Холандија, но пандемијата со болеста Ковид-19 не` спречи во тие намери. Требаше да имаме преку 150 гости од земјата и од 20-тина европски држави, азиски држави и САД. Заради тоа преминавме на интернет кампања за да можеме достојно да го чествуваме овој јубилеј. Имено, кампањата секојдневно се спроведува на блогот на МНЗА, на официјалните Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм профили на здружението.
Ние, членовите на МНЗА треба да продолжиме да работиме на откривање нови случаи со аутизам во РМ, да креираме нови проекти, да пишуваме научни трудови, да помагаме на родителите и секако на децата и лицата со АСН, во насока на подобрување на квалитетот на живеење на овие семејства. Пред нас имаме многу пат за доодување и со заеднички сили можеме да се избориме за подобра утрешнина на оваа категорија граѓани во Македонија.
Примете ги моите најискрени честитки и желби за добро здравје во периодот кој престои, а нема да биде нималку лесен од здравствен аспект.
Со должна почит,
Претседател на МНЗА


No comments:

Post a Comment