Почитувани колешки и колеги, драги студенти,
Денес, 1 август 2026 година со особена чест и чувство на гордост одбележуваме четири години од основањето на Journal of Health and Rehabilitation Sciences (JHRS) – меѓународно научно списание кое за релативно краток временски период успеа да се етаблира како препознатлива платформа за објавување квалитетни научни истражувања од областа на здравствените, медицинските и рехабилитациските науки.
Во изминатите четири години JHRS прерасна во современо списание со меѓународен уредувачки одбор, автори и рецензенти од повеќе континенти, придонесувајќи за ширење на научното знаење, поттикнување на интердисциплинарната соработка и унапредување на научната комуникација.
По овој повод сакам да изразам искрена благодарност до Алма Матер Еуропеа Универзитетот (AMEU) како издавач на списанието, како и до раководството на Универзитетот за континуираната доверба, визија и несебична институционална поддршка. Без нивната посветеност, развојот на JHRS немаше да биде возможен.
Особена благодарност упатувам до сите автори, кои ни ја доверија својата научна работа, до нашите рецензенти, чија стручност, професионалност и посветеност обезбедуваат висок научен квалитет на секој објавен труд, како и до сите членови на Уредувачкиот одбор, кои со своето знаење, меѓународно искуство и ангажман придонесуваат за континуираниот развој и углед на списанието.
Како главен уредник, имав привилегија, но и голема одговорност, во изминатите четири години секојдневно да работам на унапредување на научните и издавачките стандарди на списанието. Зад секој објавен број стојат часови посветена работа, внимателна комуникација со авторите и рецензентите, уредувачки одлуки, организација и постојана заложба JHRS да стане препознатливо и респектирано научно списание во меѓународната академска заедница.
Овој роденден не го гледам како крајна цел, туку како поттик за нови достигнувања. Нашата визија останува непроменета – континуирано унапредување на квалитетот, проширување на меѓународната видливост, вклучување во најрелевантните светски бази на податоци и создавање списание кое ќе биде прв избор за научниците од областа на здравствените и рехабилитациските науки.
Им благодарам на сите што беа дел од ова успешно четиригодишно патување. Вашата доверба, професионалност и поддршка претставуваат најсилната мотивација JHRS да продолжи да расте и да придонесува кон развојот на науката и академската извонредност.
Со почит,
Главен уредник
Journal of Health and Rehabilitation Sciences (JHRS)

No comments:
Post a Comment