Friday, July 31, 2026

31.07.2026 - плоден публицистички ден

Почитувани колешки и колеги,

Иако на одмор, но денес имав исклучително плоден публицистички ден. Имено, денес излегоа две публикации каде бев уредник или коуредник. Тоа би било како едно заокружување на месец јули и првите седум месеци од годината.

Најпрвин излезе Зборникот на резимеа од Завршната конференција на CUPID проектот или COST Action CA21123 – Cancer – Understanding Prevention in Intellectual Disabilities (CUPID). Зборникот ги обединува научните трудови и апстракти презентирани на Завршната конференција, одржана во Брисел, Белгија, на 23–24 јуни 2026 година, претставувајќи ги најновите научни сознанија, иновативни практики и меѓународни иницијативи насочени кон унапредување на превенцијата, раното откривање (скринингот) и грижата за лицата со интелектуална попреченост во областа на онколошките заболувања. Зборникот е достапен на следниот ЛИНК.
Искрено им благодарам на сите автори, презентери, рецензенти, учесници на конференцијата, како и на членовите на Научниот и Организацискиот комитет за нивниот исклучителен придонес. Нивната посветеност, професионалност и меѓународна соработка беа од клучно значење за успешната реализација на COST Action CUPID.
Ве замолувам да го споделите Зборникот со вашите колеги, институции и професионални мрежи, со цел резултатите и знаењата создадени преку оваа меѓународна соработка да допрат до што поголем број истражувачи, здравствени работници, креатори на политики и сите кои работат во областа на интелектуалната попреченост и превенцијата на ракот.

Цитирање на зборникот: Denieffe, S., & Trajkovski, V. (Eds.). (2026). Proceedings of the final conference: Cancer – Understanding Prevention in Intellectual Disability: Partnering to Support Co-Produced Change (Brussels, Belgium, June 23–24, 2026). South East Technological University, Ireland.

Со особено задоволство ве информирам дека бев уредник на Извештајот со препораки за политики, изработен во рамките на проектот Еразмус+ KA220-SCH: „Поддршка на децата со аутизам преку физичко образование (EmpowerAble)” Проект бр. 2024-1-LT01-KA220-SCH-000246848.
Извештајот содржи препораки за политики засновани на научни докази, насочени кон унапредување на развојот и имплементацијата на квалитетно инклузивно физичко образование за учениците со аутистичен спектар на нарушување (АСН). Врз основа на резултатите од истражувањата, пилот-имплементацијата, консултациите со засегнатите страни и меѓународната соработка, документот нуди практични насоки за носителите на политики, образовните власти, училиштата, наставниците и другите професионалци кои работат во областа на инклузивното образование. Прочитајте го и преземете го извештајот ОВДЕ. Тоа е англиската верзија, а за некој ден ќе излезе и преводот на македонски јазик.
Се надевам дека оваа публикација ќе придонесе за понатамошно јакнење на инклузивните образовни политики и практики, обезбедувајќи еднакви можности секој ученик со аутистичен спектар на нарушување активно да учествува, да учи и да го достигне својот целосен потенцијал во наставата по физичко образование. Искрено им благодарам на сите проектни партнери, истражувачи, едукатори, родители и други засегнати страни, чие знаење, експертиза и посветеност овозможија реализирање на оваа публикација.
Ве замолувам да го споделите извештајот во вашите професионални мрежи и на тој начин да придонесете за негово пошироко влијание и примена.

Цитирање на извештајот: Supporting Children with Autism through Physical Education. (2026). Policy Recommendation Report. Erasmus+ Cooperation Partnership Project No. 2024-1-LT01-KA220-SCH-000246848

Уредникот


No comments:

Post a Comment