Koceski A, Smith CJ, Syed YA, Trajkovski V. Understanding the Relationship between Distress Behaviour and Health Status of People with Autism Spectrum Disorder. Healthcare 2023; 11 (11).
Резиме на разбирлив јазик
Лицата со нарушување од аутистичниот спектар (аутизам) често покажуваат вознемирувачки и тешко контролирани однесувања кои можат да им го отежнат секојдневниот живот, како и животот на нивните родители и старатели. Овие однесувања може да вклучуваат раздразливост, негативни емоции, повторувачки движења и промени во вообичаените дневни активности. Сè уште не е целосно јасно зошто се појавуваат ваквите однесувања, но постои сомневање дека тие можат да бидат поврзани со промени во здравствената состојба на лицето.
Во ова истражување беа анализирани одговорите на родители и старатели на лица со аутизам од Македонија. Целта беше да се утврди кои промени во однесувањето најчесто се јавуваат кога детето или возрасното лице со аутизам има здравствен проблем.
Резултатите покажаа дека при промена на здравствената состојба најчесто се забележуваат промени во апетитот или изборот на храна, зголемена раздразливост и лошо расположение, како и губење на претходно стекнати вештини. Овие промени можат да бидат важен знак дека лицето има здравствен проблем, особено затоа што многу лица со аутизам тешко можат да кажат дека чувствуваат болка или непријатност.
Ова истражување покажува дека постои поврзаност помеѓу здравствената состојба и вознемирувачкото однесување кај лицата со аутизам. Затоа, кога ќе се појават ненадејни промени во однесувањето, родителите, старателите и здравствените работници треба да размислат дали причината може да биде некој здравствен проблем и навремено да побараат соодветна медицинска помош. Ова може да придонесе за подобра грижа и подобар квалитет на живот на лицата со аутизам.
No comments:
Post a Comment