Showing posts with label Еразмус плус проект. Show all posts
Showing posts with label Еразмус плус проект. Show all posts

Wednesday, August 26, 2026

Говор за отворање на завршната конференција

Почитувани претставници на институциите, почитувани професори, наставници и стручни работници, почитувани партнери и соработници, драги родители, почитувани гости и пријатели,

Ми претставува особена чест, во својство на претседател на Македонското научно здружение за аутизам, да Ве поздравам и да Ви посакам добредојде на оваа завршна конференција посветена на една исклучително важна тема – „Инклузивно физичко образование за ученици со аутистичен спектар на нарушување: од препораки до практични решенија“.
Денес не го одбележуваме само завршувањето на еден европски проект. Денес го одбележуваме почетокот на една обврска – обврската знаењето, искуствата и препораките што ги создадовме да ги претвориме во реална промена во училиштата.
Физичкото образование е многу повеќе од физичка активност. Тоа е простор за развој на моторичките способности, самодовербата, социјалните вештини, комуникацијата, самостојноста и чувството на припадност. За учениците со аутистичен спектар на нарушување, учеството во физичкото образование може да биде особено значајно, но истовремено и да претставува предизвик.

Токму затоа, прашањето не треба да биде:

„Дали ученикот со аутизам може да учествува во физичкото образование?“

Прашањето треба да биде:

„Што треба ние да направиме за тој ученик да може да учествува, да напредува и да се чувствува како рамноправен член на својата паралелка?“

Тоа е суштината на инклузијата.

Во рамките на проектот „Supporting Children with Autism through Physical Education – EmpowerAble“, заедно со нашите европски партнери работевме токму на ова прашање. Разменувавме знаења, искуства и добри практики, разговаравме за бариерите со кои се соочуваат учениците и наставниците и се обидовме да понудиме практични решенија што можат да се применат во реалната училишна средина.
Научивме дека инклузивното физичко образование не подразбира само ученикот со аутизам да биде физички присутен во спортската сала или на игралиштето.
Вистинската инклузија значи учество.
Тоа значи ученикот да разбере што се очекува од него, да има соодветна поддршка, да може да комуницира, да биде безбеден, да доживее успех и да биде прифатен од своите врсници.
Затоа, адаптацијата не треба да ја гледаме како намалување на очекувањата од ученикот. Напротив, адаптацијата е начин да му овозможиме на ученикот да го покаже својот потенцијал.

Почитувани присутни,

Еден од најважните заклучоци од нашата работа е дека за успешна инклузија не е доволно да имаме добри намери. Потребни се знаење, компетенции, ресурси, планирање и соработка.
Наставникот по физичко образование не треба да биде оставен сам да ги решава предизвиците. Потребна е соработка со дефектолозите и рехабилитаторите, психолозите, родителите, здравствените работници, училишното раководство и, се разбира, самите ученици.
Исто така, мора да инвестираме во континуирана професионална едукација. Секој наставник кој работи со ученик со аутизам треба да има можност да стекне практични знаења за сензорните потреби, комуникацијата, визуелната поддршка, управувањето со однесувањето и адаптацијата на физичките активности.
Но, пред сè, треба да ја промениме перспективата.
Ученикот со аутизам не треба да го гледаме низ она што не може да го направи.
Треба да го гледаме низ она што може да го постигне – со соодветна поддршка.
Токму затоа, насловот на нашата конференција – „Од препораки до практични решенија“ – е особено значаен.
Препораката има вредност само ако стане практика.
Истражувањето има вредност кога ќе доведе до подобрување на животот на луѓето.
А проектот има вистински успех само ако неговите резултати продолжат да живеат и по неговото формално завршување.
Нашата заедничка цел треба да биде секое дете со аутизам да има право и можност да биде физички активно, да учествува во училишниот живот, да развива пријателства и да се чувствува прифатено и вреднувано.
Тоа не е привилегија.
Тоа е право.

Почитувани колешки и колеги,
Сакам да изразам искрена благодарност до сите партнери кои придонесоа за реализацијата на проектот EmpowerAble, до наставниците и стручните работници кои ги споделија своите искуства, до родителите за нивната доверба и, пред сè, до учениците кои нè потсетуваат зошто ја работиме оваа работа.
Посебна благодарност упатувам до сите членови и соработници на Македонското научно здружение за аутизам, кои со својата посветеност продолжуваат повеќе од две и пол децении да придонесуваат за подобрување на положбата и квалитетот на животот на лицата со аутизам во нашето општество.
И дозволете ми на крајот да упатам една порака до сите Вас:
Да не дозволиме оваа конференција да биде крај на проектот. Нека биде почеток на нова фаза – фаза во која препораките ќе станат практики, практиките ќе станат стандарди, а инклузијата ќе стане реалност.
Да создадеме училишта во кои секое дете ќе има можност да се движи, да игра, да учи, да се развива и да припаѓа.
Затоа што инклузивното образование не значи само да му дозволиме на детето да биде со нас. Инклузијата значи да создадеме услови детето навистина да биде дел од нас.
Ви благодарам за вниманието.
Ви посакувам успешна конференција, плодна дискусија, нови идеи и, најважно, нови практични решенија за нашите ученици со аутистичен спектар на нарушување.
Ви благодарам и Ви посакувам топло добредојде на Филозофскиот факултет во Скопје!

Скопје, 26.08.2026   
Претседател на МНЗА

Friday, July 31, 2026

31.07.2026 - плоден публицистички ден

Почитувани колешки и колеги,

Иако на одмор, но денес имав исклучително плоден публицистички ден. Имено, денес излегоа две публикации каде бев уредник или коуредник. Тоа би било како едно заокружување на месец јули и првите седум месеци од годината.

Најпрвин излезе Зборникот на резимеа од Завршната конференција на CUPID проектот или COST Action CA21123 – Cancer – Understanding Prevention in Intellectual Disabilities (CUPID). Зборникот ги обединува научните трудови и апстракти презентирани на Завршната конференција, одржана во Брисел, Белгија, на 23–24 јуни 2026 година, претставувајќи ги најновите научни сознанија, иновативни практики и меѓународни иницијативи насочени кон унапредување на превенцијата, раното откривање (скринингот) и грижата за лицата со интелектуална попреченост во областа на онколошките заболувања. Зборникот е достапен на следниот ЛИНК.
Искрено им благодарам на сите автори, презентери, рецензенти, учесници на конференцијата, како и на членовите на Научниот и Организацискиот комитет за нивниот исклучителен придонес. Нивната посветеност, професионалност и меѓународна соработка беа од клучно значење за успешната реализација на COST Action CUPID.
Ве замолувам да го споделите Зборникот со вашите колеги, институции и професионални мрежи, со цел резултатите и знаењата создадени преку оваа меѓународна соработка да допрат до што поголем број истражувачи, здравствени работници, креатори на политики и сите кои работат во областа на интелектуалната попреченост и превенцијата на ракот.

Цитирање на зборникот: Denieffe, S., & Trajkovski, V. (Eds.). (2026). Proceedings of the final conference: Cancer – Understanding Prevention in Intellectual Disability: Partnering to Support Co-Produced Change (Brussels, Belgium, June 23–24, 2026). South East Technological University, Ireland.

Со особено задоволство ве информирам дека бев уредник на Извештајот со препораки за политики, изработен во рамките на проектот Еразмус+ KA220-SCH: „Поддршка на децата со аутизам преку физичко образование (EmpowerAble)” Проект бр. 2024-1-LT01-KA220-SCH-000246848.
Извештајот содржи препораки за политики засновани на научни докази, насочени кон унапредување на развојот и имплементацијата на квалитетно инклузивно физичко образование за учениците со аутистичен спектар на нарушување (АСН). Врз основа на резултатите од истражувањата, пилот-имплементацијата, консултациите со засегнатите страни и меѓународната соработка, документот нуди практични насоки за носителите на политики, образовните власти, училиштата, наставниците и другите професионалци кои работат во областа на инклузивното образование. Прочитајте го и преземете го извештајот ОВДЕ. Тоа е англиската верзија, а за некој ден ќе излезе и преводот на македонски јазик.
Се надевам дека оваа публикација ќе придонесе за понатамошно јакнење на инклузивните образовни политики и практики, обезбедувајќи еднакви можности секој ученик со аутистичен спектар на нарушување активно да учествува, да учи и да го достигне својот целосен потенцијал во наставата по физичко образование. Искрено им благодарам на сите проектни партнери, истражувачи, едукатори, родители и други засегнати страни, чие знаење, експертиза и посветеност овозможија реализирање на оваа публикација.
Ве замолувам да го споделите извештајот во вашите професионални мрежи и на тој начин да придонесете за негово пошироко влијание и примена.

Цитирање на извештајот: Supporting Children with Autism through Physical Education. (2026). Policy Recommendation Report. Erasmus+ Cooperation Partnership Project No. 2024-1-LT01-KA220-SCH-000246848

Уредникот


Friday, August 13, 2021

Покана за учество на меѓународна конференција за аутизам

Почитувани колешки и колеги, драги студенти, родители на деца со АСН

Ми причинува огромна чест и задоволство во име на Македонското научно здружение за аутизам да ве поканам на меѓународната конференција насловена „Лицата со аутизам во центарот на вниманието - поддршка преку индивидуално насочено планирање“, што ќе се одржи на 25 август 2021 година, на платформата ZOOM со почеток точно на пладне.

Оваа конференција е завршен настан на 3-годишниот проект „Холистички пристап кон индивидуално насочено планирање кај лица со аутизам“ (AUTISM_PCP), од програмата Еразмус + на Европската комисија, со референтен број 2018-1-EL01-KA204-047788.

Специфичната цел на настанот е да се промовира методологијата за планирање ориентирана кон личноста, прилагодена за лица (вклучително и деца) со аутизам, која е развиена како клучен резултат на работата на меѓународниот конзорциум Аутизам ПЦП во изминатите три години. Иако главните импликации се однесуваат на социјалните услуги, придобивките од примената на индивидуално ориентирано планирање во образованието се особено значајни, особено во образовните премини на учениците со аутизам.

МНЗА во последните 17 месеци за време на пандемијата континуирано креираше семинари за едукација на професионалци и родители на деца и лица со состојби од аутистичен спектар и ќе продолжи да го прави тоа во наредниот период. Оваа меѓународна конференција, на која ќе присуствуваат предавачи од САД, Австралија, Кипар, Грција и Македонија, е само еден дел од таа севкупна образовна активност, која ќе продолжи и во иднина.

Доколку сакате да учествувате, задолжително е да се регистрирате и да го пополните формуларот на Google на следната врска: https://forms.gle/AgeUC2zq1UXR5XKN7

Можете да аплицирате најдоцна до 20 август оваа година. Учеството е без плаќање такса за регистрација. Конференцијата ќе биде сертифицирана, а за да добиете сертификат потребно е да бидете присутни на платформата ZOOM од самиот почеток до крајот на истата.

Покрај тоа што во моментов имаме голем број на пријавени кој изнесува 420 учесници, ќе ни биде многу драго доколку и вие учествувате на оваа важна меѓународна конференција.

Скопје, 13.08.2021 

Со почит,

Претседател на МНЗА



Wednesday, November 18, 2020

Прашалник за достапност на јавни простори за лица со аутизам

Почитувани родители на АСН, колешки и колеги,

Во рамките на AFS проектот кој го спроведуваме во рамките на Еразмус плус програмата, заедно со колеги од Малта, Шпанија, Аутизам Европа го креиравме следниот Прашалник за достапност на јавни простори за лица со аутизам кој е креиран на платформата SurveyMonkey. Ве молиме одвоите 5-10 минути од вашето драгоцено време во пополнување на истиот, а резултатите ќе ни бидат од голема корист во развивање на алатки, кои пак ќе бидат од огромна корист за лицата со аутистичен спектар на нарушувања во Македонија.
Ви благодариме на соработката!
Претседател на МНЗА