Почитувани претставници на медиумите,
Имаме особена чест и задоволство да Ве информираме дека на 25 април (четврток) Македонското здружение на медицински уредници го прославува својот 10-ти роденден од своето постоење. Тоа е период кој не е ниту многу долг, но ниту многу кус. Сакаме да укажеме дека ова е прво вакво национално здружение во Југоисточна Европа. Годините наназад беа исполнети со многу премрежија на општествено политичката сцена во Македонија, војните во Украина и Газа, пандемијата со Ковид-19 и тоа се рефлектираше врз работењето на Здружението. Активностите беа исполнети со многу подеми и падови. Речиси со минимални финансиски средства, успеавме да реализираме многу од нашите цели и задачи.
Основна цел на Здружението е да се подобри квалитетот и нивото на медицинските списанија преку размена на информации и искуства за уредување и издавање на медицинските списанија и воспоставување на правила согласно меѓународните стандарди за научна и публицистичка етика и интегритет, како и континуирана размена на информации и едукација на уредниците и членовите на Уредувачкиот одбор на научните списанија, научниот подмладок и научната заедница во Македонија, во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, соодветните министерства, универзитети и факултети, професионални здруженија и комори, како и со релевантните меѓународни агенции и асоцијации.
Во сите овие години покажавме дека можеме да се носиме рамноправно со други вакви здруженија од ЕУ и светот, да бидеме лидери во Македонија за едукација и размена на информации за интегритетот и научната и публицистичка етика и превенција на измама во областа на биомедицината. Во сите овие 10 години, преку разни видови активности на Здружението, се трудевме да ја зголемиме свесноста за интегритетот во академското пишување и објавување. Организиравме четири едукативни работилници од кои три за млади научници од биомедицинските и сродни науки. Во периодот зад нас, исто така, два пати ја одбележавме „Меѓународната недела на рецензирањето“ што се одржува во месец септември и имавме четири настани по повод „Меѓународната недела за отворен пристап“ што се одбележува секоја година во месец октомври на светско ниво.
Годинава, решивме токму на денот на основањето 25 април, да ја крунисаме нашата самопрегорна работа со организирање на НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО: НАУЧЕН И ПУБЛИЦИСТИЧКИ ИНТЕГРИТЕТ ВО БИОМЕДИЦИНАТА. Конференцијата ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите со почеток во 8:30 часот (регистрација на учесниците). На конференцијата ќе бидат презентирани 15 трудови од кои шест на поканети предавачи од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Украина и девет трудови од македонски автори. За оние кои нема да можат да дојдат лично, обезбедена е ЗУМ конференциска врска. За конференцијата постои голем интерес од домашната стручна и научна јавност и досега се пријавени 146 учесници. Очекуваме дека оваа конференција ќе има одглас и значајно влијание во доменот на академското публицирање во Македонија, во регионот и пошироко.
МЗМУ мошне често е присутно со популарни објави на социјалните медиуми со што сакаме да споделуваме информации за подигнување на свесноста и едукација за научната и публицистичка етика на сите заинтересирани страни во нашата заедница и пошироко.
Искрено се надеваме дека вие како медиуми ќе помогнете во покривање на овој настан преку објавување на содржини, слики, или видео прилози на вашите електронски, печатени и ТВ медиуми.
Ние, членовите на МЗМУ ќе продолжиме да споделуваме релевантни информации и да едуцираме млади кадри, да креираме нови проекти и да објавуваме научни трудови, во насока на подобрување на академскиот интегритет и дигнитет.
Скопје Со почит,
24.04.2024
No comments:
Post a Comment