Почитувани колешки и колеги, драги студенти од сите три циклуси,
Со особена чест сакам да Ве известам дека денес, 27.12.2022 година излезе од печат долго очекуваниот учебник со наслов „Академско пишување и објавување“. Долг период во мене тлееше потребата да напишам вакво дело и да ја заокружам мојата издавачка дејност која ја започнав уште како секретар на редакцијата на списанието „Дефектолошка теорија и пратика во периодот 1998-2000 година. Потоа од 2004 до 2008 година бев заменик уредник, за да од ноември 2008 до септември 2017 година бидам и главен и одоговорен уредник на ДТП/JSER. Во меѓувреме бев и сум главен и одговорен уредни на Journal of ReAttach Therapy and Developmental Diversities (2018-2022), а од август годинава на Journal of Health and Rehabilitation Sciences. Со годините наназад се собираше искуство и материјали, за да во април 2021 година конечно решам да седнам и да почнам да го пишувам овој учебник. Тогаш и предложив на проф. д-р Наташа Ангелоска-Галевска од Инситутот за педагогија да биде коавтор. Бидејќи таа држи методолошки предмети, веднаш се согласи и одисејата започна. Поради некои здравствени проблеми речиси во текот на целата 2021 година не бев во можност да работам онака како што јас знам и умеам. Но, затоа, во оваа 2022 година запнав со полна пареа, подоцна се придружи и колешката и така во август го завршивме нашиот дел од работата. Потоа, следуваа редица процедури кои се неодминлив дел кога пишувате универзитетски учебник. Последните речиси две месеци учебникот се средуваше во печатницата, а тоа е прилично долг период. Но, нејсе, да не се жалам многу, важно е дека се „породи“ бебето. :)
Учебникот е посветен на сите студенти кои чувствуваат глад за науката.
Страниците на овој учебник првенствено се наменети за студентите од Филозофскиот факултет во Скопје и останатите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои го избрале предметот Академско пишување и објавување и другите сродни предмети во текот на нивните студии. Учебникот може да биде корисен и за многу поширока популација, односно за сите оние кои се заинтересирани да сознаат повеќе за принципите и техниките на академското пишување и објавување. Академското пишување и објавување е начин на комуникација што треба да е усвоен и практикуван од сите членови на академската заедница.
Во овој пост сакам да се заблагодарам на сите кои на некој начин придонесоа да биде испечатен и да изгледа вака како што изгледа.
Голема благодарност до благодарност до Филозофскиот факултет во Скопје, кој и во овие тешки финансиски времиња издвои средства за печатење на учебникот. Многу сме им благодарни на рецензентите проф. д-р Мирко Спироски и проф. д-р Ана Димишковска за навремената и конструктивна рецензија на книгата. Благодарност заслужува секако и научната фондација „Спироски“ за издвоените средства за лектурата на овој универзитетски учебник. Лектурата за три седмици одлично ја заврши лекторката Љубица Севдинска, долгогодишен лектор со која со задоволство соработувам. Корицата маестрално ја подготви психологот Андреа Ивановска, мој одличен соработник во последните четири години.
Учебникот се продава во Студентскиот сервис на Филозофски факултет по цена од 600 денари. За многу кусо време ќе биде достапен во сите Студентски сервиси при факултетите на УКИМ. Можно е да го има и во други книжарници, ако не претераат сопствениците со високите маржи. Заинтересираните индивидуи кои се надвор од Скопје, ќе можат да го нарачаат по пошта, но затоа ќе треба платат дополнително и за брза пошта.
Доколку чувстувате глад за науката или доколку познавате некој што му треба учебникот, подарете им го како исклучителен подарок за Нова година и Божиќ. Во продолжение на постот можете да ја видите предната корица и содржината на учебникот за да знаете дека „не купувате мачка во вреќа“. Ете си направив реклама, другото е на Вас... :)
Раскажувачот
No comments:
Post a Comment