Thursday, January 5, 2023

Извадоци од рецензиите на учебникот „Академско пишување и објавување“

Почитувани колешки и колеги, драги студенти,

Сакам да споделам некои извадоци од рецензиите на учебникот „Академско пишување и објавување“

Ракописот „Академско пишување и објавување“ е напишан на 207 страници во А4-формат со компјутерски обработен текст, со единечен проред 0 слики и 18 табели. Користената литература се состои од 130 библиографски единици. Има 9 прилози и Индекс на зборови. Содржината на ракописот се состои од: Предговор, 1. Академско пишување и објавување, 2. Пристап до научни информации, 3. Видови научни и стручни дела, 4. Структура на научен труд, 5. Анализа и интерпретација на резултати, 6. Докторска дисертација, 7. Јазик и стил на научно дело, 8. Документирање на научни трудови, 9. Пишување и објавување во списанија, 10. Научна етика, 11. Сциентометрија, 12. Улогата на метриката на ниво на труд во научното објавување, 13. Презентации на конференции и постери, 14. Литература, 15. Прилози, 16. Индекс на зборови. Предложениот ракопис под наслов „Академско пишување и обајвување“ од авторите проф. д-р Владимир Трајковски и проф. д-р Наташа Ангеловска Галеска е прво издание од оваа област, со содржина која е во согласност со наставните програми на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Според изложениот концепт, обемот, пристапот на обработка и презентацијата на материјата, како и посочената користена литература, овој ракопис се категоризира како учебник. Искрено се надевам дека овој ракопис, како иден учебник, освен што ќе биде од корист за студентите на Филозофскиот факултет во Скопје, истовремено ќе има исклучително значење за сите сегашни и идни генерации на истражувачи кои го избрале академското пишување и објавување како предмет на нивниот интерес.

Проф, д-р Мирко Спироски


Ракописот на учебникот Академско пишување и објавување од проф. д-р Владимир Трајковски и проф. д-р Наташа Ангелоска Галевска е посветен на еден мошне значаен сегмент од целокупноста на процесот на научноистражувачката работа – адекватното претставување на нејзините резултати и дострели во вид на пишани трудови или усни презентации со научен и стручен карактер. Поаѓајќи од основните карактеристики на академското пишување определени во првото поглавје од трудот – јасноста, концизноста, аргументираноста, објективноста, критичноста, непристрасноста, компаративниот и евалуацискиот карактер и насоченоста кон поширока научна публика – авторите на ракописот детално и систематски ги елаборираат клучните предуслови за обезбедувањето на споменатите карактеристики на академските трудови.
Дел од овие предуслови се однесуваат на самиот методолошки квалитет на истражувањата чии резултати тие ги соопштуваат. Оттаму, значаен сегмент од содржината на трудот (особено темите што се третираат во второто, четвртото и петтото поглавје) се однесува на определувањето на самиот поим на научниот факт и научната информација, на типовите документи и бази што се носители на овие видови информации, како и на важноста на употребата на соодветни начини и методи за доаѓање до објективни и соодветно верификувани научни знаења. Во овој поглед, особено значење е посветено на разработката на методолошките елементи на истражувањето чии резултати се презентираат во научниот труд и ја определуваат неговата структура: изложувањето на теориската рамка на истражувањето, дефинирањето на основните поими, проблемот, предметот, карактерот, целите и задачите на истражувањето, хипотезите, варијаблите на истражувањето, популацијата и примерокот врз кои тоа се спроведува, како и на изборот на соодветните методи, техники и инструменти на истражувањето.
Во овој ракопис е изложен опстоен, детално систематизиран, јасен и релевантен третман на принципите, правилата и стандардите на академското пишување и објавување, чие совладување претставува неопходен сегмент од подготовката за квалитетна академска дејност и научноистражувачка работа. Во неговото конципирање, очигледен е напорот на авторите да ги инкорпорираат сознанијата поврзани со следењето на најсовремените трендови во сферата на пишувањето и објавувањето на академските трудови, кон кои нудат не само информативен, туку и критичко-евалуативен пристап. Покрај презентирањето на базичните теориски аспекти на темите што ги третира, посебен белег на трудот претставува силно нагласената практично-контекстуална компонента. Имено, ракописот содржи голем број практични упатства насочени кон студентите како негови примарни корисници, кои треба да им помогнат во операционализирањето на изложените теориски сознанија. Исто така, со оглед на тоа што учебникот е првенствено наменет за студентите на Филозофскиот факултет како единица на УКИМ, во него на многу места се инкорпорирани релевантните нормативни и процедурални одредби поврзани со процесите на дипломирање, магистрирање и докторирање на нашиот универзитет. Сепак, со тоа не се намалува или ограничува теорискиот дострел на учебникот, туку, напротив, се зголемува неговата практична корисност за студентите на Филозофскиот факултет, а со својата општа концепција и вклучените содржини, тој останува релевантен и за сите други индивидуи заинтересирани да дознаат повеќе за принципите и техниките на академското пишување и објавување.

Проф. д-р Ана Димишковска




No comments:

Post a Comment