Monday, September 30, 2013

Излезе од печат најновиот број на ДТП/JSER Вол.14., 3-4, 2013

Почитувани читатели,
Сакам да ве информирам дека денес 30 септември 2013 година излезе од печат најновиот број на списанието Дефектолошка теорија и практика Вол.14., 3-4, 2013. Во продолжение ви го претставувам предговрот кон новиот број.

Драги читатели,
На еден месец пред прославувањето на 20-годишниот јубилеј на Институтот за дефектологија, колегите забрзано ги спроведуваат последните подготовки. Како што беше веќе наведено
во минатиот број, Меѓународната конференција ќе се одржи во хотел „Метропол“ во Охрид
од 17 до 19 октомври 2013 година. Се очекува присуството на околу 150 гости од регионот и
на поканети предавачи од Англија. Ова е уште една добра можност да ве поканиме да учествувате на оваа наша конференција и со тоа да ги збогатите вашите знаења со модерните аспекти на специјалната едукација и рехабилитација. Од Конференцијата се планира печатење
на зборник на резимеа и зборник на трудови, кои, за жал, нема да бидат наша специјална едиција, а тоа е така поради концепциски разлики со повеќето од колегите од Институтот.
Во меѓувреме списанието ги засилува своите сциентометриски параметри. На пример, неодамна добивме вредност за универзален фактор на влијание (UIF 2012 = 1.0985), а вредностите за h5-индексот и h5-медијаната за 2013 изнесуваат 2. Должен сум да напоменам дека универзалниот фактор на влијание не се однесува на познатиот фактор на влијание што го доделува компанијата „Томсон Ројтерс“.
Што ново ни носи овој број? Тоа што радува е зголемениот број на нови автори кои за првпат
објавуваат во ова списание. Авторите Киткањ и Георгиева говорат за растројствата во однесувањето кај адолесцентите со лесна интелектуална попреченост. Во оваа прва рубрика авторите од Хрватска н¢ запознаваат со задоволството на родителите за раните мерки на грижа за децата со интелектуално нарушување. Рејченберг и Ловгрен од Шведска пишуваат за општествената практика за наставата по читање и пишување во училиштата за ученици со интелектуална попреченост. Италијанските автори во рубриката Психолошко-педагошки преглед настапуваат со еден провокативен наслов: Што знаеме за „нарушувањата во приврзувањето“?
Колешките Рајовиќ и Јовановиќ ги обработуваат бариерите за инклузивното образование правејќи преглед на ставовите на српските наставници за инклузивното образование во изминатите 10 години. Уште еден труд за интеграцијата и инклузијата во израелскиот едукативен
систем и израелското општество е прикажан во рубриката наменета за практичарите. Во последната секција Новини од светот, авторите го анализираат Ушеровиот синдром во образовнaтa средина во Индија.
Во стандардната рубрика Вести и информации среќаваме корисни информации за трибината
одржана на Филозофскиот факултет во Скопје по повод Светскиот ден на лицата со Down
синдром, за одбележувањето на Светскиот ден на лицата со аутизам, како и попрецизни информации за претстојната меѓународна конференција што ќе се одржи во Охрид. Во овој број
има и резиме од еден одбранет магистерски труд под наслов Квалитетот на односот меѓу
браќата и сестрите во семејствата кои имаат дете со аутизам и резиме од одбранета докторска дисертација под наслов Проценка на самостојноста во изведувањето на секојдневните активности и потребата од окупациона терапија кај лицата со мултиплекс склероза.
Како и во претходните броеви така и во овој ќе ги забележите редовните рубрики: Библиографија, Листа на рецензенти и Индекс на автори.
Учеството на конгреси и објавувањето на научни трудови претставува обврска и должност за
секој истражувач.
Со почит,
Главен и одговорен уредник


No comments:

Post a Comment