Почитувани колешки и колеги,
Пред мене се наоѓа најновото издание на учебникот Медицинска физиологија од легендарниот Артур Гајтон и Џон Хол, благодаение на господата од Академски печат кои ми го подарија истото. Ова е учебник за прв пат преведен на македонски јазик, а е во рамките на 1000 преводи од Владата на РМ. Во оваа пригода јавно им благодарам на издавачот Академски печат за одлуката да ми го подарат. Јас имав едно издание на српско-хрватски јазик од 1988 година од времето кога бев студент. Овој учебник е алфа и омега за физиологијата. Доколку сакате да ги научите основите на физиологијата, неминовно е да го прочитате неколку пати и патем да го научите. Добар доктор по медицина без него не бива. Во луксузна, тврда корица, отпечатен на мазна хартија во боја претставува стимул во рацете на секој млад научник. За негоХол вели дека тој е ненадминат физиолог кој имал објавени над 600 трудови, преку 40 книги и еден од најголемите физиолози во историјата на медицината. Иако со прележан полиомиелитис тоа не го спречило да развива нови концепти и нови методи во современата физиологија со особен акцент на кардиоваскуларната физиологија. Со сопругата имале 10 деца и сите станале врвни доктори по медицина во САД. Тој бил инспиративен пример и за животот и за науката. Иронично но вистинито тој трагично го завршува неговиот живот на 3 април 2003 година во сообраќајна незгода на 84 годишна возраст. Артур Гајтон во многу го задолжи светот со неговите оставини. Мене не ми преостанува ништо друго, туку топло да ви ја препорачам оваа книга, особено на медицинарите кои не би требало да го замислат студирањето без неа.
Почитувач на делото на Артур Гајтон
No comments:
Post a Comment