Почитувани членови на редакцискиот одбор и на издавачкиот совет,
Според деловникот за работа
на списанието Дефектолошка теорија и практика мандатот на редакцискиот одбор,
главниот и одговорен уредник и неговата издавачка канцеларија изнесува пет
години и затоа чувствувам должност и потреба да го поднесам овој 5 годишен
извештај.
Редакцискиот одбор во овој
состав е избран на 10.11.2008 година. Оттогаш наваму одржани се 15 состаноци на
редакцискиот одбор на кој се донесени мошне значајни одлуки за
интернационалниот развој на списанието.
Воведен е нов систем на
работа со праќање на покани со дневен ред, записници од состаноци, меморандум,
формулар за авторска изјава, формулар за рецензентот, деловник за работа и
слични документи кои овозможија подобра системска работа и функционалност во
работењето. Веднаш започнавме да применуваме УДК број кој се добива од
Национална и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски∏ во Скопје.
За прв пат во историјата на списанието по 10 месечна
макотрпна работа на главниот уредник и Блажеј Атанасовски на 8 септември 2009
година е отворена вeb страница JSER online (http://jser.fzf.ukim.edu.mk) која донесе нов
квалитет, слободен пристап до сите трудови објавени од првиот број во 1997
наваму, зголемена видливост на списанието, достапност до сите автори и читатели
од светот, негова поголема индексација, односно негова интернационализација.
Оваа веб страница просечно има по 70 посети дневно или до денес е видена 89.450
пати, речиси од сите земји во светот. Во однос на видливоста на интернет
подоцна во 2010 година отворени се профили на социјалните мрежи Facebook и Twitter каде што речиси
секојдневно се објавуваат новини за индексацијата на списанието, текстови за
публицистичката дејност и новини од областа. Групата на Facebook брои 1867 членови и
секојдневно се зголемува. Ова му овозможи квалитет плус на списанието во
неговите напори да стигне до што поголем број на читатели и да предизвика што
повеќе автори да поднесуваат трудови. Преку веб страницата овозможен е онлајн
систем за поднесување на трудови и напуштен е стариот модел за испраќање на
трудовите во хартиена верзија.
Редакцискиот одбор брои 22 членови, од кои 7 од
Македонија и 15 од странство со што одамна списанието ги исполнува законски
предвидените услови за меѓународен уредувачки одбор, што од своја страна им
овозможи на сите наставници на Институтот за дефектологија да станат ментори за
докторски студии.
Редакцискиот одбор во овој состав издаде 12 броја, а на
пат е 13-от број што се планира да излезе од печат до 15 март годинава. Од
претходно доцнење и по 8-9 месеци, направено е да броевите излегуваат понекогаш
и 15 дена пред роковите, а тоа се 31 март и 30 септември. Во овој период се
објавени 88 стручно научни трудови од автори од 24 земји од сите пет континенти
и тоа: 26 трудови од Македонија, 15 трудови од Србија, 10 трудови од Босна и
Херцеговина, 6 трудови од САД, 5 трудови од Хрватска, 4 трудови од Италија, по
2 труда од автори од Полска, Словенија, Бугарија и Австрија и по 1 труд од:
Англија, Норвешка, Словачка, Литванија, Романија, Нов Зеланд, Канада, Хонг Конг
(Кина), Нигерија, Јужна Кореја, Иран, Шведска, Израел и Индија. Овие податоци
говорат за силната посветеност и самопрегорност на членовите на издавачката
канцеларија во насока на светска популаризација на списанието.
Од јуни 2011 година главниот уредник овозможува Versita (De Gruyter) да стане
електронски издавач на списанието со што уште повеќе се зголемува можноста за
индексации и читање на списанието во сите точки на земијината топка каде што
има достапно интернет. Ова членство се плаќа по 840 евра годишно и првите две
години беа финансиски покриени од интегративните средства на Ректоратот при
УКИМ, а фактурите од 2013 и 2014 остануваат обврска на Филозофскиот факултет во
Скопје како издавач на списанието. Во моментот списанието е индексирано во 46 светски
бази на податоци од кои позначајно е да се напоменат: Academic Journals Database, De Gruyter, DOAJ, EBSCO, HINARI, Index Copernicus, Proquest, Scientific Commons, Scirus, Scopus, SHERPA/ROMEO,
SummonTM Service, WorldCat. Покрај тоа списанието се наоѓа како линк во 56
референстни светски универзитетски библиотеки од кои позначајни се: American
Public University System, Bibliothekssystem Universität Hamburg, Bristol Community College, Catalyst Libraries Johns Hopkins University, Glasgow
University Library, Imperial College London, Kitasato Memorial Medical
Library, Miami University Libraries, Staatsbibliothek zu Berlin, University Library in Bratislava, University of Antwerp Library, University of Connecticut Libraries, University
of Groningen Library, University
of Hong Kong Libraries, University
of Nevada Libraries, University
of New South Wales Library, University
of Washington Libraries и
многу други. Ако добро се пресмета стигнуваме до импозантна бројка од приказ на
ДТП/JSER во 100 светски
референтни единици. Овој податок укажува на деноноќната посветеност и ажурност
на пишувачот на овие редови во реализацијата на своите обврски и поставувањето ДТП/JSER
како светски проект. Само за потсетување е фактот дека кога тој ја отпочна
својата работа списанието не беше индексирано во ниту една база на податоци. Во
изминатиот период на два пати бевме одбиени во постапка за добивање на фактор
на влијание и еднаш за индексација во PubMed. Во 2015 година следува реевалуација на
списанието. Ако се има предвид дека единственото чисто македонско списание со
фактор на влијание чекало 25 години да го добие овој фактор, тогаш можеме да
кажеме дека ни претстои долга битка во која не смееме да се откажеме.
Во
периодот 2012-2013 година на моја иницијатива, а под раководство на поранешниот
продекан за финансии на Филозофскиот факултет во Скопје проф. д-р Тони Милески
беше спроведен проект за дигитална библиотека на Филозофскиот факултет на
платформата Open Journal System во која се најде и нашето списание
(http://dl.fzf.ukim.edu.mk/index.php/jser/index).
Оваа платформа нуди одлични можности за работа на издавачката канцеларија со
авторите и рецензентите, но заради финансиски проблеми проектот не е довршен до
крај онака како што беше замислен, иако главниот уредник работеше макотрпно на
полнење со податоци на веб страницата и на честа комуникација со вработените од
фирмата Cube Systems која ја изработуваше оваа
платформа. Потребни се дополнителни финансиски средства од други извори и
цврста волја за преминување и дислокација на веб страницата на новата
платформа.
Списанието
во извесна смисла на зборот е доходовно, бидејќи остварува приходи од продажба
во Студентскиот сервис на Филозофскиот факултет, како и од електронска продажба
на Proquest и EBSCO, средства кои директно се влеваат
на сметката на факултетот.
Почитувани
колешки и колеги, направени се уште многу значајни работи во изминатите пет
години кои заради времето и просторот не е можно овде да се споменат, но
историјата ќе ги помни. Низ редакцискиот одбор и издавачката канцеларија поминаа
многу колешки и колеги кои од разно разни причини се откажуваа и се повлекуваа
од тешката работа. На сите нив, како и особено на сегашните членови од с¢ срце им благодарам за соработката, поддршката
и разбирањето. Ова е тимска работа и успехот е заеднички. Списанието мора да
продолжи да живее и во наредните пет години и потоа. Да му го овозможиме тоа!
22.02.2014
Главен
и одговорен уредник на ДТП/JSER