Sunday, February 9, 2014

Мементо 09.02.1994 - 20 години потоа

Драги пријателки и пријатели,

Недела наутро, време е за рубриката Мементо. Тогаш пред 20 години на 09.02.1994 беше многу поладно од ова денешново утро. Беше среда, мојот среќен ден. Во среда сум и роден и знаев дека финишот мора да биде крунисан со највисоката оцена. Таа ноќ многу малку спиев во очекување на мојот последен испит на студиите на Медицински факултет. Се пробудив нешто околу 6 часот и по појадокот се навратив на книгата да го повторам уште еднаш материјалот, онака телеграфски. Како се приближуваше времето за испитот, така станував понервозен. Сум полагал и потешки и пообемни испити, но овој беше последниот. На нашиот факултет во тоа време немаше одбрана на дипломски трудови, „а уште тоа ни недостасуваше„ по сите оние практични, писмени и устни испити. Времето леташе како на филмска лента и дојде моментот кога се упатив пеш кон „Водњанска„, а требаше да стасам до последната зграда од левата страна на улицата што го означува крајот на дворот на клиничкиот блок. Колегите што ми се генерација и повозрасните, а и оние нешто помладите ќе се сетат на зградата во дречлива розово-црвена боја зградата на Институтот за судска медицина. Речиси сите од колегите во тоа време го оставаа овој испит за последен, па така и јас. Немав многу време за подготвување, бидејќи претпоследниот испит го полагав само 12 дена претходно и затоа не бев 100% сигурен дека ќе го положам со десет. Некои можеби успеваа да го подготват и за помалку денови, но тоа беше нивна работа како успеале во тоа. Во тоа време се полагаше само кај двајца професори: проф. д-р Карпош Бошковски (за жал сега веќе покоен) и проф. д-р Алексеј Дума. Искрено го посакував првиот, заради тоа што на едно негово предавање, дојдов само јас од цела генерација (другите фатија „магла„). Тогаш тој ме повика во неговиот кабинет (како сега се сеќавам) и ми честиташе на упорноста и истрајноста. Затоа повеќе го посакував него мислејќи дека можеби полесно ќе поминам. Но, како и секогаш сметката дома и таа на пазар не е иста, Марфи проработува и јас сум определен да полагам кај вториот проф. д-р Алексеј Дума (кого го поздравувам во оваа пригода). Си велам во себе, нема бегање, одам до крај па дури и да не ја добијам за мене посакуваната највисока оцена. Добив три прашања на кои во моментов не можам да се сетам, но ги имам како концепт во станот на моите родители (можеби во друга пригода и да ги објавам :) ). Испитот траеше прилично долго време, бидејќи во просторијата полагавме неколку колеги и колешки. Пишував концепт и дојде редот на мене. Беше доста интересно, на моменти и непријатно заради „шетањето„ низ целиот материјал. Но, на крајот задоволство на моето лице. Колега, доволно е, еве ви 10 за заокружување на вашите студии. Претходната загриженост беше и заради тоа што на институтските предмети не бев 100% во највисоките оцени, додека на клиничките предмети просечниот успех ми беше 10.00. Ова беше само потврда на континуитетот по претходните клинички предмети, финале на моето пет години и четиримесечно студирање, исполнување на мојот сон за мојата прва љубов - медицината. Од тој ден станав доктор по медицина. Да биде иронијата поголема со предметите завршив на институт, а не на клиника, иако потрошив 3,5 години во волонтирање и мислам дека клиничката работа повеќе ми лежи. Ете зашто го паметам овој 9 февруари мал ден за човештвото, а голем ден за мене.
Раскажувачот



No comments:

Post a Comment