Tuesday, April 7, 2015

Излезе од печат најновиот број на ДТП/JSER Вол.16., 1-2, 2015

Почитувани колешки и колеги, драги читатели
            Сакам да ве известам дека денес излезе од печат најновиот број на Дефектолошка теорија и праткика Вол.16., 1-2, 2015. По долга и напорна шест месечна работа новиот број е пред нас.


Пишувањето научни трудови претставува начин на комуникација во науката. Научните трудови се објавуваат во научни списанија. Едно такво научно списание во илјадниците светски списанија е и нашето Дефектолошка теорија и практика, кое се труди да ги следи светските трендови. Во малите научни средини како што е Република Македонија постојат голем број фактори кои ја отежнуваат работата и го намалуваат вистинскиот квалитет на научните списанија. Кога државата вложува само 0,3% од БДП во науката, тогаш не можете да очекувате сериозен научен дострел на македонските научни списанија. Во вакви мали списанија секогаш е голем проблем да обезбедите високо квалитетни трудови кои подоцна би биле широко цитирани и со тоа би обезбедиле фактор на влијание на научното списание. Државата бара високи критериуми од наставниот кадар и објавување на трудови во списанија со висок фактор на влијание, а притоа не обезбедила никаков пристап во базата на податоци Web of Science. Неминовно се наметнува впечатокот дека социјална држава и висока наука не одат рака под рака. Кога на тоа ќе ги додадете нелогичните потези на издавачите за намалување на хонорарите на членовите на издавачката канцеларија и за одбирање на печатници кои не се по вкусот на главните уредници, тогаш можете да заклучите дека, за да се стане успешен уредник на врвно списание во мала научна средина како македонската, е невозможна мисија. Министерството за образование и наука мора да најде дополнителни средства и да го зголеми финансирањето на научни истражувачки проекти и да вложува многу повеќе во интернационалните списанија со домашно потекло за во блиска иднина тие да се стекнат со фактор на влијание.
Да се осврнеме накусо на овој број 1-2 за 2015 година. Во првата рубрика Дефектолошко-стручната проблематика овој пат се застапени домашни автори. Колешката Даниела Димитрова-Радојичиќ пишува за Поимите за бои кај децата со вродено слепило, а авторките Рашиќ-Цаневска и Чичевска-Јованова обработуваат некои аспекти за квалитетот на животот кај лица болни од мултипна склероза. Во рубриката Медицински третман е поместен еден труд од авторката Добринка Георгиева која доаѓа од Република Бугарија. Таа го проучува мултидимензионалниот исход и долгорочната евалуација на терапијата за неизбегнување на пелтечењето. Рубриката Психолошко-педагошки преглед е претставена со два труда на автори од САД кои ги обработуваат следните теми: Анализа на саморегулирачката стратегија за интервенција во развојот на пишувањето кај ученици со специфични тешкотии во учењето  базирана на докази и втората тема Полагање на стандардизираните оценувања со избледување на насочувањата. Автори од Хрватска во рубриката посветена на практичните трудови ни ја претставуваат програмата за насочено читање за затвореници. Во последната рубрика Искуства и новини во светот автори од Индија го запознаваат читателот со дилемата: Дали ангажираноста на таткото влијае на афектната состојба, на стекнувањето говорни вештини, на социјалната вклученост и на однесувањето на малите деца со аутизам.
Во рубриката Вести и информации читателите ќе најдат податоци за осмата меѓународна конференција Специјалната едукација и рехабилитација денес одржана во Белград, Србија. Потоа, Ана Петковска пишува за третиот собир за ретки болести во Југоисточна Европа одржан во ноември 2014 година во МАНУ во Скопје. На крај, вестите завршуваат со извештај за проектот Програма за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници поднесен од Јасмина Трошанска. Следува апстрактот од еден одбранет магистерски труд од колешката Сашка Трајковски под наслов Способноста за самозастапување на лицата со интелектуална попреченост.

Со почит,
Главен и одговорен уредник


No comments:

Post a Comment