Ви се обраќам вам на моите сегашни и идни дипломци, а од овој пост можат корист да видат и другите дипломци. Секако дека доста од овие правила може да се применат и во изработка на магистерски и докторски труд. Како што веќе знаете тема за изработка на дипломски труд се избира во договор со менторот. Овде би сакал да напоменам некои најчести грешки кои се прават, а се` со цел грешките во иднина да се минимизраат.
- Потребно е доследно следење на водичот на изработка на дипломски трудови кој го имам објавено на моите блогови пред повеќе години. Маргините кои се дадени треба да се почитуваат, насловната страна убаво да се уреди, содржината и целиот текст да бидат порамнети од двете страни (justified). На наслованата страница пожелно е да се стават логото на УКИМ и лотото на ФЗФ во горниот леви и горниот десен агол.
- Забележувам често мноштво на печатни, лекторски грешки или не ставање на интерпункциски знаци. Основно правило е пред да го предадете дипломскиот труд да го прочитате најмалку еднаш и да биде предаден со минимални вакви грешки. Во спротивно сте некоектни и изразувате непочитување кон менторот. Потребно е да се пишува во пасивна форма, наместо да се пишува во прво лице еднина или множина. Убаво би било ако имате пријател, роднина по македонски јазик или на вашиот поранешен професор/професорка по македонски јазик да ги замолите да ви го лекторираат, иако ова за дипломските трудови не е задолжително на нашиот институт. Но, за повисока оцена и убав впечаток би било убаво да се направи.
- Односот теоретски наспроти истражувачки дел треба да биде 1/3 : 2/3.
- Постои непишано правило дека должината на дипломскиот труд изнесува 50 страници. Се толерира 10-20% надминување, но не и повеќе.
- Во делот резултати доколку не познавате статистика и методологија неопходно е да се консултираат статистичар и методолог. Резултатите за едно прашање се изнесуваат или само со табела или само со слика, никако повторување на истите по два пати. Табелите и сликите не смеат да излегуваат надвор од предвидените маргини. Кај сликите доволно е да има само објаснување долу под сликата, а не истото да се повторува и во самата слика горе. Кај сликите често пати во варијаблите забележувам слични нијанси на бои што не е добро. Вие треба да користите контрастни бои за да ги одвоите варијаблите една од друга. Запомнете дека реченицата не се започнува никогаш со број (на пример 7, туку ќе започнете со збор, т.е. седум). Кога една варијабла нема варијација, т.е. е застапена со 100%, нема нејзина дихотомност, тогаш илузорно и непотребно е да правите слика, односно графикон. Таквиот наод можете само текстуално да го појанисте. Резултатите треба да се појаснат што означува статистички значајна разлика, а не само да се констатира дека постои или не постои. Исто така треба да се потенцира ако p < 0.001 дека е тоа силна статистички значајна разлика.
- За највисока оцена убаво би било дипломскиот труд да содржи дел дискусија кој ќе опфати компарација на сопствените резултати со резултати од литературата (наши студии или светски студии). На ова посебно инсистирам кај магистерските трудови.
- Литературата треба да биде наведена според Ванкуверски или Харвардски стил на цитирање. Другите начини кај нас на институт послабо се користат, иако не се исклучени. Во литературата треба да имате најмалку 30 референци ако сакате оцена 9 или 10. Што повеќе коректни референци, тоа укажува на ваша поголема студиозност во обработката на трудот и поголема шанса за висока оцена. Референците во најголем број на случаите треба да бидат трудови од списанија и учебници, а во помал број интернет ресурси од некои дневни весници, Википедија и други помалку релевантни веб страници. Во 60-70% тие треба да бидат објавени во последните 5 години.
- Пред да ги отпечатите дипломските трудови конвертирајте го фајлот од Word документ во PDF документ. Само така нема да имате проблеми со изместување на табели и слики и поместување на страници во содржината. Ова е честа грешка која се повторува кај вас и затоа ви обрнувам внимание.
- Експозето за време на одбраната треба да трае најмногу 20 минути и на презентацијата на трудот треба да бидете суверени во презентираето на истражувањето. Тремата, стравот и слично се ваши противници и затоа со вежбање треба да ги избегнувате. За тоа како треба да направите добра презентација прочитајте во еден мој претходен пост.
Доколку сакате највисоката оцена да ви биде обезбедена треба строго да се придржувате на овие правила. Во спротивно кога ќе добиете пониска оцена не прифаќам никакви поплаки, озборувања и слично.
Менторот
No comments:
Post a Comment