Saturday, August 22, 2015

Мементо на првиот испит

Драги мои,
Мислите ми се навраќаат на полагањето на мојот прв испит на Медицинскиот факултет во Скопје. Не знам зошто ме навраќаат точно 26,5 години назад. Веројатно студентот и професорот во мене се едно двојство кои што се во вечна симбиоза. Беше први март, си велев прво па мора да биде машко :). Прилично ладно надвор, но и неизвесно во мојата глава дали ќе положам, со каква оцена? На само 5 месеци од почетокот на студиите и речиси 6 месеци од враќањето од ЈНА. Една година во војска прави да излезеш од сите образовни и научни колосеци и токму затоа не знаев што ме чека. Рано станав тоа утро, впрочем како и секогаш. Малку спиев од возбуда и позитивна трема. Се водев од девизата ако започнам со максимален учинок тоа би било добро за моето понатамошно студирање. Се упатив со автобус кон брдото на Гази Баба. Автобусот застана кај хотел „Континентал" и од таму низ подземниот премин. Веќе погодувате дека одев кон ПМФ. Првиот испит што го полагав тој први март 1989 година беше Физика, еден од моите три омилени предмети (покрај биологија и хемија). Во осмо одделение и во прва година во МУЦ одев и на натпревари што ги организираше „Народна техника на Македонија". Си велев тоа е гаранција дека ќе го положам испитот, но главното прашање беше со која оцена? Тогаш во нашата генерација имаше некоја неофицијална трка кој ќе знае повеќе, кој ќе има повисок просек, кој ќе постигне подобри резултати, е не како денес, да се помине испитот, па макар и со ургенции. Да се разбереме ги имаше и тогаш, но во многу помала мера. Испитот го полагав кај проф. д-р Александар Гичевски (нагалено ние студентите го викавме Гиче). Беше одличен физичар, господин човек, редовно му одев на предавањата и си велев можеби тоа ќе помогне малку. Се поајави тој со седа коса, тогаш по моја процена имаше околу 55 години (не сум сигурен), не` повика да влеземе во еден стар амфитеатар. Испитот се полагаше писмено, ни постави три прашања, не се сеќавам сега точно кои беа прашањата. Обично на устните испити правев концепт, кој би требало да е во станот на моите родители. Но, листовите од овој испит останаа кај него. Потоа отидов замислен дома, никогаш не можеш да бидеш сигурен дека си положил, особено не дека ќе добиеш десет. Потоа следуваа неколку психички исцрпувачки денови на неизвесност додека беа објавени резултатите. Дојде тој долго очекуван ден кога на огласната табла видов дека сум положил со 10 и што да ви речам бесценета младешка радост. Професорот Гичевски ја впиша десетката и во оваа пригода многу му благодарам. Не знам дали се` уште е жив професорот (би требало да има околу 80 години плус-минус некоја). Ако е жив го поздравувам и би сакал да го видам, да си помуабетиме.


Иако сме половина година далеку од 1 март, како музичка подлога на овој пост се наметнува песната на нашата поп дива Каролина Гочева.


Тогашниот студент

No comments:

Post a Comment