Friday, January 17, 2014

РЕЦЕНЗИЈА И СТАНДАРДИ ЗА ПУБЛИЦИРАЊЕ

Рецензија или евалуација од колеги-експерти е процес на подложување на труд, истражување или идеја на проверка од други кои се квалификувани и способни да направат непристрасна рецензија. Одлуката дали манускриптот ќе се објави или не, или ќе се модифицира пред објавувањето, ја донесува едиторот на списанието врз основа на мислењето на еден или повеќе рецензенти. Овој процес треба да ги охрабри и поттикне авторите да се придржуваат на прифатените стандарди на нивната дисциплина и да спречи дисеминација на ирелевантни наоди, непоткрепени тврдења, неприфатливи интерпретации и лични видувања. На научните публикации што не поминале низ рецензија најчесто се гледа со недоверба од академската, односно научната јавност и професионалците. Трудовите кои пледираат на оригиналност треба да се придржуваат на претпоставките на добрата клиничка практика (за стручните трудови) и на научниот метод (секвенца или колекција на процеси кои се сметаат за карактеристични за научното истражување и за стекнување ново научно знаење засновано на докази).
Интересно е однесувањето кон процесот на (негативна) рецензија: најголемиот дел се благодарни за укажаните пропусти и на нив гледаат како на можност да го унапредат своето знаење и да ја зголемат веројатноста за објавување на своите трудови, други се обесхрабруваат и се плашат дури и да се обидат да испратат труд за објавување, а трети, се огорчени, лути, навредени.
Се разбира, секој има право да не се согласи со мислењето на рецензентот или на едиторот, и доколку успее да го образложи и да го поткрепи својот став со релевантни докази, ќе придонесе за подобрување на квалитетот на рецензирањето. Иако рецензирањето има многу недостатоци (најчесто се споменува бавноста), сепак, на него треба да се гледа како на чувар на профилот на едно списание, унапредувач на квалитетот и учител за стандардите за публицирање на стручно-научни трудови.
„Vox Medici”

No comments:

Post a Comment