Wednesday, January 1, 2014

2013-та година на јубилеи

Драги пријатели и пријателки, колешки и колеги, роднини
Како што е редот на 1 јануари честитки и мементо на претходната 2013 година. Од се` срце ви посакувам спокој во душата и преживување во 2014 година. Денес е мудро да преживееш подолго. Би сакал да дадам кус осврт на 2013 година, како што тоа го правев и претходно на мојот стар блог.
За мене 2013-та не беше многу успешна, но не можам да кажам дека беше и неуспешна година. Навидум рутинска година, но можам да извлечам еден заеднички содржател дека тоа беше година на јубилеи и тоа е она убавото.
Април беше месецот кога пред 10 години бев избран за доцент (или за прв пат наставник во мојата кариера).
Во мај изминаа 20 години од моето апсолвирање на Медицинскиот факултет во Скопје.

Вистинските прослави на јубилеите започнаа со прославата на 30 години полуматура со соучениците од ОУ „Владимир Илич Ленин„ на 1 јуни. Прекрасни мигови на враќање во времето и рефреширање на детските денови.
Од 26 до 28 септември бев на 10-от интернационален конгрес на Аутизам Европа, по повод 30 годишницата од постоењето на оваа значајна европска асоцијација.
На 9 септември се навршија 25 години од моето завршување на војниот рок во ЈНА (или популарното „симнување„ на униформата), нешто што беше исклучително значајно пред 25 години, бидејќи на таков ден како да се „преродувавме„.
Октомври е месец со најмногу јубилеи. На втори октомври во Загреб, Центарот за аутизам ја прослави својата 30 годишнина од постоењето. Ги поздравив со пригоден говор, што го прочита претседателката на Трисомија 21. Од 17 до 19 октомври ние на Институтот за дефектологија одбележавме 20 години на македонската високообразовна мапа и тоа го сторивме со 4-тата меѓународна конференција одржана во Охрид. На 25 октомври поминаа 10 години од моето стапување во брак (или како ли го викаа некои други) :)
На 13 ноември го прославив својот 45 роденден, длабоко навлезен во второто полувреме од својот живот. За трето полувреме којзнае дали ќе имам шанса? :) Крајот на ноември изминаа пет години како сум главен и одговорен уредник на списанието Дефектолошка теорија и практика.
Толку што се однесува до јубилеите. Годината заврши за мене „спектакуларно мирно„, како што би рекле на ТВ во кругот на семејството заради „детски болести„, но ете и тоа си доаѓа со годините да се дочекува Нова година во мирна атмосфера. Ако се суди според дочекот на новата 2014 година, би требало да очекувам мирна и спокојна година (или таква ја посакувам), година на многу проекти, кои во изминатите години беа запоставени заради бројните задолженија кои ги остварував. И да не заборавам од вчера 31.12.2013 не сум повеќе факултетски Еразмус координатор, бидејќи пред еден месец и половина добив одлука од Деканатот дека ми завршува мандатот. Заради тоа сите прашања поврзани со тоа ги пренасочувам на нивна адреса, бидејќи не знам кој ќе биде новиот координатор/ка, на кому му/и посакувам успешно извршување на задолженијата.

За многу години нека е, вечни да се прославите!
Искрено вашиот професор, колега, пријател, другар, роднина
п.с. и за крај 30 години од мојата омилена новогодишнина песна од групата У Шкрипцу под наслов Нове године.



No comments:

Post a Comment