Изреволтиран од аномалиите околу докторатите во последните четири години на ФЗФ го пишувам овој пост. Што се` не видовме и не истрпевме од поднесување на докторски тези од лица со сомнителни научни биографии, преку форсирање на менторите и членовите на Институтот да се докторира за 1,5 до 2 години од почетокот на пријавата на докторатот и тоа од кандидати кои се со просечен или потпросечен успех за време на додипломските или постдипломските студии, без ниту еден објавен труд во домашно, а за меѓународно списание со фактор на влијание и да не зборуваме. Се пријавуваа и тези кои на Универзитетите кои се во топ 100 на Шангајската листа не би биле прифатени ниту за дипломски трудови. Имаше и случаи да магистрира кандидатот на 29 ноември и за две седмици до 15 декември да пријави докторат, чиниш се работи за идниот и еднинствен македонски Нобелов-ец/ка. Крајно е нечесно и научно некоректно да се користат некои непотистички комбинации и да се инсистира да се заврши пред некој нормален рок (од три години), иако за некои канидати и тој рок е кус, бидејќи не се доволно научно „ферментирани„ и немаат некаков импакт врз нашата современа наука. На сите овие научни недоследности реагирав и се` уште реагирам и жестоко ќе се спротивставувам на сите неправилности, бидејќи ги сметам за тешки аномалии во научниот интегритет. Да биде несреќата поголема, на ФЗФ пред да почнат докторските студии немаше никакви критериуми во смисол дека кандидатот треба да има објавувано трудови од областа на изработка на тезата и тоа во меѓународни списанија со фактор на влијание. На силните универзитети, па и на некои позначајни од регионот сето тоа е регулирано со правилници и статути на факултетите. На пример, во нашата близина на Медицинскиот факултет во Скопје се барани од канидатите четири труда од областа во кои кандидатот е прв автор, од кои еден е индексиран во Индекс Медикус, најпознатата и најмоќната база на податоци за биомедицинските науки (видете документ во прилог). Пред четири години предлагав дека кандидатот/кандидатката мора да има најмалку два веќе објавени труда во меѓународно научно списание од областа на докторската теза, од кои едниот да биде во списание со фактор на влијание, да има учествувано не само на домашни, туку и меѓународни конференции со трудови (а не само туристички), да биде млад истражувач во научно истражувачки проекти, неговата тема да биде оригинална и да има некаков импакт врз дефектолошката наука (а не да испитува некакви „ставови„). Она што можам да го ветам е дека ќе се борам со сите сили против сите овие аномалии и ќе застанам на браникот на чесноста и научниот интегритет.
Поборник за вистинската наука во РМ
No comments:
Post a Comment