Sunday, October 5, 2014

Поддршка за една мајка на дете со аутизам

Драги читатели,
Сега требаше да бидам на настанот „БОРБА„ во Обреновац, Србија. Но поради обврски кон моите деца немав прилика да отидам и лично да ја дадам својата поддршка кон организаторот на настанот госпоѓата Весна Клачар, инаку самохрана мајка на Тара - дете со аутизам. Таа е и студент на ФАСПЕР од Белград што значи и колешка, па ме замоли да одржам еден говор. Сигурно не го одбрала случајно денешниот ден 5 октомври, историски ден за соседите од Србија, кои на истиот овој ден пред 14 години ја започнаа револуцијата против режимот на Слободан Милошевиќ. Водеа борба за демократизација на општеството. Сега, таа води нова борба, борба за правата на децата со посебни образовни потреби и развојни нарушувања да имаат подобар и поквалитетен живот, да бидат поприфатени во општеството како од авторитетите, така и од пошироката општествена заедница. Наскоро во 12:00 часот на плоштадот во Обреновац, градот феникс некој од присутните ќе го прочита мојот говор кој ви го проследувам во оригинал. Да и помогнеме во перманентната борба на оваа мајка и на сите други родители кои се борат за подобро утре на своите деца, но и на сите деца кои имаат одредени нарушувања, болести, попречености и слично.

Почитувани дами и господа поддржувачи на лицата со инвалидност,

Имам особено пријатна чест и задоволство да Ви се обратам на овој настан симболично наречен Борба". На жалост овој град и овие луѓе во него постојано се во некаква борба со природни стихии, борба со инвалидноста на своите ближни, борба со политичарите и авторитетите во нивната сензибилизација. Во оваа борба предничи една мајка лавица, борец за правата на својата Тара, но и на другите деца со посебни образовни потреби и развојни проблеми. Ја познавам една година, но имам чувство како да ја знам еден цел век. Енергична, цврста, храбра. Во нејзините намери не ја спречи ни елементарната непогода која беснееше во вашиот Обреновац и другите места во Србија и која ние Македонците ја примивме со голема емпатија. Нејзината борба ме потсетува на Хамлетовската дилема: „To bee or not to bee”. Таа секогаш се определува за „to be”, иако не и лесно воопшто. Ја следам во последната година преку социјалните мрежи, преку медиумите и повремено меѓусебно комуницираме и не можам да се изначудам на нејзината позитивна енергија и сила секојдневно да се бори за подобрување на животот на оваа популација граѓани. Неа не ја демотивираат нејзините секојдневни проблеми со аутизмот на нејзината Тара. Сега се бори за воведување на персонален асистент за работа со децата со посебни образовни потреби во Обреновац, па и пошироко. Зашто кога може да имаат персонален асистент соседите во Јагодина, да немате и вие во Обреновац? Господа политичари послушајте ја оваа мајка и овозможете им персонални асистенти на овие деца во општина Обреновац. Тоа е основно право на ваквите деца во земјите од Европската Унија. Нашите две земји се стремат да влезат во ЕУ. Па во таа насока и ние мораме да ги исполнуваме тие критериуми ако сакаме подобар и подостоинстен живот на децата со аутизам и сите други деца со развојни проблеми. Знам дека не ви е лесно и вам политичарите, но морате да скратите од вашите средства за луксузни возила и други непотребни буџетски трошоци и да ги пренамените за персонален асистент. Вашите соседи во Хрватска многу добро го имаат решено овој проблем. Зашто вие во Србија би биле позади нив 10-20 години? Правото на инклузија во редовно образование на децата со образовни потреби е востановено уште во Саламанка пред 20 години. Дали треба да поминат уште 20 години за да сфатиме дека повеќето од овие деца се едукабилни? Затоа, ја давам својата поддршка на госпоѓа Клачар да издржи во своите напори, ја давам својата поддршка на сите мајки и татковци во Македонија, Србија и насекаде на Балканот каде уште има проблеми со инклузијата, со перосналните асистенти и слични други проблеми на основна егзистенција.
Друго на што сакам да се осврнам во овој мој говор е идејата на колешката Весна Клачар да отвори културно-едукативен центар. Во последната година неколку пати ми кажа дека ќе ме покани да говорам на неговото отворање. Никако да се оствари таа идеја. Ги молам надлежните органи во локалната самоуправа на општина Обреновац да и овозможат простор и материјални средства каде таа би ја остварила својата идеја да можат децата со развојни нарушувања да се едуцираат, културно да се воздигнуваат, да се дружат и на тој начин да бидат социјално инклузирани во општеството. Ваквите центри не бараат многу материјални финансии. Потребна е само добра воља на добри луѓе на вистинско место во вистинско време. Искрено се надевам дека моето ветување што и го дадов на госпоѓата Клачар дека ќе говорам на отворањето на овој културно едукативен центар во блиска иднина ќе ми биде исполнета. Се извинувам на сите вас што заради приватни обврски не можам да бидам со вас овој викенд.  Почитувани пријатели на лицата со инвалидност, ние мораме да им овозможиме подобри услови за живот, подобра образовна и социјална инклузија, поперспективна иднина на овие лица. Ви посакувам на сите многу здравје и истрајност во вашите намери.

Претседател на МНЗА



No comments:

Post a Comment