Први септември е - ден кој буди многу спомени, пријатни чувства. Ден за паметење, ден кој отсекогаш сум го сакал. Оваа година имам повеќе причини позитивно да се навраќам назад во времето. Денес се навршуваат точно 40 години од моето започнување на училиште. Веќе сеќавањата бледнеат, но добро знам дека со мајка ми тогаш на 1 септември 1975 година се упативме рано околу 07:30 часот кон ОУ „Владимир Илич Ленин", сегашното ООУ „Гоце Делчев" во строгиот центар на градот. Не беше тогаш чопоративно одење на цели семејства со баби и дедовци. Родителите не добиваа слободен ден како сега што добиваат. Знам дека татко ми мораше да биде на работа, лекарската професија не трпи многу одлагања. Исто се сеќавам дека мојата мајка само првиот ден ме однесе на училиште и толку. Преку ноќ созревавме и бевме независни во одењето на училиште, а и во многу други работи. Знам дека им се потсмевавме на тие што ги носеа родителите или бабите и дедовците. Беше непоимливо денешното разгалено однесување на родителите. Не можам до детал да се присетам на настанот, но знам дека веднаш започнувавме со часови и немаше некаво постепено прилагодување, на пример секој ден за половина час да останеш повеќе од минатиот ден. Тогаш директно се започнуваше со по 4 часа на ден. Деца да плачеле по мајки и татковци, тоа беше мислена именка. Мислам дека имаше едно машко дете кое плачеше по родителите, кое подоцна беше изложено на таков потсмев од другарчињата што потоа на пологудие се пресели до друго училиште. Ех, да има временска машина да ме врати барем за миг во таа 1975, би го дал целото мое скромно богатство.
Денес, драги пријателки и пријатели станувам полнолетен со стаж на ФЗФ. Тој први септември 1997 година, ден по трагичното загинување на Лејди Дајана го започнав патот на кој се наоѓам се` уште. Патот од помлад асистент до редовен професор на УКИМ. Ова полнолетство би требало да значи една полна зрелост за еден професионалец. Тоа е пат кој бараше многу откажувања, од кои трпев јас, но трпеше и моето семејство. Речиси две децении пат за кој уште ја имам дилемата дали е вистинскиот? Мисла која постојано ми циркулира во главата дали требаше да се откажам од медицината, мојата прва љубов, да бидам прагматичен да дојдам на ФЗФ и да почнам да си ја правам кариерата, да заработувам за егзистенција или да останам да волонтирам на скопските клиники за 0 денари, па можеби некогаш (којзнае кога) да се вработам и да го работам тоа што најмногу ме влечеше во животот - клиничката медицина и да бидам професор на МФ во Скопје. Ова ќе остане вечна дилема во мене, прашање кое заслужува одговор, а него го нема.
Но толку од ова Мементо гранде, време е да се вратам во денешницата, нешто што ќе биде мементо за некоја година, на денешниот 1 септември, овој многу жешкиот во секој поглед, да не речам пеколниот. Денес, мојата и нашата Донатела започнува да го чекори патот што почнав да го одам пред 40 години. Пат неизвесен, пат кој мора да се трасира и фундира, за да нема потоа скршнувања. Како и вообичаено станат во 06:00 часот, се упатив кон нејзината соба. Гледам откриена, деновиве едвај како да чекаше да тргне на училиште, да биде прваче, да влезе во еден поинаков свет, малку покрут од оној безгрижниот во градинка. Но, возбудата кај неа преголема и креветот влажен :) Со неполни 6 години старт во нешто што бара преголема одговорност, нешто неизвесно за неа, па регресивните механизми понекогаш работат и се случува она непосакуваното. За цело време нејзиниот лик, нејзиниот поглед оддаваше одредена стабилност за време додека одевме кон училиштето, како и за време на првиот училишен час. Од се` срце и посакувам да биде меѓу најдобрите ученици, да учи за да знае, да не користи ургенции и да не се „вади" на името на родителите. Успех за секој родител е неговите деца да го надминат, така што уште сега и посакувам да стане академик :) За крај погледот кој е мешавина на стабилност, неизвесност, среќност и испретурани емоции, погледот кој нејзиниот татко го прави да биде неизмерно горд и среќен.
Раскажувачот
No comments:
Post a Comment