Вчера се опрости од македонската кошарка едно од петте најголеми имиња кои ги имала македонската кошарка. За жал со пораз на евробаскетот во Загреб и тоа од Словенија каде проведе извесен дел од неговата кариера. Сите пишуваат по нешто за него, па си реков да напишам и јас некоја реченица, да оставам некоја трага на мојот блог, не за друго зашто немам што да напишам, туку дека лично го познавам, иако го немам видено 18 години.
Малкумина знаат дека како доктор бев заедно со тогашната кадетска репрезентација на турнир за квалификации за европското кадетско првенство што се одржа во Спишка Нова Вес во Словачка во 1997 година. Јас млад доктор, тој млад кошаркар. Чинам беше април. Тргнавме со автобус од Скопје и патувавме неверојатни 28 часа до местото на одржување на првенството. Селектор на таа генерација беше Митко Луковски. Владо Илиевски уште како кадет пленеше со играта беше вистински предводник на таа генерација во која уште беа Чековски, Шуш, Грнчаров, Цевка и многу други кои не успеаа да направат позначајни кариери. Се сеќавам дека Владо доби некоја тешка настинка и му дадов терапија, но и покрај мојата препорака да не игра, тој не ме послуша. Не сакаше да ги остави другарите на „цедило" и го одигра тој меч под терапија. Ете таков беше, а и сега е Илиевски инаетлив, упорен, голем патриот. Нема сомнение дека беше најдобар во таа генерација и не е ни чудно што многу малку играше за македонските клубови. Да се разбереме, тогаш кадетите не се пласираа за европското кадетско првенство, но неговата улога на лидер на таа генерација беше забележлива. Беше доста скромен, карактерна црта што отсекогаш сум ја ценел кај луѓето. Македонската кошарка губи многу со неговото пензинирање, но да се надеваме дека ќе се стави на располагање како што и самиот кажа. Има што да им покаже на помладите. Сите ние имаме работен век, за жал кај спортистите тој пократко трае. Од тој настан животните патишта ни се разделија, го немам видено, иако Македонија е „мала". Би било убаво да се видиме, да му честитам на успешната кариера, да испиеме некој сок на пример.
Во продолжение едно одлично видео за него што се појави пред малку на ФБ.
Докторот
No comments:
Post a Comment