Деновиве за празниците прегледав 47 семинарски работи. Некој ќе рече не е многу, некој друг ќе каже вие професорите не ги читате, само така ставате „на слепо" поени. Но, не е така, велам јас. Ги читав од прв до последен збор, како и секогаш. Со жалење морам да признаам дека овој пат семинарските трудови беа најслаби, или времето беше врнежливо, па јас сум бил малку меланхолочен и така сум ги доживел. :) Повторно провејуваат грешките со нецитирање на автори, премногу препишување на мојот учебник, технички недоследности, недоволно искористени референци, премногу печатни грешки. Овој пат открив 1-2 студенти на кои најверојатно некој им друг помагал во пишувањето. Нивните перформанси што ги прикажуваат на вежби, колоквиуми и испити не соодветствуваат со високите поени на семинарската работа. Мислам дека овие семинарски работи во ваква форма нема никаква потреба да се прават, да се читаат, заради тоа што студентите се учат на copy-paste системот, а не на научно истражувачка работа. УКИМ треба веднаш да ги укине како обврска за собирање поени. Немаат смисол повеќе... Тоа е губење време и за студентите и за нас професорите кои ревносно ги читаме и оценуваме истите. Додека бев во Сплит на хрватската пролетна педијатриска школа имав пригода да се видам со мојот драг пријател и колега проф. д-р Борут Петрлин, директор на Институтот за клиничка генетика во Љубљана, кој ми раскажа како изгледа семинарска работа на неговата ќерка студент на 5-та година на Медицинскиот факултет во Љубљана. Имено, тамошните студенти имаат се должни да изработат една семинарска работа во текот на нивниот студиум, која ја работат истражувачки, најмалку една година и која потоа треба да ја објават во списание со фактор на влијание. Ех, кога ќе помислам дека многу редовни професори од универзитетите во Македонија немаат ниту еден труд со фактор на влијание, а сепак се редовни професори. Потоа, уште не ви е јасно зашто Словенија 12 години е во ЕУ, а ние немаме абер. Ова е само еден мал пример, кој јасно ја укажува дистанцата. Има разлика нели?
Прегледувач на семинарски
No comments:
Post a Comment