Monday, October 2, 2017

Соопштение за јавноста

Почитувани читатели,
Денес 2 октомври требаше да биде светол ден за мене и уште две колешки од ФЗФ. Имено, денес требаше да бидат потврдени нашите реизбори во редовни професори на Сенатот на УКИМ. Но, некој/а не сакаше да биде така. Иако минатата седмица од нашите сенатори добивме дневен ред дека сме ставени на избор, сепак во петокот дознавме дека тоа нема да биде така и дека ќе бидеме тргнати од дневниот ред што така и се случи денес.
Имено, нашиот конкурс започна на 24.03.2017 и до 24.09.2017 требало да бидеме реизбрани во истото звање. Денес веќе се изминати 8 денови и колегите од Ректоратот нормално е што ги тргнале нашите точки од дневен ред бидејќи изборот немало да биде според ЗВО.
Иако мојата рецензија беше готова уште во мај, сепак ниту 4 месеци и повеќе за некого не беа доволни за да ја спроведе процедурата. Нормално тука во прилог не ни оди летниот одмор од 1,5 месец кога нема ни ННС на ФЗФ, ниту Сенат на УКИМ. Но сепак, ако внимателно ги проследите понатамошните редови ќе се запрашате дали е можно да има толку негативни коинциденции на едно место или се работи за нешто друго. Мојата позитивна рецензија се објави во Билтенот на УКИМ на 1 јуни годинава. Поранешниот декан на ФЗФ закажа ННС на 23 јуни на кој за жал не се обезбеди 2/3 кворум. Потоа, закажа уште еден ННС за шест дена на 29 јуни без притоа да им укаже на колегите и колешките дека 29 јуни е работен ден, одморите започнуваат на 10 јули и дека нивното присуство е неопходно. Сигурно погодувате дека ниту на 29 јуни не беше обезбеден кворум и никој од неоправдано присутните не беше казнет. Така го поминав летото во надеж дека кон крајот на август колегите и колешките ќе се смилуваат да дојдат на ННС, иако тоа им е нормална работна обврска. Дојде и 30 август, во народот велат трета среќа и ние тројацата бевме избрани едногласно од целиот ННС на ФЗФ. Токму кога ќе помислите дека се` е готово, ништо не било готово. Неколку пати во почетокот на септември се јавував во правната служба на ФЗФ (со ризик да бидам досаден) да прашам до каде е постапката. Ме јадеше некоја јанѕа. Денес гледам дека сум бил во право, бидејќи моето шкорпионско претчувство никогаш не ме излажало. Од правната служба добивав утешни одговори да не се грижам дека сe` ќе мине во најдобар ред и воопшто нема место за тревога и дека само требало уште да се состане Одборот за односи со јавноста (советодавно тело) кое се става над ННС, иако сите знаат дека ННС е највисокото тело кое одлучува на ННС. Додека на повеќе факултети на УКИМ тој фамозен одбор заседавал секогаш пред ННС што е сосема нормално така да биде, кај нас заседава по ННС. Да биде несреќата поголема тој фамозен одбор составен од 4 колешки од ФЗФ и не знам колку членови од надвор (ќе дознаеме кога ќе го објават на веб страницата на ФЗФ) не нашол за сходно да се состане од 30.08 до 18.09.2017. Внимавајте цели 20 дена, иако надлежните органи требало да знаат дека влегуваме во критичен период за избор и требало да свикаат итен состанок на тој одбор. Во меѓувреме на 01.09.2017 се врши редовен трансфер на позицијата декан на ФЗФ. Сега сигурно ви станува јасно дека стариот декан ќе се иземе од одговорноста бидејќи ова е Македонија, а новиот декан бил толку малку на таа позиција што нема никаква одговорност. Не ова не е сценарио за филм, ова е чиста вистина.
Драги пријатели,
Една од двете колешки вели дека е 32 години вработена на ФЗФ и ваков гаф да се „пуштат низ вода" три редовни професори никогаш немало во поновата историја на ФЗФ. Проценете сами дали е случајно или намерно ова сторено. Ова е голем срам за најстариот факултет во Македонија, не дека јас сум еден од изиграните, туку вака ќе реагирав да му се случеше на било кој од колегите или колешките. Јас би рекол дека ова е скандалозно неодговорно однесување на повеќе нивоа во хиерархијата на факултетот.
Денес, тројцата бевме повикани кај деканот каде ни беше објаснето дека не треба да се грижиме за нашите позиции и дека во забрзана процедура по трет пат ќе треба да бидеме избрани за редовни професори. Некои од колегите со слично годиште го фатија стариот закон и само со еден избор станаа доживотни професори, а некои ќе одат на три избори. Е сега проценете сами дали ова не е за во цртаниот филм „Калимеро нема правда". Останува горкото чувство на изиграност од сопствената институција во која го вадам лебот веќе 20 години. Сето тоа не по моја вина, не по моја заслуга. И нека не се бунат некои колешки и колеги дека јас го уривам угледот на ФЗФ. Угледот го уриваат несовесни и неодговорни поединци. Прашувам кој ќе го плати тоа што ФЗФ го наруши угледот и дигнитетот на тројца свои долгогодишни редовни професори???
Со почит,
НЕИЗБРАНИОТ

No comments:

Post a Comment