Tuesday, October 3, 2017

ВОДИЧ ЗА ИЗРАБОТКА НА СЕМИНАРСКА РАБОТА ПО ПРЕДМЕТИТЕ ХГ, ФФА и МОИ

Почитувани студенти,
Ви го проследувам водичот за изработка на семинарска работа по предметите Хумана генетика, Физиологија со функционална анатомија и Медицински основи на инвалидноста.

Семинарската работа подразбира обработка на одредена тема која се заснова на лични ставови, објаснувања и истражувања, поткрепени со употреба на домашна и странска литература која ни дава точни информации во врска со темата која ја обработуваме. 
Семинарските работи најчесто се изработуваат по предметите кои студентите редовно ги слушаат. Тие на студентите им овозможуваат да ги соберат што повеќе кредитни поени одделно за секој предмет. Постојат два типа на семинарски работи: индивидуални и групни. 
Важно е професорите да направат распоред околу изработката на семинарски работи за да не дојде до оптеретување на студентите по секој предмет. Затоа потребно е тие на самиот почеток на семестарот да ги истакнат темите на кои ќе се работи за да студентите можат навремено да ги достават до 30 ноември во тековната година. 
Семинарските работи можат да имаат форма на теоретска и практична семинарска работа. Практичната форма претставува помалку користење на студии или прикази на случаи во однос на резултатите од практичната настава и сите дотогашни искуства, а теоретската форма претставува приказ на странска литература или интернет ресурси со цел проширување на изложениот текст и презентирање на општи информации. Но и едната и другата форма на семинарка работа се важни бидејќи овозможуваат таа успешно и во целост да се изработи. 
Секоја семинарска работа треба да содржи неколку елементи, а тоа се: содржина, вовед, разработка, заклучок и користена литература. Таа не треба да биде поголема од 10 страници А4 формат чукано во програмот Word 2003 или погорна верзија. 
На првата страна т.е. насловна треба горе да стои името на универзитетот, факултетот, а под него институтот од кој доаѓа студентот, напишано со фонт Times New Roman 14.
Под него (на средината на страната), доаѓа насловот на семинарската работа напишана со истиот фонт со големина 16 и болд, и најдоле лево се пишува името на менторот а десно оној кој ја изработил семинарската работа. Под името на менторот и изработувачот, на средина се пишува град, месец и година на изработка. 
Еве пример како би требало да изгледа.


УНИВЕРЗИТЕТ ,,СВ.КИРИЛ И МЕТОДИЈ‡ СКОПЈЕ
ФИЛОЗОФСКИ ФАКУЛТЕТ
ИНСТИТУТ ЗА  ДЕФЕКТОЛОГИЈА



















DNA
-семинарска работа-
Хумана генетика










 Ментор:                                                                            Изработил:
 Профд-р Владир Трајковски                                          х х х х х х х х
                       
                        








                  Скопјеoктомври, 2017





















Содржината треба да стои на 2 страна и треба да ги содржи сите елементи од кои се состои семинарската, заедно со содржината и користената литература. Секој дел наведен во содржината треба да ја содржи и страната на која се наоѓа. 

Пример: 

Содржина ................................................................................... 2 
Вовед .......................................................................................... 3 
Хемиска градба на ДНА..............................................................4
Значење на ДНА за хуманата генетика......................................5
Заклучок........................................................................................9
Литература...................................................................................10

Воведот треба да биде околу една страница, но не повеќе. Тој треба да ги опфати мотивите за изработка на семинарската и некои општи сознанија за проблемот. Треба да се користи за кирилица со МК поддршка фонтот Times New Roman 12, а за некои англиски или латински термини да се употребува EN поддршка Times New Roman 12. 
Разработката треба да содржи одредени аргументи кои што оној што ја изработува ќе ги докаже со лични идеи, објаснувања и заклучоци, засновани на податоците со кои се служи од одбраната литература. Се употребува задолжително фонтот Times New Roman 12 за имињата на научниците и други странски термини. Во разработката потребно е да има поднаслови и тие да бидат со фонт 14 болд.
Маргините на страниците треба да бидат 2 см од горе, долу и десно, а 2.5 см од лево, а проредот меѓу страниците треба да биде единечен (single). 
Заклучокот стои на предпоследната страна од семинарската работа и тој треба да биде збир од се` она што претходно било напишано и која е суштината и значењето на темата за која се пишува.
Користената литература треба да содржи најмалку 3 интернет страници и најмалку 3 библиографски единици (странски и домашни), а може да се користат и предавањата по самиот предмет. 
Литературните податоци во текстот се цитираат со арапски бројки во заграда, во иста линија на текстот. Доколку делот содржи повеќе литературни референци тогаш во заградата ќе стојат сите бројки со кои се означени тие литературни единици. Потоа бројниот редослед на означување на цитираните литератури соодветно ќе се означи во користената литература. Тоа значи дака ако литературата е цитирана со број (1) во користената литература ќе се наведе како прва книга или интернет страница. 
Цитирањето на литературата треба да се направи на следниов начин: 

1. За списанија: се цитираат сите автори ако се шест или помалку; а за повеќе се цитираат само првите три автора и се додава сор. или et al. за англиски текст; не се ставаат точки по иницијалите и кратенките на списанијата.
Пример: Копачев Д, Трајковски В, Ајдински Г. Растроеното внимание како невропсихолошка когнитивна дисфункција. Дефектолошка теорија и практика. Скопје, 1998; 4: 57-64.

2. За книги: по авторот се цитира името на книгата, потоа издавачката куќа, местото и годината на издавање. 
Пример: Tucić N, Matić G. O genima i ljudima. Centar za primenjenu psihologiju, Beograd, 2002. (странската литература се цитира во оригинал).

3. Интернет страниците се цитираат така што прво се пишува авторот, името на интернет страницата, а потоа нејзината адреса. 
Пример: 

Презентацијата на семинарските трудови е усмена на видеобим и треба да биде подготвена во програмот Power Point 2003 или погорна верзија. Презентацијата на семинарската работа трае 10 минути. Претходно студентот на предметниот наставник треба да му достави 1 тврда копија од трудот и електронска верзија (ЦД, или по e-mail).
Семинарскиот труд се оценува со најмногу до 10 кредитни поени, кои влегуваат во глобалниот број на поени при полагањето на испитот. Должината на трудот не смее да надминува 10 страници.
Среќно!

Предметен наставник

No comments:

Post a Comment