Saturday, February 9, 2019

Четврт век доктор по медицина

Драги пријателки и пријатели, случајни и намерни посетители,
Денес навршуваат 25 години од завршувањето на мојот Медицински факултет во Скопје. Не е фраза ако речам како вчера да беше... За жал времето врви незапирливо и годините си летаат една по една, па така се зголемува бројот на години по моето дипломирање. По пет години, четири месеци и девет дена успеав да го завршам мојот факултет на МФ во Скопје. Беа тоа многу интересни години исполнети со многу учење, многу откажувања од овоземските задоволства, многу непроспиени ноќи, многу радости по добиена „банка" и многу прослави главно викенди и за време на зимскиот и летниот распуст. Тој 9 февруари таа 1994 година беше среда, нели среќен ден. Утрото го навестуваше убавиот историским ден за мене. Уште утрото се чувстуваше благата трема и радоста која треба да следува. Обично ние студентите во тоа време го оставававме за последен испитот Судска медицина, не многу обемен предмет, но предмет што не беше ни малку лесен. Во тоа време испитот се полагаше кај двајца професори: д-р Карпош Бошковски (за жал сега покоен) и д-р Алексеј Дума. Искрено, посакував да полагам кај првиот бидејќи ме паметеше од предавањата и мислев дека тоа ќе ми биде олеснителна околност. Но, како што цел живот сум одел по потешкиот пат, сигурно претпоставувате дека го извлеков овој вториот професор. Проф. Дума строг, сериозен, со поглед кој не` оддаваше некоја благонаклонетост кон студентите, подоцна долгогодишен претседател на Лекарска комора на Македонија. Извлеков три релативно тешки прашања. Имаше повеќе студенти тој ден кои полагавме устен испит. Тоа беше „дерење" на суво што би рекле ние во тоа време, а не како сега студентите што полагаат на прашања со повеќекратен избор и куси дефиниции. Самото присуство во неговиот кабинет правеше голем стрес. Последниот испит на МФ во Скопје и тогаш и сега имаше значење на дипломнска работа и не ми беше сеедно дали ќе завршам со десетка или со пониска оцена. Резултатот од испитот е во прилог:


На радоста и немаше крај, високиот просек не беше расипан, а животната желба беше остварена. Мојата прва и последна љубов - МЕДИЦИНАТА некако освоена. Да има сила да ме натера повторно да студирам, повторна ќе ја изберам оваа благородна наука и уште похумана професија. По неколку дена следуваше дипломска забава во кафе барот „Метро" кај другар ми Алек, забава до зори каква што можевме да направиме само ние во тоа време.
Сето друго потоа е тешка историја исполнета со подеми и по некој пад се разбира. Историја на волонтирање на две клиники, постидпломски студии на МФ, докторат на ФЗФ, доцентура, професура, многу малку ноќно спиење, многу часови проведени по европските аеродроми итн. Како и да е времето брзо минува, ние старееме, но мораме да останеме "forever young" во срцето и душата. Мора да се биде поискрен, поработилив, попрецизен, повешт, итн.

Докторот

No comments:

Post a Comment