Како што веќе објавив на ФБ, на 31 октомври излезе моето интервју за Факултети.мк, а спонзорирано од Пивара Скопје, кое се однесуваше на моите студентски денови. Овде сакам да упатам јавна благодараност на госпоѓата Сребра Ѓорѓиевска и на порталот за покажаниот интерес да бидам и јас дел од нивната мошне популарна рубрика. Беше тоа интересно враќање во времето 25-30 години. Поради ограничеснота на просторот, некои слики со мои драги колеги, другари и пријатели не беа објавени, та заради тоа ја користам оваа пригода да направам уште едно Мементо и да ги споделам сликите со пошироката јавност.
Летните одмори изобилуваа со многу забава, шегобиење, едноставно рај за душата. Сите оние кои ќе се препознаат, сигурно ќе им биде драго и ќе ги наврати во едни многу побезгрижни времиња во периодот 1988-1994 година.
Покрај фудбалот и баскетот кои ми беа главни спортови, често знаевме да отидеме на Водно со цела прва група од Медицински факултет и таму да спортуваме или да пееме на музиката од Александар Мицевски-Аце, кој одлично свиреше хармоника.
Во тоа време се` уште се правеа приватни журки до раните утрински часови. Денес, не сум слушнал дека некој прави приватна забава. Сето тоа изумре некаде во 90-тите години. Алиенацијата е пуштена на максимум. За паметење е предновогодишната забава кај Петрула студентка од Грција во населба Острово кон крајот на декември 1988 година (втората слика).
Апсолвентската вечер заради беснеењето на војната ќе беше нескромно да го прославиме некаде во европските метрополи. Затоа, решивме да славиме 2 вечери (наместо една), доста оригинално решение, каде што јас и Љупка Јолаковска бевме организатори во тогаш новоотворениот хотел Гранит во Охрид. На сликата меѓу апсолвентите едни од ретките професори кои не` удостоија со нивното присуство беа драгите проф. д-р Доцевски (за жал сега покоен) и проф. д-р Кристин Василевска.
Во интервјуто за Факултети.мк беше споменато дека кон крајот на студиите Александар и Бети Мицевски решија да стапат во брак со по 24 години возраст (прилично млади, во тоа време ретко кој се женеше на тие години). Ми направија чест со тоа што ме одбраа за старосват, моја прва функција на свадбите дотогаш :)
Ете така сакав да ја завршам приказната, која некако без овие настанаи и слики не ми изгледаше комплетна. Постоеше „опасност" некои пријатели и колеги од тоа време да ми забележат. За жал бројот на слики е мошне ограничен и речиси ова е се` што го имам од тоа време. Датумите на сликите не ги гледајте бидејќи тие се правени специјално за ова интервју и тоа неодамна. Со овој пост сакав и овие слики да ги имам објавено и сочувано на интернет. Секое Мементо буди позитвини емоции на едно прекрасно време, на едни извонредни дружби, на еден копнеж по младоста.
Раскажувачот
No comments:
Post a Comment