Showing posts with label интервју. Show all posts
Showing posts with label интервју. Show all posts

Saturday, April 4, 2026

Моето необјавено „цензурирано“ интервју за „Нова Македонија“ по повод 2 Април

Почитувани читатели,

Од за мене нејасни причини интервјуто на кое темелно се посветив во текот на месец март и бев повеќе пати контактиран од новинарот Живко Здравкоски, не се објави. На господинот Здравкоски му благодарам за интересот, а мене ми преостанува да ја запознаам пошироката јавност со текстот, на мојот медиум на кому никому не треба да давам отчет, ниту да го прашувам за авторски права.

ПОВОД – СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСНОСТА ЗА АУТИЗМОТ, ВТОРИ АПРИЛ

наслов: АУТИЗМОТ ВО МАКЕДОНИЈА – ПОМЕЃУ ПРЕДИЗВИЦИТЕ И НАДЕЖТА

Аутизмот не е болест што се лекува со една терапија или еден пристап. Тоа е развојна состојба која бара системска поддршка, рана интервенција, континуирана едукација и мултидисциплинарен пристап, вели, по повод денешниов (втори април) Светски ден за подигнување на свесноста за аутизмот, во разговор за „Нова Македонија“, врвниот европски научник за аутизам, проф. д-р Владимир Трајковски, кој е еден од основачите, од 2000 до 2005 година беше потпретседател, а од 2005 е претседател на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА). Предава три предмети на прв циклус на студии, два предмети на втор циклус и еден на трет циклус на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе 27 години негова преокупација е токму нарушувањето од аутистичниот спектар.

Во пресрет на меѓународниов ден, јавноста повторно се потсетува дека аутизмот не е ретка состојба, туку реалност што засега сѐ поголем број семејства. Нашиов соговорник, уважуван експерт ширум Европа, укажува дека во Македонија сè уште нема никаков национален регистар, но, според проценките, бројот на деца и лица со аутизам е во постојан пораст.
Според проф. д-р Трајковски, најголем проблем во Македонија не е само дијагностиката, туку и недостигот од координирана, системска поддршка.

Родителите најчесто се оставени сами на себе. Иако има напредок во раното препознавање, сè уште недостига национална стратегија што ќе ги поврзе здравството, образованието и социјалната заштита. Потребни се специјализирани сервиси, поддршка во училиштата и програми за возрасни лица со аутизам. Особено загрижува фактот што по завршувањето на основното образование, голем број млади лица со аутизам остануваат без соодветна поддршка. Мора да зборуваме за аутизмот во зрелата возраст. Не можеме да мислиме само на децата, укажува проф. Трајковски во врска со меѓународниот ден кој е за свесност, но и за поголема одговорност.

Светскиот ден се одбележува со цел да се зголеми разбирањето, прифаќањето и инклузијата.

Ние како МНЗА први во Македонија почнавме со чествување на денот уште во 2011 година. Ако се има предвид дека меѓународниот ден е востановен од Организацијата на Обединетите Нации во 2007 година, може да се заклучи дека во оваа сфера не заостануваме многу зад развиените земји. Овој ден не треба да биде само симболично осветлување на објекти во сино, туку поттик за конкретни политики и мерки. Свесноста мора да води кон акција, истакнува проф. д-р Владимир Трајковски.

Како и секоја година, така и оваа, МНЗА организира стручни предавања, медиумски настапи, трибини и активности за информирање на јавноста. Акцентот ќе биде ставен на научно базирани информации и борба против дезинформациите поврзани со аутизмот.
Во време кога на интернет се шират непроверени методи и лажни терапии, наша обврска е да понудиме докази, наука и етички пристап, потенцира претседателот на МНЗА.

Минатата година беше особено значајна за МНЗА, кое одбележа 25 години од основањето.

Кога го основавме здружението во 2000 година, аутизмот речиси и да не се споменуваше во јавниот простор. Денес темата е дел од академската, стручната и општествената дебата. Тоа е резултат на долгогодишна посветена работа на нашата асоцијација, потенцира проф. д-р Трајковски.
Здружението реализирало бројни научни истражувања, меѓународни конференции, обуки за наставници и стручни лица, публикации и прирачници за родители, проекти финансирани од европски програми. Неговата мисија отсекогаш била јасна – да ја поврзе науката со практиката и да создаде мост меѓу истражувањето и реалните потреби на семејствата. Проф. д-р Владимир Трајковски дополнува дека следниот чекор мора да биде воспоставување национален регистар за аутизам, национална стратегија за аутизам, развој на сервиси за возрасни лица и зголемување на финансиските средства за научни истражувања.

Ни треба стратегија што ќе трае подолго од еден мандат. Аутизмот не е политичко прашање, туку прашање на човекови права и достоинство. Имаме стручни кадри и потенцијал, но потребна е поголема и посилна институционална поддршка од авторитетите како на локално, така и на национално ниво. Наша цел не е само подигнување на свесноста, туку создавање општество што ќе ги прифаќа различностите и ќе овозможи секое лице со аутизам да го достигне својот максимум“, заклучува проф. д-р Владимир Трајковски.

Да дадеме поддршка, стручно водство и надеж на лицата со аутизам

Секое дете со аутизам носи свој свет во себе – свет кој можеби не секогаш го разбираме, но тоа не значи дека не постои и дека не е вреден, често истакнувам во разговорите со родителите. Најголемата болка не е самата дијагноза, туку чувството на осаменост и неразбирање. Кога едно семејство ќе добие дијагноза, тие не бараат сожалување – бараат поддршка, стручно водство и надеж. Нашата обврска како општество е да им ја подадеме таа рака. Аутизмот не треба да нè плаши, туку да нè научи на трпение, емпатија и прифаќање. Различноста не е слабост – таа е дел од човечката разновидност, вели проф. д-р Трајковски.

Од 2020 година наваму, Македонското научно здружение за аутизам континуирано организира серија едукативни вебинари насловени „Светските експерти за аутизам“, со цел да се овозможи директен пристап на стручната и пошироката јавност во Македонија до најновите научни сознанија и практики во областа на аутизмот. Овие онлајн предавања обединија реномирани научници, клиничари и истражувачи од различни земји, кои ги споделуваат своите искуства и резултати од современи истражувања поврзани со раната дијагностика, интервенциите, образовните пристапи и поддршката на лицата со аутизам во текот на целиот животен век. Вебинарите се наменети за лекари, психолози, дефектолози, наставници, студенти, како и за родители на деца со аутизам. Благодарение на оваа иницијатива, голем број домашни професионалци имаа можност бесплатно да следат предавања од водечки светски експерти и да се запознаат со современите трендови во третманот и рехабилитацијата на лицата од аутистичниот спектар. Оваа активност претставува значаен придонес кон подигање на стручните капацитети и јавната свест за аутизмот во Македонија.

ЖИВКО ЗДРАВКОСКИ

Wednesday, August 26, 2020

Гостување на македонско радио емисија Хрономер - 26.08.2020

Почитувани читатели,

Дозволете ми да го споделам со вас денешното 20 минутно интервју што го имав денес во емисијата „Хрономер“ на македоноското радио, прва програма. Уште еднаш да се заблагодарам на водителката д-р Викторија Бјекиќ за поканата и за интересот што го покажа во врска со неодамна објавениот Прирачник за социјални вештини и позитивно родителство. Со тоа се зголеми бројот на заинтересирани медиуми за прирачникот на МНЗА.

Авторот

Sunday, November 3, 2019

Студентско Мементо - продолжение на приказната

Драги читатели,
Како што веќе објавив на ФБ, на 31 октомври излезе моето интервју за Факултети.мк, а спонзорирано од Пивара Скопје, кое се однесуваше на моите студентски денови. Овде сакам да упатам јавна благодараност на госпоѓата Сребра Ѓорѓиевска и на порталот за покажаниот интерес да бидам и јас дел од нивната мошне популарна рубрика. Беше тоа интересно враќање во времето 25-30 години. Поради ограничеснота на просторот, некои слики со мои драги колеги, другари и пријатели не беа објавени, та заради тоа ја користам оваа пригода да направам уште едно Мементо и да ги споделам сликите со пошироката јавност.
Летните одмори изобилуваа со многу забава, шегобиење, едноставно рај за душата. Сите оние кои ќе се препознаат, сигурно ќе им биде драго и ќе ги наврати во едни многу побезгрижни времиња во периодот 1988-1994 година.




Покрај фудбалот и баскетот кои ми беа главни спортови, често знаевме да отидеме на Водно со цела прва група од Медицински факултет и таму да спортуваме или да пееме на музиката од Александар Мицевски-Аце, кој одлично свиреше хармоника.



Во тоа време се` уште се правеа приватни журки до раните утрински часови. Денес, не сум слушнал дека некој прави приватна забава. Сето тоа изумре некаде во 90-тите години. Алиенацијата е пуштена на максимум. За паметење е предновогодишната забава кај Петрула студентка од Грција во населба Острово кон крајот на декември 1988 година (втората слика).





Апсолвентската вечер заради беснеењето на војната ќе беше нескромно да го прославиме некаде во европските метрополи. Затоа, решивме да славиме 2 вечери (наместо една), доста оригинално решение, каде што јас и Љупка Јолаковска бевме организатори во тогаш новоотворениот хотел Гранит во Охрид. На сликата меѓу апсолвентите едни од ретките професори кои не` удостоија со нивното присуство беа драгите проф. д-р Доцевски (за жал сега покоен) и проф. д-р Кристин Василевска.

,

Во интервјуто за Факултети.мк беше споменато дека кон крајот на студиите Александар и Бети Мицевски решија да стапат во брак со по 24 години возраст (прилично млади, во тоа време ретко кој се женеше на тие години). Ми направија чест со тоа што ме одбраа за старосват, моја прва функција на свадбите дотогаш :)



Ете така сакав да ја завршам приказната, која некако без овие настанаи и слики не ми изгледаше комплетна. Постоеше „опасност" некои пријатели и колеги од тоа време да ми забележат. За жал бројот на слики е мошне ограничен и речиси ова е се` што го имам од тоа време. Датумите на сликите не ги гледајте бидејќи тие се правени специјално за ова интервју и тоа неодамна. Со овој пост сакав и овие слики да ги имам објавено и сочувано на интернет. Секое Мементо буди позитвини емоции на едно прекрасно време, на едни извонредни дружби, на еден копнеж по младоста.

Раскажувачот