Почитуван проф. Трајковски,
Со задоволство Ве информирам дека постапувајќи по поднесена претставката од страна на граѓанин поради неможност за остварување на вработување на неговата ќерка која е лице со аутистичен спектар на нарушување, по подолг период на преземање различни дејства, донесена е измена на Законот за вработување на инвалидни лица со која лицата со аутистичен спектар на нарушување ќе можат да бидат вработени.
Измената е донесена откако поднесовме Иницијатива за измена и дополнување на именуваниот Закон до Владата на РСМ која беше прифатена од Владата, а по што го задолжи надлежното Министерството за социјална политика, демографија и млади да подготви и достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица во насока на додавање на лицата со аутистичен спектар на нарушувања и лицата со други первазивно развојни растројства како инвалидни лица, а со цел остварување на правото на вработување и работа, согласно овој Закон.
Се додека не се донесе нов Закон за вработување на лицата со попреченост кој ќе биде во целосна согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (а кој е во подготовка, но до негово донесување може да помине подолг временски период) оваа измена на актуелниот Закон за вработување на инвалидни лица овозможува лицата со аутистичен спектар на нарушувања да се вклучат на пазарот на труд и со тоа да им бидат достапни поволностите што ги нуди Законот и од него произлезените подзаконски акти, што е од голем бенефит како за самите лица, така и за нивните потенцијални работодавачи. Ова ќе доведе до нивно интегрирање и целосна инклузија на отворениот пазар на труд, препознавање на нивните вештини и потенцијали, подигање на нивото на социјална адаптација, создавање услови за независност и подобрување на квалитетот на нивниот живот.
Подолу е исечокот од Законот кој се однесува на измената:
Во Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/00, 16/04, 62/05, 113/05, 29/07, 88/08, 161/08, 99/09, 136/11, 129/15, 147/15, 27/16 и 99/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 103/21), во член 2 ставот 1 се менува и гласи: „Инвалидно лице, во смисла на овој закон, е лице со оштетен вид, оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидно лице, лице со пречки во интелектуалниот развиток, лице со аутистичен спектар на нарушување и лице со други первазивно развојни растројства и лице со комбинирани пречки кое поради степенот на инвалидност има специфични потреби во работењето.“
Измената на Законот за вработување на инвалидни лица е објавена во Службен весник на РСМ бр.192 од 17.09.2025, што значи дека истата е веќе стапена на сила.
Љубезно замолувам оваа информација да ја споделите со сите оние кои би имале интерес или полза од неа.
Срдечно,
Весна Костиќ Ивановиќ,
Државен советник за следење на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост при Народен правобранител
No comments:
Post a Comment