Sunday, June 28, 2015

Плагијаторството во науката во Македонија

Почитувани колешки и колеги,
Како што напишав пред некој ден на мојот Фејсбук профил дека имам нулта толеранција кон плагијаторство, тоа сакам и да го појаснам со овој блог пост. Имено, колеги и колешки професори на Факултетот за медицински науки имаат направено класичен плагијат на дипломски труд од колешката Билјана Теовска дипломец на Институтот за дефектологија во јуни 2011 година. Авторите Гордана Панова, Л. Николовска, Б. Панова, Н. Панов, Г. Шуманов и С. Јовевска буквално го имаат плагирано дипломскиот труд под наслов ПРЕДИКТОРИ НА ИНВАЛИДНОСТА КАЈ ПАЦИЕНТИ НА ХЕМОДИЈАЛИЗА од Билјана Теовска одбранет во јуни 2011 година на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Сите заинтересирани што сакаат да го погледнат трудот можат да кликнат на погорниот линк.Овие „колеги" тоа го имаат сторено најмалку два пати на конгреси во Фојница (БиХ) и во Охрид (Македонија) на 42-ри октомвриски средби на Здружение на лаборанти и санитарни техничари на Република Македонија.

Ова е флагрантно кршење на принципите на академски интегритет и претставува крајно недолично и непрофесионално однесување на колеги професори кои плагираат студентски труд. Нема ништо посрамно и попонижувачко од ова редовни професори и други колеги целосно да преземат еден дипломски труд. Преземени се цели делови од вовед, методологија, табелите се исти, па дури и печатните грешки кои ги направила кандидатката, како на пример: во табела 2 (дијализана хипотонија) што претставува дно на македонската наука. Препишани се сите први 19 референци кои се идентични како и кај мојата кандидатка. Се прашувам од каде логопед и епидемиолог, на другите професори не им ги знам потесните подрачја имаат врска со пациенти на хемодијализа и тоа во центарот за хемодијализа во Чаир од Скопје? Истите овие колеги дрско и безобразно си го преземаат овој труд како свој и си го наведуваат на сопствените Google Scholar профили што претставува крајно непрофесионален однос.
Почитувани пријатели, ова е срамен чин и треба да бидат „колегите" изнесени пред етички одбор или комитет и таму да добијат соодветни дисциплински мерки. Јас веќе упатив писма до Ректорот на УГД и до Деканот на Факултетот за медицински науки во Штип, од кој експресно добив позитивен одговор дека ќе се заложи за решавање на овој горлив проблем во науката. За жал МОН како најодговорен се уште нема формирано етички одбор како што е тоа го има во Хрватска, на пример.
Плагијатите постоеле и ќе постојат, но наша должност како професори е да стоиме на браникот на науката, да не дозволуваме вакво недолично однесување и да ги учиме нашите студенти на тоа што е исправно во светот на научното објавување, а што не е.
Менторот

No comments:

Post a Comment