Friday, March 28, 2025

Прв колоквиум Хумана генетика поместен - 07.04.2025

Почитувани студенти,

Раководителката на ИСЕР ме информираше дека сте барале одложување на првиот колоквиум. Не ми е јасно зошто сте отишле директно кај неа, а на последното предавање во вторникот воопшто не ми ни спомнавте такво нешто. Вие мора да знаете дека вакви работи прво се решаваат со предметниот наставник, а потоа се оди кај раководител. Не знам што ќе ви сменат 6 денови, но тоа е најмногу што можам да ви одложам, бидејќи од 8 до 11 април имам службено гости од странство, со кои морам да сум по цел ден. Кому му е кусо времето до 7 април, може да си дојде директно на испитот.

Ве информирам дека првиот колоквиум по Хумана генетика ќе се полага на 7 април 2025 година во големиот амфитеатар на ФЗФ со почеток во 8:00 часот. Вие треба да сте најмалку 15-тина минути пред амфитеатарот. Ве замолувам до 30.03.2025 година да ја пополните следната анкета во врска со тоа дали ќе го полагате колоквиумот. Колоквиумот се положува со знаење, а не со ургенции.

ВАЖНА напомена: на 1 април ќе има редовни предавања и вежби!

Ви благодарам за разбирањето!

Предметен наставник

Monday, March 24, 2025

Прв колоквиум ХГ и пополнување анкета - 01.04.2025

Почитувани студенти,

Ве информирам дека првиот колоквиум по Хумана генетика ќе се полага на 1 април 2025 година во големиот амфитеатар на ФЗФ со почеток во 8:00 часот. Вие треба да сте најмалку 15-тина минути пред амфитеатарот. Ве замолувам до четврток 27.03.2025 година да ја пополните следната анкета во врска со тоа дали ќе го полагате колоквиумот. Колоквиумот се положува со знаење, а не со ургенции.

Ви благодарам за разбирањето!

Предметен наставник

Sunday, March 23, 2025

5. предавање ХГ - онлајн - 24.03.2025

Почитувани студенти,

Во договор со студентката А.Б., креирав отворен линк на МТ на кој ќе можат сите да влезат, дури и да имаат проблем со нивните кориснички имиња или лозинки. Замената за пропуштеното петто предавање и вежби ќе се реализираат утре (понеделник) 24.03.2025 година од 8:00 часот на следниот ЛИНК. Доволно е да имате само  интернет конекција и добра волја и може да се вклучите преку било кој интернет прелистувач. За утре предавањата и вежбите е планирано да се реализираат до некаде околу 12:15.

Предметен наставник

Monday, March 17, 2025

Нема одлука за прекин на наставата од УКИМ и МОН

Почитувани студенти,

Во овие тешки мигови за македонската нација, во која сите тагуваме и сме во голем стрес и притисок од немилиот настан, навистина сум непријатно изненаден од е-поштата која што ја добив од вашата колешка дека самоиницијативно сте донеле одлука утре да не дојдете на настава. Претпоставувам дека сите сте ја поддржале и дека таа не ми пишала само во нејзино име или во име на 2-3 студенти. Сакам да ве известам дека и покрај тоа што се денови на жалост, тоа не подразбира недоаѓање на настава и губење на часови. Ја разбирам вашата тага, чемер и гнев, но утрешниот ден требаше да се обидам да ве оттргнам од суровото секојдневие и помалку и психолошки да ви влијаам стабилизирачки, но нејсе, вие самите одлучивте поинаку. Да ве потсетам: НЕ постои никаква одлука за прекин на наставата од страна на УКИМ и МОН. 

Во прилог ја пренесувам во целост е-поштата што ја добив од студентката:

Добра вечер професоре,

Ви пишувам за да ве известам дека утре нема да присуствуваме на вашето предавање, сите се согласија. Се надевам дека ќе не разберете.
Ви благодарам,
Б.“

Намерно го давам иницијалот, а не целото име како што стоеше во потписот на пораката. Првиот колоквиум по предметот ХГ многу брзо се наближува, а вие знаете дека е многу тешко во распоредот да се најде друг термин кој ќе ви одговара, а притоа да се пополнат 7 часови и да се најде и слободна просторија. Чекам предлог за одработување на утрешните загубени часови, во спротивно ќе бидете принудени сами да си го учите материјалот за колоквиумот.
На крајот, еве јавно да изразам најдлабоко и најискрено сочуство до семејствата на настраданите луѓе, а на хоспитализираните да им посакам побрзо опоравување со помалку компликации (иако тоа го сторив вчера преку пост споделен од ФЗФ).

Со почит,
Предметен наставник

п.с. во меѓувреме стигна уште една порака, цитирам:
Почитуван професоре ,

Со договор на сите студенти за утрешното предавање нема да присуствуваме , затоа што сите сме растревожени, чувствуваме одговорност да ве известиме и вас . Се надевам ќе не разберете. Ви благодарам однапред.

Со почит ,
А.Б.