Во сабота 1 јуни нашата генерација 1975-1983 година што заврши осмо одделение во ОУ „Владимир Илич Ленин„ или сегашно ОУ „Гоце Делчев„ во центарот на градот слави 30 години од својата полуматура. Малку е невообичаено ова славење зашто сите прослвауваат годишници од матура. Но ете ние сме едно добро и би рекол хомогено јадро на другари кои не престанаа да другаруваат и по толку години. Успеавме на список од 80-тина ученици да најдаме околу 50-тина кои го потврдија учеството. За жал шестмина се починати, а десетина се во Англија, САД, Канада, Австралија, Германија. Она што е најважно е дека ги обезбедивме нашите први наставнички од прво до четврто одделение Милка Марковска и Десанка Герасимовска. Најбитно е дека се се уште живи и во добра кондиција да се дружат со нас.
Секоја генерација за себе вели дека е најдобра, други пак велат дека се изгубена генерација на Хемингвеј. Но, во нашата генерација навистина излегоа врвни кадри од сите струки: професори, доктори, магистри, градоначалници, успешни бизнисмени, ветеринари, актери, електроинжинери, машински и градежни инжинери, итн знам заборавив некои. Не дека ги немаше и оние кои што не завршија факултет, но тие беа во мал број и со силна социоемоционална интелигенција.
Се присеќавам на нашата полуматура од тоа време во јуни далечната 1983 година. Првиот испит на зрелоста се полагаше, мораше да се заврши со сите петки ако сакавте да запишете силно средно училиште. И тогаш се одеше по купување гардероба, но не во Грција, Турција, туку тука во Скопје. Беа во мода панталони во боја. Знам со мајка ми земавме жолти пантолони во Клуб 77, кошула тробојна жолто, сино и црвено од бутикот Лонѕа и црвени еспадрили од Чако во стара чаршија. Тоа беа незаборавни мигови на шопингување, барем за мене кој сум класичен антишопингаш. Сите се облекуваа така во бои. Сега некој да го облече тоа ќе мислиш дека е излезен од некој демоде филм. Посебно место има во мојата меморија полуматурската вечер која скромно ја прославивме токму во една од училниците на горниот спрат на училиштето. Тогаш не беше возможно на таа возраст да помислиме да одиме по ресторани. Многу убаво паметам дека со „Маршалот„ на Тони „Берза„ направивме одлична забава до раните утрински часови. Се вртеа до бесвест песните на Мајкл Џексон, Лора Брениген, Ајрин Кара, Њу Ордер, Јуритмикс, Дјуран Дјуран,Даниел Поповиќ, Здравко Чолиќ, Бјело Дугме и други. Едноставно бесценето.
Сега останува да си посакаме успешна забава со многу емотивни моменти задутре, бидејќи некои не се виделе меѓу себе и по 30 години, да си посакаме многу здравје и многу вакви прослави во иднина. Беше ова едно убаво мементо, а сега да пуштам една нумера од тоа време Laura Branighan со нумерата Gloria.
Раскажувачот