Сите ја знаете онаа народната поговорка „Пројде дождот, затвори чадорот". Подолго време размислував да го напишам овој пост, само прашањето беше кога да го лансирам на интернет дали сега во екот на летните одмори и да го преземам ризикот да бидам помалку читан или на почетокот на септември. Сепак, се одлучив сега и одма бидејќи моеото трпение е пред крај во контекст на однесувањето на некои мои дипломци и магистранти (веќе завршени). Навистина тешко ми паѓа кога не се завршуваат договорените обврски и преземените активности. Премногу се вложувам себеси во релацијата ментор-кандидат (ако има некој спротивна теза на оваа нека каже одма и овде). Сум жртвувал многу приватни обврски за да им излезам во пресрет на моите дипломци, магистранти и докторанди, за да ги забрзам, за да ја одбранат тезата на време, понекогаш и пред време. Во последната година-две како да не ја добивам возврат таа енергија (овде не мислам на материјалното, туку исклучиво на духовното и на исполнувањето на обврските). Мислам дека не е коректно од страна на поединци што се однесуваат игнорантски кон моите потсетници. Сите мои магистранти и докторанди знаат за обврската која ја договараме заедно кога ме одбираат за ментор, а тоа е дека треба да се објави најмалку еден заеднички труд од нивната теза во која тие би биле први автори, а јас втор. Има некои кандидати кои пред повеќе од една година магистрирале и никаде ги нема да се појават, други пак кои годинава завршиле со обврските како да пропаднаа в земја. Повеќето дури и игнорантски се однесуваат кон моите електронски пошти и воопшто не се трудат да ми пратат некаков одговор, па тој дури и да е негативен, односно да кажат дека не сакаат повеќе да соработуваат со мене. Во последно време и моите дипломци почнав да ги стимулирам за учество со апстракт на некоја од регионалните конференции. Пред шест дена на две дипломки им пратив електронска пошта, на четири дипломци вчера и замислете си, се` уште немам добиено никаков одговор. Некој ќе рече што сака професоров кога е сред лето, па некој не проверува пошта преку Интернет, време е за одмори, за релаксација до бесвест. Не верувам дека е така бидејќи доста од конкретните примери активно постираа на социјалните мрежи деновиве. Обврска на секој дипломец, а особено на секој магистрант и докторанд е да објавува трудови за сопствена промоција, за промоција на македонската наука и слично. Титулата магистер на науки подразбира научно звање, а тоа пак од своја страна подразбира видливост во науката преку објавување на трудови и преку цитирање на тие трудови. Во науката не постои терминот летен одмор или распуст. Ако некој си мисли дека мене многу ми требаат тие трудови, ќе го потсетам дека јас сум редовен професор и дека за 5 години ми следи уште еден реизбор, во кој поени ќе имам доволно и тоа од одржување на редовната настава, пишување учебници, уредништвото на ДТП/JSER, дејностите во МНЗА и слични општествени активности. Затоа, драги мои помлади колеги ова време што го губам чукајќи ги овие редови е исклучиво наменето во насока да ве освестам дека треба да објавувате стручно-научни трудови во регионални и интернационални списанија. Можеби е веќе време да почнам да размислувам како услов за одбрана на магистерскиот или докторскиот труд да го поставувам условот прво објавен труд, па потоа јавна одбрана, но тоа во многу ќе им го оддолжи завршувањето на обврските, затоа што објавување на сериозен труд во сериозно списание понекогаш трае 1-1,5 година. Па кому му чини нека ме бира, кому не му чини нека оди кај другите колешки и колеги. Свесен сум дека така ќе ми се намали бројот на кандидати, но не е се` во квантитетот секогаш нели? Барем така ќе знам дека работам со вистински млади научници кои магистрираат и докторираат заради науката, а не заради тубата која ќе ја стават во некоја фиока или ормар.
Почитувани млади дипломци, магистранти и докторанди (поранешни, сегашни и идни) морате најдобронамерно да го сфатите овој мој пост, сериозно да се испотите на терен и пред компјутер, да почнете да пишувате стручни и научни трудови и да ги објавувате во списанија со фактор на влијание, ако ништо друго МОН вчера го објави новиот конкурс за доделување на 30.000 денари за објавен труд во списание со фактор на влијание. Значи еве ви и материјална стимулација, покрај онаа духовната. Друга причина е да го поткренеме рангот на државата која се наоѓа на 94 место на SCImago Country Rank листата. По нас на 95 место е Зимбабве. Во надеж дека сериозно ќе ме сфатите и веднаш ќе го поправите вашиот однос кон науката и кон вашиот доскорешен ментор, за некои сегашен и иден, срдечно Ве поздравувам.
Менторот
No comments:
Post a Comment