Би сакал малку да се осврнам на трибината за аутизам под наслов „Аутизмот и неговите предизвици во нашето општество" што ја организиравме со колешката Александра Апостолова изминатата сабота во општина Охрид. Пред повеќе од еден месец, сосема спонтано на Фејсбук се договоривме дека би требало и во Охрид да се одржи слична трибина на тие две што ги одржав во Штип во периодот 2011-2014 година. Имавме безброј комуникации за да добро се подготвиме за 12 март. Со колегите од МНЗА во Скопје сме имале многубројни вакви организации, но овој пат поради далечината не можев да сметам на нивната помош. Колешката Апостолова не е член на МНЗА и да бидам искрен никогаш не сум организирал вакви настани со неа. Не бевме 100% сигурни дека токму во сабота напладне (време за одмор и уживање) можеме да ја наполниме големата сала во општина Охрид. Колешката која ја имаше улогата на модератор се покажа како одличен организатор и познавач на состојбите во нејзиниот град. Без многу напрегање успеавме да анимираме околу 120 гости кои дојдоа и несебично одвоија 2,5 часа од нивното слободно време. Во оваа пргиода сакам уште еднаш да и се заблагодарам за несебичното залагање и изнаоѓањето на спонзори без кои не можеше да се реализира овој настан. Програмата и спонзорите на кои од се` срце им благодарам можете да ги видите на долунаведениот постер.
Добредојде на гостите им посака заменик градоначалникот господин Ангел Јанев кој ги запозна присутните со активностите на општината и најави скорешно отворање на дневен центар наменет за деца со аутистичен спектар на нарушување. Потоа, збор зеде господинот Томислав Бакулески во улога на родител на две деца од спектарот. Во емотивен говор, растеретен од предрасуди ги запозна присутните каков е животот со деца со аутизам. Мошне интересен говор имаше и пратеникот во собранието на РМ господин д-р Сашо Василески кој во улога на претседавач на интерпарламентарната група со лица со посебни потреби ги запозна учесниците на трибината со активностите кои ги прави оваа значајна група која брои 46 пратеници. Вредно за акцентирање е неговата најава за голем центар за дијагностика, третман и рехабилитција на лица со АСН кој треба да се отвори во 2017 година во населбата Козле во Скопје. Како последен, земав збор јас во улога на предавач и во времетраење од 70 тина минути ги запознав присутните со сите аспекти на аутизмот. Мојата презентација ја снимаше снимател од регионалната телевизија О2. Слајдовите од презентацијата можете да ги погледнете на следниот линк. Доколку некој е заинтересиран за фотогалеријата, истата може да ја погледне овде. На крајот од предавањето бев мошне пријатно изненаден од господинот Зоран Мијалков, член на претседателството на новото здружение „Сплотен срца" кој ми врачи признание за моите залагања во изминатите 17 години со децата и лицата на оваа ранлива популација. Целиот настан беше проследен со голем интерес од медиумите и порталите со што се покажа врвната зрелост на новинарите од тој регион во подигнувањето на јавната свесност за овој горлив проблем. Порталот Ohridnews беше и медиумски спонзор на настанот. Голем интерес за настанот покажаа и О2 телевизија и ТВМ телевизија. На ТВМ имав можност и да дадам речиси едночасовно интервју во емисијата Медика инфо со новинарката Ирена Трајкоска. Други информации за трибината од други портали и медиуми можете да видите тука.
На крајот, беа тоа одлично поминати два дена во балканскиот бисер, каде имав можнсот да се видам уште еднаш со некои мои студенти и завршени колеги, да разменам искуства со заменик градоначалникот и пратеникот, да се поздравам со некои родители кои одамна ги немав видено. Уште еднаш големо благодарам до сите активни и пасивни учесници, спонзори, медиуми и сите оние кои направија минатата сабота да биде патоказ како се работи на подобрување на квалитетот на живот на овие деца и лица со АСН.
Претседател на МНЗА
No comments:
Post a Comment