Monday, May 26, 2014

Некои напомени за моите дипломци

Драги мои Дипломци,
Се ближи јуни и чувствувам потреба да ви се обратам и да ви дадам некои напомени. Досега бевте зафатени со полагање на вторите колоквиуми, а некои од вас може и ќе имаат испити, но јуни месецот во кој многумина од вас сакаат да дипломираат е на дофат и тој се приближува со голема брзина. Доколку сакате да дипломирате во јуни, ќе мора да забрзате во шеста брзина. Да се жртвувате од многу овоземски добра, како киснење на ФБ, излегување по кафиња, дружби и слични работи кои ќе ви ја одзмеаат концентрацијата, енергијата и времето. Доколку сакате да браните дипломска работа во јуни ќе треба најдоцна до 10 јуни да ми ја предадете првата верзија, а зошто да не и порано? Доколку немате најдено статистичар, ќе можам јас да ви препорачам колешка која ќе ви ја изработи за 2000-3000 денари зависно од обемот на работа. Очекувам коректно завршено истражување без штимање на резултати и без плагијати. Цитирањето оди по Ванкуверски стил, погледнете го линкот каде ви се дадени примери за цитирање и наведување литература.Обемот на дипломскиот труд не треба да надминува 50 страници од кои една третина отпаѓа на теоретскиот ден, а другите две третини на истражување, дискусија, заклучоци и препораки. Презентацијата во програмите power point, Prezi и слично не треба да содржи повеќе од 20-25 слајдови и треба да се подготви во времетраење од 20 минути. Не е лошо да стапите во контакт со некои мои поранешни дипломци и од нив да добиете дополнителни сознанија. Одбраните на вашите дипломски трудови ќе се движат од 20 до 30 јуни, со можност за мали поместувања некој ден понапред или понатаму. Доколку сакате да видите урнек на дипломски труд, на овој блог, вчукајте го во полето за пребарување зборот „дипломски„ или „дипломска„ и ќе излезе некој труд. За жал од почетокот на мај не е во функција мојот стар блог каде што имаше мноштво на добри дипломски трудови. Сите оние кои нема да стигнат да ги завршат своите истражувања во јуни, нека не очајуваат еве го август и септември. Ништо страшно. Доколку сакате највисока оцена мора да опстоите на овие барања. Ви стојам на располагање за сите дополнителни прашања.
Срдечно,
Менторот

No comments:

Post a Comment