Sunday, March 4, 2018

Фер плеј со студентите

Почитувани посетители намерни и случајни,
Решив да напишам неколку збора за мојот однос кон студентите, кој некому е добро познат, а некои уште се чудат, а некои го злоупотребуваат. Уште од првиот ден на ФЗФ, а тоа беше на први септември 1997 година решив да се поставам фер плеј кон нив, бидејќи поинаку и не знам. Однапред им ги кажувам правилата на игра на првиот час. Знам, некои ќе речат лествичката ти е високо поставена, но што да правам кога така сум воспитуван и дома и на мојот матичен Медицински факултет, каде што во периодот 1988-1994 година имаше доста строгост и многу учење и само учење. Ова е невозможна мисија за некои студенти денес, бидејќи времето во кое живеееме е време на превртени критериуми, лажни големини и прмашени идеали. Знам дека многумина не ме сакаат заради честото пишување на петки, но и не мора да ме сакаат, нека си ги сакаат нивните родители и нивните ближни. Многу злонамерни колеги и колешки во текот на кариерата ми го повторувале тоа „дека студентите не ме сакаат", но еве и да претпоставиме дека е така, во тој случај студентите едноставно мора да ме почитуваат. Ќе речете зошто? Па заради мојата искреност кон нив. Денешните студенти, не можете да ги мамите, тие се итри, вешти, брзо ги препознаваат професорите фолиранти. Никогаш не сум ги мамел и затоа мислам дека би требало да ме почитуваат. Секогаш сум бил точен и прецизен со нив и уште истиот ден по колоквиумот или испитот ги добивале резултатите, причина повеќе за почитта која треба да ја имаат. На првиот час им биле поставувани правилата на игра и кој студент/ка се придржувал кон нив добивал високи оцени, кој не се придржувал бил враќан по неколку пати. Да не ви спомнувам за мојата достапност за нив речиси во секое време на денот, за безбројните комуникации на скајп, ФБ месинџер, е-пошта, консултации и други начини. Ако не ми верувате мене прашајте ги стотината мои дипломци, магистранти и докторанди, на кои сум им бил ментор. Често пати во денешно време студентите сакаат да го положат испитот со малку труд, а тоа кај мене тоа не е можно и тогаш имаат проблем, не со мене, туку со неможноста или несакањето попосветено да му пријдат на испитот. Можат да ми забележат за се` и сешто, но за професионалниот однос кој го имам со нив не би требало. Кај мене немаат пропуштено ниту еден час, никогаш не ме чекале да сум им најавел дека ќе дојдам, а јас да им доцнам. Илјадници линкови од едукативни видеа споделени на блог и ФБ, прецизно информирани за се` што треба да го научат. Секогаш сум им пристапувал посветено, можеле да ме прашаат и за медицински совет како доктор и тоа често го правеле. Иако не сум бил платен за тоа, јас секогаш сум им го давал без да очекувам нешто за возврат. И пак по сето ова кога ќе видам студенти кои немаат „ни благодарам", ни трунка почит за тоа што сум го сторил за нив во нивните кариери ми паѓа малку тешко на душата, но ќе преживеам... :)
Да резимирам и покрај сите озборувања, непочитувања, негативни „удари" кои сум ги добивал и од горе и од долу, јас ќе продолжам да играм фер плеј со студентите, оти така сум скроен. Кому му одговара да игра со мене е добредојден, кому не му одговора „нека му е широко гламочкото поле". :)
Професорот

No comments:

Post a Comment