Tuesday, December 25, 2018

Најчести грешки во изработката на семинарските трудови - 2018

Драги студенти од двата института,
Сакам да ви укажам на најчестите грешки кои ги правите за да биде и добар водич за студентите од идните генерации. Инаку, за 10 дена успеав да прегледам 115 семинарски трудови и 29 обработки на стручни трудови. И тоа не е се`, во наредните две седмици ќе имам уште доста работа како некои од вас би можеле да ги освојат тие „волшебни" 15 ЕКТС поени. Многу малку од вас го отвориле водичот за изработка на семинарски труд на овој блог. Тоа е голем проблем, бидејќи не ги почитувате моите насоки и потоа освојувате мал број на поени. Најголемата грешка е што 95% од вас не цитираат (особено дефектолозите), што се смета за плагијат. Некои препишуваат цели делови од мојата книга, а тоа не е поентатата, туку треба да се консултира дополнителна литература и таа да се објасни со свои зборови. Треба да имате цитирано најмалку 6 референци, а некои од студентите користат само 2-3. Семинарскиот труд треба да има 10 страници, но за некои од студентите  има од 12-14 страници. Од технички аспект не се користи фонтот, проредот, изедначувањето на маргините што е посочено во водичот. Сликите често се неозначени без легенда што тие значат. Некои студенти воопшто не ставаат слики за илустрација. Често пати пишувате за патологија и патофизиологија на одредени болести, а тоа не се бара од вас. Понекогаш заклучоците се несоодветни за пишуваниот текст, а кај некои и воопшто нема заклучок. Веб страниците ви се наведени само како линкови без притоа да се наведе кој е авторот, насловот на страницата и сл. Во литература прво се пишуваат авторите на делото без титули, па насловот, па град, издавач, година, итн. Само да сте ги отвориле моите книги ќе сте виделе како се ннаведува литература. Малкумина ја имаат целосно промашено темата. Поради сите овие недостатоци може да имате од 1 до 9 поени, а само три студентки од Институтот за психологија успеаја да освојат 10 поени. Им честитам во оваа пригода. Забележете ги овие недостатоци и грешки и не ги повторувајте во вашите идни семинарски трудови, особено студентите од Институтот за дефектологија кои ќе треба да прават семинарски по ХГ и МОИ. Семинарски труд не се купува на пазар, семинарски труд не се прави „за да помине редот". Семинарски труд се прави со голема љубов, посветеност, трошење време, консултирање на многу литература (една од студентките што има 10 поени консултирала 13 референци).
Во однос на обработката на труд, ви пишав некои напомени пред некој ден на овој блог. Главно е дека треба да има цели 2 страници со единечен проред и на крај задолжително правилно да биде наведена референцата која треба да биде на еден од светските јазици и да биде од стручно и научно списание, а не извадок од книга или учебник.

Предметен наставник

No comments:

Post a Comment