Сакам со вас да го споделам мојот прв објавен труд во стручното и научно списание Македонски медицински преглед. Беше тоа во далечната 1996 година. Средината на 90-тите еден убав и среќен период од мојата кариера. Во џебот имав многу малку пари бидејќи бев волонтер, но живеев многу посреќни побезгрижни денови. Како вчера се присеќавам кога во октомври 1995 година ги запишав моите постдипломски студии на Клиниката за нефрологија и тогаш го направив трансферот од Клиниката за тораковскуларна хирургија на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје за неверојатни 0 евра. :) Од клиника каде имаше многу рутина и каде асистирав на операции преминав на клиника каде во тоа време се негуваше научната работа. Ни помалку, ни повеќе директно во единицата за интензивна нефролошка нега каде имаше најмногу работа, каде беа најтешките случаи и каде често некои завршуваа со летален исход. Катадневно се правеа записи за прием на болниот, исписи, повремено реанимации, пациенти кои често колабираа заради хемодијализата. Во тоа време раководител на „интензивна" беше проф. д-р Кочо Чакалароски, професор со енциклопедиски знаења во медицината. Тоа подразбираше дека треба да имам уште поголема одговорност кон работата. Покрај секојдневната рутинска работа и честите заглавувања до 17-18 часот, иако работното време беше до 15:00 часот се впуштив во пишување на првиот заеднички труд со него и со група автори кои ќе ги видите во трудот. Подоцна тој ми беше и ментор за мојот магистерски труд кој го одбранив во март 1999 година и од него научив многу работи во медицината и затоа му благодарам во оваа пригода. Трудот носи наслов: Успешно привремено екстерно стимулирање на срцевата акција кај болен со ексцесивна хиперкалемија, во кој презентираме успешно лекуван пациент на кој му претеше лош исход. Оттогаш наваму имам објавено преку 90 стручно научни трудови in extenso во домашната и странската периодика и сето тоа претставува една убава 22 годишна историја на академско публицирање. Доколку сакате да го прочитате или симнете трудот кликнете на погорниот линк. Благодарарение на репозиториумот на УКИМ и овој труд е достапен за поширока публика во отворен пристап.
Раскажувачот
No comments:
Post a Comment