Showing posts with label репозиториум. Show all posts
Showing posts with label репозиториум. Show all posts

Thursday, January 10, 2019

Серија публикации со драги дипломци и постдипломци

Драги колешки и колеги,
Во наредниот период решив да направам серија на постови во кои ќе прикажам мои коавторски трудови со драги дипломци и постдипломци. На овој начин сакам да им направам промоција во стручната и научната јавност во Македонија и пошироко, а во исто време сакам да стимулирам некои други кои досега не биле охрабрени да објават труд или да ги стимулирам идните дипломци и постдипломци. Ќе започнам без некој значаен редослед на важност, туку онака како што ми се распоредени во репозиториумот на УКИМ.
За денес го предвидов трудот објавен заедно со м-р Милена Илиќ Пешиќ под наслов: Квалитет на односот меѓу браќа и сестри кај семејства што имаат дете со аутизам. Овој труд беше објавен во зборникот на трудови од конференцијата по повод 20 години постоење на Институт за дефектологија, конференција која се одржа во Охрид во октомври 2013 година. Инаку, колешката Илиќ Пешиќ е многу вреден дефектолог, вработена во Куманово и моментно е на докторски студии на Институтот за педагогија при ФЗФ. Трудот е произлезен од нејзиниот магистерски труд кој успешно го одбрани на нашиот инситутот под мое менторство.
Коавторот

Sunday, December 2, 2018

Мојот прв труд

Драги читатели,
Сакам со вас да го споделам мојот прв објавен труд во стручното и научно списание Македонски медицински преглед. Беше тоа во далечната 1996 година. Средината на 90-тите еден убав и среќен период од мојата кариера. Во џебот имав многу малку пари бидејќи бев волонтер, но живеев многу посреќни побезгрижни денови. Како вчера се присеќавам кога во октомври 1995 година ги запишав моите постдипломски студии на Клиниката за нефрологија и тогаш го направив трансферот од Клиниката за тораковскуларна хирургија на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје за неверојатни 0 евра. :) Од клиника каде имаше многу рутина и каде асистирав на операции преминав на клиника каде во тоа време се негуваше научната работа. Ни помалку, ни повеќе директно во единицата за интензивна нефролошка нега каде имаше најмногу работа, каде беа најтешките случаи и каде често некои завршуваа со летален исход. Катадневно се правеа записи за прием на болниот, исписи, повремено реанимации, пациенти кои често колабираа заради хемодијализата. Во тоа време раководител на „интензивна" беше проф. д-р Кочо Чакалароски, професор со енциклопедиски знаења во медицината. Тоа подразбираше дека треба да имам уште поголема одговорност кон работата. Покрај секојдневната рутинска работа и честите заглавувања до 17-18 часот, иако работното време беше до 15:00 часот се впуштив во пишување на првиот заеднички труд со него и со група автори кои ќе ги видите во трудот. Подоцна тој ми беше и ментор за мојот магистерски труд кој го одбранив во март 1999 година и од него научив многу работи во медицината и затоа му благодарам во оваа пригода. Трудот носи наслов: Успешно привремено екстерно стимулирање на срцевата акција кај болен со ексцесивна хиперкалемија, во кој презентираме успешно лекуван пациент на кој му претеше лош исход. Оттогаш наваму имам објавено преку 90 стручно научни трудови in extenso во домашната и странската периодика и сето тоа претставува една убава 22 годишна историја на академско публицирање. Доколку сакате да го прочитате или симнете трудот кликнете на погорниот линк. Благодарарение на репозиториумот на УКИМ и овој труд е достапен за поширока публика во отворен пристап.
Раскажувачот

Saturday, November 24, 2018

Дигитален репозиториум на УКИМ

Почитувани колешки и колеги, драги пријатели,
Со особено задоволство сакам да ве известам дека почна да функционира дигиталниот репозиториум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Имено ова е моја дамнешна идеја. Кога пред отприлика 6 години му споменав на тогашниот декан на ФЗФ и една година подоцна на тогашниот продекан, а сега декан на ФЗФ, дека ФЗФ треба да има дигитален репозиториум по примерот на Медицинскиот и Филозофскиот факултет од Загреб, некако како да се немаше слух, време и веројатно финансии за таа идеја. Некаде кон почетокот на 2017 година УКИМ ја презема таа иницијатива да направи дигитален репозиториум за сите свои членки и го назначи нормално ФИНКИ за реализатор на оваа идеја. Еве речиси по две години го имаме и резултатот. Овде би сакал да се заблагодарам на сите одговорни лица во ректоратот на УКИМ, на проф. д-р Боро Јакимовски координатор од ФИНКИ за целиот проект и проф. д-р Војислав Саракински, координатор од ФЗФ за овозможениот пристап и за досегашната соработка. За 3-4 дена од добивањето на привилегиите да можам да поствувам трудови поставив преку 75 мои авторски и коавторски трудови, брошури, го поставив мојот докторат од декември 2002 година и две магистерски тези во кои сум ментор. Ќе биде ова одлична можност да се видат мои поранешни трудови онлајн. Исто така ќе биде ова одлична можност за промоција на нашите трудови и на трудовите на нашите помлади колеги со што се зголемува видливоста на истите. Зголемената видлиовст ќе води кон зголемена цитираност, а тоа би требало да води до скок на ранг листите на светските универзитети. До репозториумот ќе може да пристапите преку следниот линк. Таму ќе видите линкови до сите факултети, единици на УКИМ, а моите трудови ќе ги барате кај Филозофскиот факултет во разни категории ако што се: научни трудови, трудови од конференции, монографии, тези и слично. Ви посакувам пријатно читање, слободно симнување и задолжително цитирање. Во спротивно ќе бидете плагијатори како една колешка од Штип. :)
Репозитарот