Thursday, April 30, 2020

Онлајн сервис за поддршка на деца со аутизам и нивните семејства

Како реакција на пролонгираната ситуација со рестриктивните мерки за спречување на ширењето на КОВИД-19, активностите од Autism Social Skills and Positive Parenting (ASP) програмата се префрлаат онлајн. Во партнерство со УНИЦЕФ и со поддршка од Амбасадата на Обединетото кралство, Македонското научно здружение за аутизам започнува со обезбедување на специјализирана онлајн поддршка за деца со аутизам и нивните семејства.
Во рамки на ASP програмата, нашиот тим од специјални едукатори и логопеди ќе испорачува индивидуализирани едукативни услуги за поддршка на социјалниот развој на децата со аутизам и промовирање позитивни родителски практики.
Нашиот пристап се заснова на разбирање на предизвиците на детето и семејството. Свесни за потребата од воспоставување рутина за децата со аутизам и обезбедување соодветни адаптации во околината и начинот на подучување, развивме дигитални материјали кои овозможуваат индивидуално скроена компензаторна поддршка во едукативниот третман.
Поддршката која ја обезбедува нашиот стручен тим е насочена кон организација на просторот, социјална поддршка, комуникациска поддршка и бихејвиорална поддршка. Исто така, алатките ќе ги поддржат и родителите на децата со аутизам во примената на позитивни родителски практики, базирани на разбирање на однесувањето на детето, негово ефикасно менаџирање и превентивно делување.
Услугите се испорачуваат бесплатно. Повеќе информации за сервисот може да добиете на тел: 078 346-565 секој работен ден од 9 до 18 часот. Повелете закажете термин.

ИО МНЗА

Tuesday, April 28, 2020

Вебинар по повод 2 години ЈРТДД

Почтиувани колешки и колеги, драги пријатели,
Сакам да ве известам дека по повод 2 години од списанието ЈРТДД во четврток на 30.04.2020 година на мојот јутјуб канал ќе одржам 30-40 минутен вебинар во кој ќе ги споделам искуствата и постигнувањата ова списание. Вебинарот ќе започне во 11:00 часот. Ве поканувам доколку сте слободни, да ми се придружите.



Главен и одговорен уредник на ЈРТДД

Monday, April 27, 2020

11-то предавање ХГ - 28.04.2020

Почитувани студенти,
Утрешното 11-то предавање по Хумана генетика ќе се одржи на платформата Микрософт Тимс со почеток во 08:30 часот. Ве очекувам сите што го имате запишано предметот во летниот семестар во 2020 година.
Предметен наставник

Sunday, April 26, 2020

2 години списание ЈРТДД

Почитувани читатели,
Денес, 26 април 2020 година се навршуваат точно две години од како бев назначен за глаевн и одговорен уредник на списанието Journal for ReAttach Therapy and Developmental Diversities. Издавач на списанието е ReAttach Therapy International Foundation од Холандија, а од поново време се вклучи и Македонското начно здружение за аутизам. Морам да признаам дека ова беше одлична валидација на моите претходни 15 годишни напори како главен и одговорен уредник на списанието Дефектолошка теорија и практика во која несебично го вложував својот труд и знаење во неговиот растеж. За овој втор роденден подготвивме интересна Прези презентација за што и благодарам на техничката секретарка Андреа Ивановска за техничката изведба на истата. Благодарност секако заслужува и веб администраторот Ѓорѓи Поп Ѓорѓиев со кого деноноќно работиме на подобрување на функционалноста на веб страницата, ажурирање на нови информации, итн. На крај бескрајна благодарност заслужуваат издвачите Паула и Фредерик Веркамп Бартоломеус кои несебично вложуваат сопствени финансиски средства во развој на ова ново електронско списание. 
Ние продолжуваме натаму со многу жар, љубов и посветеност да го градиме ова интернационално списание. Идејата е да биде што повеќе читано, цитирано и да привлечеме атрактивни автори од целиот свет. Доколку сте заинтересирани да ги видите нашите двогодишни успеси, ве молам кликнете на погорниот линк Прези презентација.
Нека ни е честит вториот роденден!

Главен и одговорен уредник на ЈРТДД

Monday, April 20, 2020

10-то предавање ХГ - 21.04.2020

Почитувани студенти,
Предавањето по Хумана генетика ќе се одржи утре (вторник) 21.04.2020 година со малку изменет термин во 11:00 часот и тоа на платформата Микрософт тимс. Мислам дека проблемите од минатата седимица се надминати. Измената во часот се однесува само за утрешниот термин.
Предавањата се задолжителни за сите студенти.
Предметен наставник

Wednesday, April 15, 2020

Повлековме наш труд од хрватско списание заради пежоративноста на придавката „северна“

Почитувани колешки и колеги, драги пријатели,
Со голема доза на разочараност сакам да ви соопштам дека пред малку повлековме труд заедно со потпретседателката на МНЗА и со уште една моја дипломка. Имено уште во септември го поднесовме трудот посветен на аутизмот и индивидуалното насочено планирање. Ги поминавме сите рецензии и кога дојде до објавување, вчера не` информираа дека сме морале да ја прифатиме придавката „северна“ покрај нашето вековно име Македонија. Покрај моите објаснувања во неколку наврати дека ние имаме право на самоопределување, дека може да се користи скратениот назив Македонија, дека хрватскиот народ нам ни е „братски“ и дека тие не се обврзани на сложеното име, сепак го добив следниот одговор кој изворно на англиски ви го пренесеувам.


„Dear Prof. Trajkovski,

we understand your emotions but you ask us for something that you do not even apply – I checked your University website http://www.ukim.edu.mk/en_content.php?meni=59&glavno=10 and there stands Republic of North Macedonia. HRRI is not a political journal, but the Editorial Board must act on legal issues independent of our privat opinion.
We had this situation on the last number of the journal and the Editiorial Board already addressed this issue to the Faculty Menagement – the Menagement opinion is that we have to use the official name of the state only and in this case that is Republic of North Macedonia. Therefore, we have to use that name at least in the title of your article and in your affiliation. I hope you will accept this compromise solution.
Best regards,
Jelena“

Во продолжение е и мојот одговор од пред малку за кој сметам дека нашата стручна и поширока јавност треба да биде запознаена. Само вака можеме да се бориме против неправдите од јужниот сосед и целата таа меѓународна заедница која сака да не` обезличи. Во продолжение мојот одговор.

Respected Assoc. Prof. Kuvach Kraljevic,

I am so sorry but we are not ready for compromise. The name of the country is not an issue for compromising. Your offer is not acceptable for us. With a great dose of disappointment, I am informing you that we are withdrawing the article and we will immediately submit it in another journal. We waste seven months with HRRI for nothing. I am informing you that I will never submit an article in Croatian Review for Rehabilitation Sciences due to your discriminative and pejorative attitudes to me and my country. If the editorial office will change its policy I will probably remind myself.
Best regards from Macedonia,

Во ноември откажав конференција во „братска“ Србија, еве сега и труд од „братска“ Хрватска. Мораме да останеме конзистентни на своите ставови, бидејќи само така ќе можеме да го сочуваме нашиот идентитет. Трудот ќе биде веднаш поднесен во друго странско списание. Можеби изгубивме 7 месеци, но го сочувавме дигнитетот и образот.
Македонија вечна
Претседател на МНЗА

Tuesday, April 14, 2020

Деветто предавање ХГ - 14.04.2020

Почитувани студенти,
Деветтото предавање по предметот Хумана генетика заради проблеми во Мајкрософт Тимс платформата ќе се одржи денес со почеток во 08:30 часот преку мојот Јутјуб канал. Вие сте должни да го пријавите вашето учество во коментарите. Ќе одиме со три часа (три посебни видео клипови) со паузи меѓу часовите од по 10 минути.
Предметен наставник

Tuesday, April 7, 2020

Четврт вебинар на проф. д-р Владимир Трајковски - Етиологија и патогенеза на АСН

Почитувани колешки и колеги, драги студенти, родители,
Вашите прегледи (до овој момент 288) на мојот последен вебинар од 02.04.2020 ми даваат пријатна обврска и задоволство да продолжам со вебинарите во овие времиња на изолација. Искрено се надевам дека наоѓате по нешто корисно во нив и учите некои нови работи кои не сте ги знаеле досега. За следниов четврток 09.04.2020 ви го најавувам најновиот вебинар со наслов: „Етиологија и патогенеза на аутистичен спектар на нарушувања“. Инаку ова е првиот вебинар што го имам одржано во мојата кариера пред 2 години кога немаше изолации и тоа за колеги доктори од универзитет во Индија. Овој пат тоа предавање ќе биде на македонски јазик, се разбира. Се гледаме задутре на мојот канал.
Претседател на МНЗА


Saturday, April 4, 2020

Онлајн настава по Хумана генетика преку Microsoft Teams - 07.04.2020

Почитувани студенти,
Како што веќе објавив вчера во вашите ФБ групи наставата по предметот Хумана генетика од вторник 07.04.2020 ќе се одвива преку програмот Microsoft Teams кој што треба да го сименте на вашите компјутери, таблети или мобилни уреди. Има опција и онлјан, но мислам дека е подобро да го симнете програмот. Предавањето ќе започне во 09:00 часот. Ве молам бидете точни како и секогаш. Вие вчера добивте и други напатствија од страна на деканатот на ФЗФ. Предавањата се задолжителни за сите студенти од прва година и за оние од втора година кои го презапишале предметот. Еве овде ќе повторам некои напомени:
  1. Пријавувањето за оние кои немаат пристап во сервисите на УКИМ се врши на страницата https://servisi.ukim.mk/.
  2. Начинот детално ви е објаснет во видео прилогот https://www.youtube.com/watch?v=AAL23pVUiT4 (Upatstvo za najava na e-servisite na UKIM), за дознавање на корисничко име/студентска e-mail адреса и промена на лозинка.
  3. Инсталирајте ја платформата преку https://products.office.com/en-ww/microsoft-teams/download-app#desktopAppDownloadregion
  4. Отворени се сите сметки на студентите на Филозофскиот факултет. Сите се со име ime.prezime@students.fzf.ukim.mk.
  5. Доколку имате проблеми со инсталирање на desktop апликацијата Teams, користете ја web верзијата
  6. Во текот на Online предавањето сите студенти да бидат на Mute, по предавањето може да се вклучите во интерактивен контакт со мене и да поставувате прашања.
Предметен наставник

Thursday, April 2, 2020

2 април 2020 - WAAD

Почитувани колешки и колеги, драги пријатели,
Како што знаете денес е меѓународниот ден за подигнување на свесноста на аутизмот. Оваа година поминува во знакот на тешката Covid-19 вирусна инфекција. Во прилог можете да ја видите пораката од генералниот секретар на ОН г-дин Антонио Гутереш. Ние како МНЗА во изминатите години сторивме доста работи за да го одбележиме овој ден и да дадеме поголемо значење на лицата со аутистичен спектар на нарушувања во македонското општетство. Оваа години од разбирливи причини ќе бидеме присутни на социјалните медиуми и доколку се укаже потреба подготвени да дадеме изјави за мас медиумите. Досега наши членови дадоа неколку интервјуа за пишаните медиуми. Јас како претседател во 11:00 часот на мојот Јутјуб канал ќе го одржам третиот Вебинар во низа посветен на аутизмот под наслов: „Аутизмот во Македонија - актуелни состојби, дилеми и предизвици“. Ние продолжуваме да работиме на проектите кои ги започнавме, имаме и нови предизвици со Covid-19 вирусот, работиме на брошурата финансиски поддржана од канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија, а во мај ќе ја прославиме 20 годипнината од нашето постоење. Следете не` на социјланите медиуми: Facebook, Twitter: @AutismMacedonia, Linkedin, Instagram: @mssaautism, YouTube: Macedonian Scientific Society for Autism.
Останете дома! Останете во добро здравје!
Претседател на МНЗА